За периодот на навикнување да биде побезболен...д-р Радмила Косиќ
педијатар
Првиот знак на подготвеност за колектив е согласување на детето пократко време да биде одвоено од семејството и домот, како и интересирање за другите деца во паркот, подготвеност да се учествува во игра и разговор и прифаќање хигиенски навики во согласност со возраста, што сè заедно прави добра основа за запишување во градинка
Пред првиот роденден родителите почнуваат да се интересираат за мислењето на педијатарот за запишување на детето во градинка. Раното одвојување од семејството и удобноста на познатото опкружување некогаш било исклучок, а сега сè повеќе станува правило во организацијата на современото семејство. Во ситуација кога и таткото и мајката се вработени, а законски предвиденото породилно отсуство изминало, ова е логичен след на случување. Запишувањето во градинка (јасли) во таа рана возраст се подразбира, а меѓу младите родители се смета за незаобиколна и пожелна фаза во развојот. Мислењата на педијатрите и детските психолози не се совпаѓаат со барањата во кои денес функционираат семејствата со мали деца.
Детето кое штотуку го прославило првиот роденден нема доволно развиен имунолошки систем за да ја однесе победата над огромниот број бактерии и вируси кои ќе го нападнат секогаш кога ќе влезе во градинка. Анатомијата на главата и вратот, распоредот на лимфните јазли, крајниците и средното уво, тесните бронхии и слабите мускули на стомакот – сè се тоа слаби точки за одбрана на горните и долните дишни патишта. Детето ќе се разболува почесто, ќе има потешка клиничка слика и компликации речиси при секоја настинка. Често ќе отсуствува од колективот. Ретки се оние кои до третиот роденден немаат по неколку воспаленија на средното уво или бронхитис, како и оние кои како сувенир од престојот во градинка носат само затнато носе или кивање. Во текот на првата година во градинка ќе има повеќе настинки, воспаленија на грлото и средното уво отколку кога било во животот – размислете дали тоа е цената која морате или сакате да ја платите поради неговата или својата самостојност.
Постои раширено верување дека на детето од една година кое оди му е здодевно дома, дека од бабата или дадилката нема што да научи и дека му е неопходна социјализација. Толку мало дете има потреба само за блиските членови на семејството, а за учење преку игра не му се потребни воспитувачки ниту непознати деца. Генерациите на сегашните баби и дедовци и нивните родители немале можност да престојуваат во градинка, но сосема доволно се социјализирани.
Ако вашата семејна ситуација бара вашето дете пред третиот роденден да поминува најголем дел од денот во градинка и немате друго решение, прифатете го ова како нужно решение. Детето најверојатно првите неколку дена радосно ќе ги истражува новите лица и опкружувањето, а потоа ќе настапи период во кој одлучно ќе одбива да остане со врсниците. Сигурно почесто ќе отсуствува поради болест, па размислувајте навреме за тоа дали ќе можете да отсуствувате од работа, дали можете да сметате на баби, дедовци, постари деца. Во оваа возраст нема посебни подготовки за детето, тоа е премногу мало за да сфати дека престојот во градинка е неопходен бидејќи не може да остане само дома. За ова море од апстрактни поими не е ни одблиску зрело.
Со третиот роденден можете помалку да размислувате дали за понатамошен развој му е неопходно друштво на поголем број врсници. Постаро дете има подобро развиен имунолошки систем, веќе било во контакт со помал број микроорганизми, телото му е посилно и поотпорно. Прв знак за подготвеност за колектив е согласувањето пократко време да биде одвоено од семејството и домот. Интересирањето за други деца во паркот, подготвеност да учествува во игра и разговор, прифатени хигиенски навики во согласност со возраста – сè се тоа добри основи за запишување во градинка.
Со оглед на тоа дека ништо слично не сте доживеале до тогаш, тешко дека на тригодишно дете ќе му објасните што го очекува и како изгледа еден ден во колективен престој. Со неколку едноставни реченици објаснете му дека во иднина ќе го поминува времето надвор од домот бидејќи вие сте на работа. Ако сакате првите денови да му поминат лесно, зборувајте за градинката одвреме-навреме и пријатно – ако нападно се трудите, можете да предизвикате сомнеж.
Однесете го детето во градинка неколку пати пред да го оставите со воспитувачките. Нека ги види и нека се запознае со другите деца со кои ќе го поминува времето. Разговарајте со воспитувачите за организација на времето, што од вас се очекува и послушајте ги советите од искусните професионалци за периодот на приспособување. Доколку ви дозволат првите неколку дена да останете со нив во собата, бидете му достапни и видливи. Кога воспитувачката и вие ќе заклучите дека е време да остане во групата без вас, речете му јасно што ќе се случува од утре. Првите неколку дена доаѓајте по него порано, не доцнете и не разговарајте за пријатните работи кои се случувале додека не било дома. Рутинските домашни работи или празниот стан треба да му станат неинтересни во однос на многуте случувања во врсничката група.
Кога ќе се навикне, не земајте го премногу сериозно неговото негодување при разделба. Дури и деца кои уживаат во престој во група тешко го прифаќаат моментот на разделување од родителот. Распрашајте се кај воспитувачката како се однесува кога ќе заминете, најчесто радосно се придружува на врсниците во игра. Ако само разделбата е проблем, почекајте да наиде уште некој врсник со кој заедно ќе втрча во собата или замолете ја воспитувачката да го викне на омилената активност (боење, сложувалка, цртан филм...). Не инсистирајте на тоа секогаш да го изеде секој оброк, ниту уреден и чист да се врати од градинка – ќе го замрази и она што му се допаднало. Нека ви раскаже што му се случувало секој ден, со кого најмногу се дружи, дали било пофалено или критикувано. Со време ќе прифати дека заминувањето од дома е негова рутина како што е вашето одење на работа или одењето во училиште на брат му.
Претшколките активности настојуваат на децата и родителите да им дадат сигурност, квалитетни оброци приспособени на возраста и навистина најважно, искуства кои ги збогатуваат. Немојте на нив да гледате како сервис за чување деца, стручноста и посветеноста кај вработените се подразбира. Доколку единствена причина за престој на детето во градинка е вашата желба да се ослободите од делот на дневна грижа за него, ќе ви одговара која било најблиска установа. Доколку вашата цел е таму да стекне корисни и пријатни искуства, ќе ви одговара само установа која ќе му даде повеќе од сопствениот дом. Ако одлучите да остане што подолго дома, нема да го лишите од ништо пресудно за неговиот развој. Добрата градинка ќе му овозможи нови другари за игра, стручна помош од возрасните и вредно искуство за живот во група. Сето тоа може да го добие и дома доколку сте подготвени да вложите многу време и труд и да жртвувате неколку години професионално ангажирање.
Секоја промена во животот е своевиден стрес. Тргнувањето во градинка е огромна промена во организациска и емотивна смисла за секое дете во која било возраст. Многумина од нас се сеќаваат на периодот кога до градинка плачело детето, а од градинка до дома мајката, но тие исти деца со радост се сеќаваат на детството поминато во врсничка група. Кога еднаш ќе донесете одлука дека сакате или морате да го запишете детето во градинка, бидете одговорни и доследни периодот на навикнување да биде што побезболен, а убавите спомени од градинка да бидат побројни.