Луѓе од челик
Предизвикот е она што овие луѓе ги движи напред. Победата над сопствените слабости и стравови е наградата која ја добиваат сите што минуваат низ целта.
Автор Велибор Токовиќ
Триатлонот спаѓа во спортските дисциплини на модерното време кои бараат најмногу физичка подготвеност. Од друга страна, колку и занимавањето со овој спорт да бара сила и издржливост, толку, ако не и повеќе, учеството во триатлонската трка ја става на проба менталната сила на секој натпреварувач.
Што, всушност, е триатлон?
Во прашање е спортско натпреварување кое обединува три дисциплини: пливање, велосипедизам и трчање. Натпреварувачите добиваат распоред според кој мораат да совладаат одредени делници за секоја дисциплина одделно. Теренот на кој се врши промена на дисциплината се нарекува зона на транзиција. Времето се мери во пет посебни секции:
‒ од стартот на пливањето до почетокот на првата транзиција
‒ од почетокот на првата транзиција до нејзиниот крај (време Т1)
‒ од почетокот на велосипедскиот дел до неговиот крај
‒ од почетокот на втората транзиција до нејзиниот крај (време Т2)
‒ од почетокот на трката до моментот кога е завршена.
Останатите правила можат да варираат од трка во трка, главно се однесуваат на употреба на одредена опрема. Така, во одредени случаи е дозволена употреба на одела за пливање, доколку температурата на водата е пониска од онаа која е пропишана со правилата. Употребата на пераи и други помагала за пливање се казнува и најчесто за резултат има дисквалификација.
Како сè започнало?
Корените на почетокот на овој спорт се во човековото далечно минато. Комбинирањето различни активности често било од круцијална важност за опстанокот, од собирање храна до избегнување опасности. Модерниот човек денес е ослободен од такви предизвици, но поривот за поекстремно физичко ангажирање останал запишан некаде во колективното помнење.
Првите современи обиди за обединување на трите основни триатлонски дисциплини се забележани во Франција, по завршувањето на Првата светска војна. Натпреварување под називот Les trois sports (три спорта) е одржано во 1920 година и се состоело од препливување на каналот на Марна, 10 км долга велосипедска трка и стази за трчање во должина од 1200 метри. Имало уште неколку, во весниците од тоа време, забележани обиди, но новиот спорт не стекнал голема планетарна популарност. Требало да помине уште половина век за да се стекнат услови за такво нешто.
Прв модерен триатлон
Во почетокот на 70-тите години од минатиот век, членовите на тркачкиот клуб од Сан Диего почнале со барање нови предизвици. Првото натпреварување во нивна организација е одржано на 25 септември 1974 година, и се смета за прво триатлонско случување забележано во поновата историја. Пионерите на новиот спорт биле Дон Шанахен и Џек Џонстон. Трката се состоела од 10 км трчање, 8 км возење велосипед и 500 метри пливање.
Меѓународната триатлонска унија – ITU (International Trathlon Union) е основана во 1989 година во Авињон, Франција, и тогаш почнале да се одржуваат официјални светски првенства. Во дотогашните петнаесет години триатлонот стекнал бројни поклоници меѓу атлетите ширум планетава. Оддалеченостите кои биле зададени со официјалните прописи се совпаѓале со одделните олимписки дисциплини: 10000 метри трчање, 40 километри возење велосипед и 1500 метри пливање.
Олимписки статус
Во текот на истата година кога е основана меѓународната унија, триатлонот добил и олимписки статус. Ова е најкраток период во кој некоја спортска дисциплина го добила овој статус. Од Летните игри во Сиднеј 2000, триатлонот е стандарден олимписки спорт, што придонело за негова масовна популаризација. Зададените дистанции за натпреварувачи одговараат на оние кои ги пропишала ITU. Распоредот на натпреварувања е таков што прво стартуваат жените, од кои се очекува трката да ја завршат за помалку од 2 часа. Нормата за мажите е нешто пократка и изнесува 1 час и 50 минути.
