Фармацевти
Контакт

<< Назад

Убавините на демихисарскиот крај

април 3, 2017

Ивана Коцевска

Лид Демирхисарскиот крај е посебно интересен за посета. Овде секое место, секое селце и планина има уникатна убавина и раскажува посебна приказна. Можете да уживате во прошетките, но и во ловот и риболовот. Демир Хисар и околните села со своите гостољубиви жители ќе ве пречекаат со својата срдечност и пријатност, подготвени да ви раскажат за старите легенди, но и за настаните од нашата понова историја

Во југозападниот дел на Македонија, по течението на Црна Река, е распослан еден од најеколошките предели кај нас, демирхисарскиот. Изворите на питка вода бликаат на секој чекор, а бујната вегетација е незагадена. Воздухот е чист, со сите мириси на природата. Овдешните села се рај за луѓето што копнеат по мир и тишина, по симбиоза со природата како извор на здравје и на полетност.

Најголемо населено место е градот Демир Хисар, административен центар на Општина Демир Хисар. Поради богатството на околните планини со железна руда и областа го добива името Железник или Железнец. Името се менувало во зависност од владателите во различни периоди. Па се среќава како Сидеро Кастрон, што на грчки значи Железна Тврдина, а називот Демир Хисар му го дале Турците, што би значело Железна Планина. Тоа е името што и денес го носи.

Демир Хисар е познат револуционерен крај во кој се случиле значајни настани за македонската историја, во илинденскиот период, но и за време на Народноослободителната борба. Демир Хисар е родниот крај или вечното почивалиште на познати македонски револуционери и војводи.

На територијата на општина Демир Хисар застапено е риболовството, по долината на Црна Река. Исто така, овој крај е познат по организиран начин на ловење дивеч. Општината Демир Хисар има 41 населено место, но процесот на миграција и овде е присутен. Целосно е иселено с. Лесково, а од пред неколку години, без ниту еден жител остана и с. Церово. Од многуте интересни села кои вреди да се посетат, за вас издвоиме три.

Бабино – во недопрената природа
На само еден и пол километар од регионалниот пат Кичево-Битола, оддалечено 45 км од Битола, 35 км од Кичево, со кои е поврзано со асфалтен пат, среде непрегледна дабова шума ве пречекува Бабино. Според археолошкиот локалитет Вртешка, населено барем од доцната антика. Во отоманските записи од 1611-1612 година селото е запишано како Бабине со 47 домаќинства.

Бабино е идеална воздушна бања. Во селото тече Бабинска Река, со бројни извори на чиста вода за пиење. Павлов Рид, Три Сињори и Курати, меѓу кои е сместено Бабино, изобилуваат со лековити билки, ајдучка трева, планински чај, мајчина душица, тегавец. Во реонот на селото има многу диви животни, па е посетено од  домашни и странски ловџии. Присуството на рисот е еден од многуте куриозитети на Бабино.

Ако се качите на Плаќе, највисокиот врв на Плаќинска Планина, над Бабино на 1990 метри надморска височина, го гледате Охридско и Преспанско Езеро со Галичица меѓу нив.

Некогашното Бабино било расадник на учители и високообразовани просветни работници. Од овде потекнуваат 162 учители, кои по Втората светска војна ја ширеле писменоста низ цела Македонија. Овде можете да ја посетите  единствената приватна библиотека, сместена во старинската куќа на прадедото на Стево Степановски. Сега и официјално е регистрирана и се вика Клуб на читатели „Ал-Би“. Библиотеката е сместена во куќа со традиционален изглед, со отворена етно-соба, а во дворот е изграден приватен амфитеатар, каде што се одржуваат промоции, поетски читања, музички концерти. Библиотеката поседува значителен фонд на ретки и уникатни книги и фонд од 15 000 книги, од кои најстарата е Арапски речник од 1307 година. Книгите не се позајмуваат, а библиотеката  е отворена секој ден во јули и август.

Бабино било активен центар на Илинденското востание. Вечерта на 1 август 1903 г., во бабинските ливади било развиорено македонското знаме, со натпис „Слобода или смрт“.

Се верува дека името го добило од една случка која овде се случила. Имено, неколку снаи ја избркале својата свекрва од Бабино, па со години живеела сама длабоко во шумите на Илинска Планина. Таа гневна на судбината го проколнала сиот женски род од својот крај на стари години да живее самотнички живот исто како неа.

Во Бабино како и во целата околина има многу пештери достапни и недостапни, малку и воопшто неистражени и непроучени, кои се основа за многу легенди. Таква е онаа за змејовата дупка што се наоѓа на околу 700 метри од центарот на селото и според локалните кажувања има необјасниви благодетни влијанија врз посетителите. Постои верување дека ако на Духовден млади брачни двојки без пород по полноќ или рано наутро влезат во пештерата и се измијат со вода, ќе имаат деца.

И секако, задолжително посетете го рибник-ресторанот со мала зоолошка градина, езерце за одгледување мала речна пастрмка, златна и црна.

Железнец – на изворот на Црна Река
Железнец се наоѓа северно од Демир Хисар и јужно од Кичево. Селото лежи во клисура, покрај самиот пат Кичево – Битола. Името го има добиено по богатите наоѓалишта на железна руда.

Овде извира Црна Река, една од поголемите реки во Македонија и најголема притока на Вардар. Можете да уживате во природата, која  во овој крај не штедела од својата дарежливост. Посебно се убави и впечатливи селските куќи. Изградени од камен, плитар и дрво, наредени една покрај друга, од приземје и кат, со истурени дрвени чардаци на кои се сушат низи од македонски црвени пиперки.

Со стара архитектура и прилично малиот број реновирани или поодржани куќи, селото го има задржано својот автентичен дух. Но, Железнец, едно од најубавите демирхисарски села, полека изумира. Поранешните жители доаѓаат за викенд или преку лето. Гостопримливите и срдечни домаќини ве пречекуваат како пријател и  ќе ви понудат здрава и природна храна: леб, сирење, квалитетен планински мед и домашна ракија.

Поради изворите на Црна Река и питорескната архитектура, во 2004 година Железнец беше заштитен како споменик на културата.

Смилево – родното место на Даме Груев
Смилево се наоѓа во подножјето на Бигла Планина, на надморска височина од 940 метри. Од патот Демир ХисарБитола населбата е оддалечена малку повеќе од 9 километри. Интересно е што Смилево една од неколкуте мијачки оази во Република Македонија во која, надвор од малореканската етничка средина, живеат Мијаци.

Во Смилево е роден македонскиот револуционер и организатор на македонското народноослободително движење од илинденскиот период, Даме Груев. Од 2 до 7  мај 1903 година во Смилево  се одржал познатиот Смилевски Конгрес, на кој е донесена одлука за кревање на Илинденското востание.

Смилево, како ретко кое село во Македонија има богато историско минато, за што сведочат бројните споменици, како од илинденскиот период, така и од НОБ. Во непосредна близина на смилевското средсело се наоѓаат споменикот на паднатите илинденци, спомен-костурницата на Даме Груев, како и мермерна плоча во спомен на учесниците НОБ.

Напомена: Редакцијата на BETTY магазин се заблагодарува на Општина Демир Хисар за отстапените фотографии.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>