Фармацевти
Контакт

<< Назад

ТОПЛИНАТА НА ДОМОТ

ноември 1, 2019

Подгответе се за празниците

 

Наближува сезоната на празници и многумина од нас ги украсуваат своите домови со рачно направени украси, кои, исто така, може да бидат и прекрасен подарок за некое драго лице.

 

Автор Светлана Сушиќ

 

Студеното време во комбинација со кратките денови може да доведе до потиштетност и нерасположение. Во таквите случаи секогаш е корисно да се пронајде за себе некоја забава и да се посветиме на украсување на домот. Светлината од свеќите има речиси магично дејство и за момент прави нашиот дом да изгледа посвечено и поромантично. Дури и најобичните свеќи лесно може да станат убав подарок или украс на домот доколку употребиме малку фантазија и вложиме малку труд и вештина.

 

Потребен материјал

Најдобро е да се купуваат свеќи од проверени места, од мајстори кои имаат традиција во нивна рачна изработка. Тие обично користат квалитетен восок и фитили кои побавно горат, па така изработената свеќа е гарант дека долго ќе уживате во нејзината треперлива светлина. Пиштол за лепење пластика е корисна алатка која би требало да ја поседува секој кој е склон кон мајсториите направи сам. Алтернатива на оваа алатка е двострано леплива силиконска лента. Сè што уште ви е потребно се украсни ленти во разни бои, тантела, коноп, цвеќе, свежо или суво,  ако не сакате украсот да биде атракција за една вечер, ножички и вешти прсти. Фантазијата се подразбира.

 

Како да почнете

Отсечете ја лентата со тантела во должина потребна да ја опфати свеќата, но оставете два до три сантиметри вишок за лепилото да може фино да ја фиксира лентата. Со помош на пиштолот за лепење пластика фиксирајте еден крај од лентата за свеќата, обвиткајте ја свеќата внимателно и потоа залепете го другиот крај така што лентата да биде добро затегната. Избраните цветови потсечете ги со ножички и прицврстете ги за свеќата со пиштолот за лепење пластика. Отсечете дел од украсната лента, обвиткајте сè и врзете украсна панделка. Можностите се големи, сè зависи од расположливиот материјал и вашата моментна инспирација. Многу убаво изгледаат и свеќите обвиткани со коноп, а може да се користи и јута и платнени крпчиња во разни бои.

 

Дополнителни совети

Кога сè ќе подготвите и ќе ги запалите свеќите, време е за некоја фина закуска во друштво на драгите лица. Топол чај, пријатни разговори, тивка музика, и опуштена атмосфера е она што дополнително ќе го разубави почетокот на празничната сезона. Водете сметка дека вака подготвените свеќи може безбедно да горат додека не стигнат блиску до украсениот дел, па при изработката оставете доволно простор од врвот на свеќата до почетокот на декорацијата.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>