Опрема за триатлон
Со текот на времето, опремата за триатлон доживеала одредени приспособувања, што ја разликува од опремата за основните спортови од кои наптреварувањето е составено. Така, велосипедот наменет за триатлонци доживеал измени на управувачот, дизајниран така да овозможи што побрзо пресоблекување во зоната на транзиција, иако е сè почеста употребата на универзален дрес за сите три дисциплини. Ист е случајот и со обувките, кои покрај тоа што мора да бидат подеднакво издржливи и удобни, мора да бидат такви за да може брзо да се обујат, односно собујат. Опремата мора да биде усогласена со правилникот на конкретното натпреварување, со оглед на тоа што овде има одредени варијации.
Варијации на натпреварувањето
Олимпискиот триатлон е само една од варијантите на ова натпреварување. Постојат бројни категории на натпреварувачи, според возраста, подготвеноста за физички предизвици кои ги носи триатлонот, како и според годишното време кога триатлонот се одржува. Младите надежи, елитни натпреварувачи, рекреативци и ветерани, својата сила можат да ја испробаат во мини рекреативен триатлон (200 м пливање, 2,5 км возење велосипед, 1000 м трчање), суперспринт триатлон (400 – 5000 – 2400), спринт триатлон (половина олимписки триатлон), зимски триатлон, дуатлон (трчање – велосипед – трчање), акватлон (трчање – пливање – трчање).
Посебен предизвик за секој триатлонец претставува натпреварувањето Ајронмен триатлон.
Тактика
За разлика од стандардните техники за пливање, велосипедизам и трчање, овде има одредени измени. Во текот на пливањето натпреварувачите првенствено се потпираат на силата на рацете за да ги штедат нозете за други дисциплини. Кај велосипедизмот фокусот е на употреба на нозете, додека горниот дел од телото одмора колку тоа е можно. Зоната на транзиција умее да донесе значајно заостанување на оние кои не се доволно вешти во пресоблекување и промена на реквизитите.
Препорака
Летото е идеално време за активности на оние неспортски типови кои имаат обичај да истрчаат до плажа, да испливаат малку и да се вратат дома во велосипед. Внимавајте на своите велосипеди и уживајте во вежбањето.
Ајронмен во акција
Иако ITU нема официјална надлежност над Ајронмен натпреварувањето кое секоја година се одржува на Хаваи, бројни следбеници на овој спорт сметаат дека ова неслужбено светско првенство е најзначајно случување во светот на триатлонот, кој стои рамо до рамо со Олимписките игри. Приказната за настанокот на нова натпреварување нè враќа на препирката која се одвивала помеѓу Џон Колинс, морнарички офицер, и неговиот другар од Ваикики пливачкиот клуб на Хаваи, во текот на 1978 година. Предмет на расправа била издржливоста на спортистите, или како што би рекле децата: кој е појак, пливачот, велосипедистот или тркачот? Џон и неговата сопруга Џуди веќе имале прилика да се натпреваруваат во триатлонските натпревари во Сан Диего. Крајниот резултат на расправата бил спојување на трите најтешки натпреварувања на Хаваите во едно. Ајронмен триатлон е роден, а на 18 јануари 1978 вкупно 15 натпреварувачи се впуштиле во трка, вклучувајќи го и брачниот пар Колинс. Предизвикот составен од 3,86 км пливање, 108,2 км возење велосипед и 42 195 км трчање го совладале нив 12.
Од година во година Ајронмен го следат сè повеќе фанови, а бројот на пријавени натпреварувачи константно се зголемува. Зад многу завршени трки стојат потресни човечки судбини и причини зошто некој се одлучил за ваков чекор. Она што ги обединува сите тие приказни е спознанието дека човекот може да постигне неверојатни резултати, доколку тоа навистина го сака. Напорната работа се подразбира.
Правилата мора да се почитуваат
Џонатан Браунли, британски триатлонец на Олимписките игри во Лондон 2012, е казнет со одземање 15 секунди од резултатот затоа што се качил на велосипедот пред јасно означената линија. Постојат и бројни правила поврзани за носење велосипедска кацига, натпреварувачот не смее да ја симне од глава пред да заврши тој дел од трката, а мора да биде на неговата глава пред да се качи на велосипед. Доколку велисипедот се турка, употребата на раце е дозволена. Забрането е оттурнување со рацете, како и кој било друг вид погон, освен користење силата на нозете.