Успехот од искоренувањето на некои заразни болести го должиме на усовршувањето на технологијата за производството на вакцини – денес се произведуваат вакцини со висок степен на имуногеност, а со низок степен на несакани дејства.
Автор: д-р Радмила Косиќ
Вакцинацијата е постапка со која се постигнува развивање на отпорност кон заразна болест. Со внесување мртви или ослабени предизвикувачи на болести во нашето тело се постигнува одговор на имунолошкиот систем кој е идентичен на одговорот на заболувањето. Организмот ќе создаде антитела за одредена болест, а до болест нема да дојде поради ослабеност на предизвикувачот во вакцината. Ако подоцна во животот дојдеме во контакт со бактерии или вируси, ќе ги дочекаме со веќе „построена војска“ од одбранбени клетки кои ќе го препознаат и уништат микроорганизмот без можност болеста да се манифестира во полн обем, опасен по здравјето.
Откритие на доктор Џенер
Вакцинацијата не е придобивка на модерната медицина. Уште пред повеќе од 200 години англискиот, селски лекар Едвард Џенер, забележал дека млекарите кои секојдневно доаѓаат во контакт со кравјите сипаници имаат полесни облици на големи сипаници. Со трпелива работа и храбри експерименти, во услови кои не личеле на денешните лаборатории, успел да добие ослабен сој од вирусот на голема сипаница и да спаси многу животи. Набргу меѓу лекарите се раширило верување дека на истиот начин е можно да се спречат заболувања од многу болести. Поради напредокот на медицинската наука и технологија, настапи ера во која некои заразни болести постојат само во учебниците. Вакцинацијата е најделотворен, економски најефикасен начин да не се дозволи заболување на поединци или ширење на болести во заедницата.
Национални календари на вакцинација
Светската здравствена организација постојано ја следи појавата од епидемија на одредени болести и дава препораки за воведување нови вакцини во националните календари, а сè со цел елиминирање најголем број заразни болести. Националните календари ги следат препораките на модерната медицина и ги усогласуваат видовите вакцини, бројот на дозата и возраста во која ќе се дава одредена вакцина. Во оваа сфера глобализацијата е позитивен феномен – заразните болести не познаваат граници, боја на кожа или национални обичаи, затоа календарите за задолжителни и препорачани вакцинации се слични во светот. Најновиот важечки план и програма за вакцинирање во нашата земја ги почитува сите принципи на добра клиничка пракса од поразвиените европски земји. Вакцините се достапни и се дистрибуираат според потребите на медицинските установи. На секоја вакцинација ѝ претходи педијатриски преглед, разговор за поднесувањето претходни дози и евентуални реакции. Помалку заразни болести со помалку компликации значи помал број на болнички денови и помалку примени антибиотици.
Редослед на примање вакцини
Вакцинацијата почнува во породилиштата со давање прва доза вакцина против заразна жолтица тип B, и вакцина против туберкулоза (BCG вакцина). Во текот на првата посета на педијатар после детален педијатриски преглед се продолжува со вакцинација со втора доза вакцина против хепатитис B (третата доза се дава со навршени шест месеци). Следниот месец започнува низа од три вакцинации во растојание од 4 до 6 недели. Доенчето ќе прими петовалентна вакцина која ќе го штити од дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа и хемофилус инфлуенца тип B. За деца родени во оваа година задолжителна е истовремена примена на пневмококна вакцина. Редовно вакцинираното дете со три дози од овие вакцини и ревакцина во втората година ќе биде заштитено од опасни болести од кои многу деца порано умирале. После првиот роденден детето ќе биде повикано да се вакцинира со тровалентна вакцина против мали сипаници (морбили), црвенка (рубеола) и заушки (паротитис). Оваа вакцина обично се нарекува MMR вакцина.
Ревакцинација
Ревакцинација е давање дополнителни дози кај веќе комплетно вакцинирано дете со цел будење на имунитетот и зголемување на имунолошкиот одговор. Втората ревакцинација е пред поаѓање во училиште, третата во последното одделение од основното училиште. Освен задолжителни вакцини, детето може да прими и други вакцини по препорака на педијатар доколку поради здравствената состојба е во зголемен ризик од тешки облици на некои болести. Вакциналниот статус се проверува при проверување на секој систематски или контролен преглед, после повреди или заболувања кои според клиничката слика може да личат на некоја заразна болест. Вакциналниот картон е задолжителен дел од медицинската документација, се носи на рекреативна настава или семејни летувања.
Значење на редовната вакцинација
Кај нас, како и во развиениот свет, организираното вакцинирање на деца се спроведува со децении наназад. Благодарение на тоа многу заразни болести одамна не се видени, освен на страниците на учебниците. Ако се вакцинира систематски целата чувствителна популација, се намалува можноста за кружење на предизвикувачите во неа. Секоја реакција на примена вакцина задолжително се пријавува кај педијатар, кој одлучува дали се работи за лесна или тешка, очекувана или невообичаена реакција. Во согласност со тоа се прави план за продолжување на вакцинацијата. Ако родителите одлучат да не обрнуваат внимание на законски задолжителната вакцинација затоа што заразните болести денес се ретки, носат голема одговорност за пад на вкупниот процент вакцинирани деца и повторна појава на заборавените болести. Појавата на голем број заболени од мали сипаници на почетокот од оваа година е потврда дека само висок опфат со вакцинација е заштита од болести.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци