Фармацевти
Контакт

<< Назад

Уринарна инконтиненција

јануари 27, 2016

[vc_column width="1/1"]

Неможност за контрола на мокрењето

д-р Александар Мицковски, спец. хирург уролог
д- р Ана Кацарска Мицковска, спец. гинеколог акушер
Клиничка болница
Аџибадем Систина, Скопје

Неволното истекување на урината од мочниот меур е чест проблем кој се јавува кај лица од двата пола. Но двојно повеќе кај жените, а се лекува со нехируршки и хируршки методи

Уринарна инконтиненција е неволна загуба на урината низ уретрата (мочниот канал) до степен кој претставува хигиенски или социјален проблем за пациентот. Причинителите се различни. Според патогенезата се разликуваат два типа: кај првиот причинител е мочниот меур и се дели на два поттипа - ургентен тип на инконтиненција и overflow тип на инконтиненција, кој се јавува поради преполнетост на мочниот меур. Вториот тип на инконтиненција настанува поради оштетувања на сфинктерот (мазен кружен мускул), кој го регулира излачувањето или анатомска малпозиција (неправилности), кога и покрај сочуваноста на сфинктерот постои инконтиненција. Причина за дисфункција на сфинктерот може да биде и повреда при скршеници на карлицата.

Стрес инконтиненција: Стрес инконтиненција на урината (СИУ) е неволна загуба на урината при кивање, кашлање, смеење. Најчест тип на инконтиненција се јавува кај жените, а по правило е посилно изразена кога пациентот стои. Стрес инконтиненцијата може да биде предизвикана од анатомијата или од дисфункцијата на сфинктерот.

До анатомска инконтиненција доаѓа поради слабост на анатомските структури кои одржуваат нормална позиција на мочниот меур и мочниот канал. Мочниот меур е дислоциран кон долу и наназад, што пречи во затворањето на мочниот канал при зголемување на интрадбоминалниот притисок, па настанува инконтиненција.

Дијагноза: Испитувањата треба да ја утврдат причината, типот и тежината на инконтиненцијата, степенот на слабост на предниот вагинален ѕид и спуштање на мочниот меур, како и други анатомски абнормалности. Најважните податоци се однесуваат на зачестеност и тежина на неволната загуба на урина.

Три степени: Прв степен – урината се губи при стрес, но никогаш во легната положба или ноќе; втор степен – загубата на урина настанува при одење, станување и дури и при седење; трет степен – загуба на урина во стоечка и во лежечка положба.

Физички преглед: Најголемиот број пациентки со дијагностицирана стрес инконтиненција имаат и други абнормалности. Физикалниот преглед опфаќа преглед на абдоменот, карлицата, како и дигиторектален преглед и невролошки преглед.

Прегледот на карлицата се состои во процена на состојбата на мускулите на карличното дно и интегритетот на потпорниот апарат на мочниот меур и мочниот канал. Слабоста на потпорниот ѕид резултира со пролапс (испуштање) на ѕидот на мочниот меур што се нарекува цистоцела, а постојат четири степени на цистоцела.

Ректалниот преглед опфаќа процена на тонусот на аналниот сфинктер, што дава информации и за тонусот на сфинктерот на уринарниот канал.

Невролошкиот преглед треба да утврди евентуално пореметување на нервниот систем, бидејќи невроген (нервозен) мочен меур е чест причинител на инконтиненција на урина. Специјално внимание се посветува на перианалниот и на перинеалниот сензибилитет, како и на длабоките тетивни рефлекси на долните екстремитети. Во физички преглед спаѓа и стрес проба која се изведува така што мочниот меур се катетеризира и се полни со течност до чувство на полност. Катетерот потоа се вади, а на пациентката во гинеколошка положба и се сугерира да кашла. Неволна загуба на урина за време на кашлањето е знак за хируршки излечива стрес инконтиненција.

Уретоцистоскопија е метода при која долниот уринарен канал се анализира со оптички инструмент – цистоскоп.

Цистографија е метода кога во мочниот меур преку катетер се внесува рендгенско контрасно средство, кое го прави видлив мочниот меур.

Уродинамично иследување е начин да се измерат притисоците во мочниот меур, мочниот канал, ректумот и да се изведат заклучоци на кој начин да се третира одреден тип на инконтиненција.

Електромиографија се изведува кога постои сомнеж за заболување на нервниот систем, како што се мултипла склероза, миелодисплазија итн.

Лекување стрес инконтиненција: Социјално-медицинските, хигиенските и психолошките последици од инконтиненцијата може да бидат многу сериозни. Тешките форми на инконтиненција условуваат изолација на пациентот од социјалната средина, а може да бидат и причина за самоубиство. Поради тоа важно е правилното лекување, кое може да биде нехируршко и хируршко.

Нехируршкото се базира на јакнење на мускулите на карличното дно, како и пациентот да научи да ги користи овие мускули во спречување на неволно губење урина. Тука спаѓаат следниве методи:

– Кегелови вежби за јакнење на мускулите на карличното дно, особено важни кај благи форми

– Електрична стимулација која е дополна на вежбите на мускулите на карличното дно, се изведува со специјална електрода

– Биофидбек – процес на учење на контролирање на сопствените психофизиолошки функции

– Терапија со естрогени кои предизвикуваат задебелување на слузницата на  уретрата и ја зголемуваат реакцијата на мазните мускули на уретрата

– Релаксанти на мочниот меур.

Хируршко лекување: Минимално инвазивни се т.н. sling операции, при кои се поставуваат ленти од специјален хируршки материјал кои служат за затворање на уретралниот сфинктер, со минимален абдоминален рез, со извонредни резултати и кратка хоспитализација. И во начинот на решавање на цистоцелите има голем напредок, бидејќи се користат вештачки материјали, кои се многу блиски на природното ткиво на организмот. Целта им е ефикасно да го зацврстат предниот абдоминален ѕид и да спречат повторно спуштање на мочниот меур.

Ургентна инконтиненција: Овој термин се однесува на ситуацијата кога пациентот одеднаш ќе почувствува потреба за мокрење и не може да го одложи уринирањето и неволно губи урина. Ненадејната потреба се јавува како резултат на јака спазма на мочниот меур која настанува како реакција на различни стимуланси, како течење на вода од чешма, истурање сок во чаша, но и без стимуланс. Главен причинител на овој тип инконтиненција се рецидивни инфекции на долниот уринарен тракт, повреди на мускулите или на нервите на мочниот меур, тумори на вратот на мочниот меур, камен во мочниот меур и друго. Понекогаш и неврогената дисфункција на мочниот меур може да резултира со инконтиненција од ургентен тип.

Лекувањето е комбинирано, се користат медикаменти и електронска стимулација за спречување на неволни и неинхибирани контракции на мускулите на мочниот меур и зголемување на неговиот капацитет. Последниве години постои и терапија при  која со инјекција се вбризгува ботокс директно во мускулот на мочниот меур, што доведува до негова релаксација. Процедурата се комбинира со колагенски инјекции на местото на сфинктерот на мочниот меур, кои треба да ја поддржат и подобрат неговата функција. Се смета дека оваа метода е многу ефикасна и кај инконтиненции по операции на простата. Во краен случај се вградува вештачки сфинктер.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>