Фармацевти
Контакт

<< Назад

ВАТЕРПОЛО

септември 1, 2019

Напорно за играчите, возбудливо за гледачите

 

Повеќе од 150 години овој спорт со својата атрактивност го привлекува вниманието на публиката.

 

Автор: Душко Шашиќ

 

Со традиција на екипен спорт кој на Олимписките игри прв пат се појавил во 1900 година, ватерполото зазема посебно место во срцата на вљубениците во спортот. Оваа за гледачите динамична и возбудлива игра пред самите учесници поставува бројни исклучително тешки физички задачи. Ништо помалку важна компонента е и психичката подготвеност на играчите со оглед на тоа дека крајниот исход од мечот често се решава во последните секунди од играта. Иако правилата се прилично рестриктивни во однос на далечните почетоци и она што тогаш е сметано за нормален контакт со соперничките тимови, ватерполото сè уште важи за еден од погрубите спортови. Меѓутоа, тоа не значи дека не постои и натпреварување во женска конкуренција, а женското ватерполо прв пат стана дел од олимпиското семејство на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година.

 

Како сè започнало

Покрај технолошката револуција и напредокот во индустријата, втората половина од XIX век донела многу промени во дотогашните сфаќања и општоприфатените општествени норми. Спортот почнува да зазема важно место во пополнување на ретките слободни моменти, а посебно внимание привлекувале екипните спортови со топка кои во овој период почнуваат да ги добиваат своите денешни правила (фудбал, кошарка, ракомет и други).

Во тој период натпреварувањата во пливање често биле причина за собирања на локални саеми и панаѓури во Англија и Шкотска. Иако пливачите покажувале завидно ниво на сила и вештина, тоа, сепак, не било доволно атрактивно, посебно за поголемиот дел од публиката склон кон возбудувања што ги носи борбата помеѓу двата тима. Во своите први изданија ватерполото се појавило под името воден фудбал или водено рагби. Првите забележани натпревари се одиграни во 1869 година. Интересно е дека првите правила не вклучувале постоење голови, туку целта на екипата била топката да се постави на противничкиот сплав. Голманот стоел на сплавот и скокал на секој кој би се обидел да постигне погодок. Останатите играчи биле во вода и поголемиот дел од времето го поминувале во дисциплини кои денес попрво би се одвивале на спортски душек отколку во базен. Контактот се случувал и помеѓу играчите кои не ја поседувале топката, чести биле и ударите под површината на водата и потопувањето на противникот на неограничен временски период. Иако публиката сето ова ја забавувало, сепак, тогаш важечките морални начела наложувале корекција на правилата.

 

Вилијам Вилсон и новите правила

Името на овој човек нераскинливо е поврзано со развојот на пливачките спортови. Покрај тоа што бил прв новинар кој пишувал на оваа тема, Вилијам Вилсон дал голем придонес во дефинирање на пливачките техники, методологијата на тренингот, техниките за спасување давеник, дизајн на затворени базени и во многу други работи. Тој, исто така, во периодот околу 1877 година ги дефинирал првите правила на модерното ватерполо, кои вклучувале помалку дозволени груби потези. Во следните децении правилата во ватерполо доживеале уште неколку измени, така што денес натпреварите се состојат од четири четвртини, а тимовите имаат по седум играчи (во првите години се играло со тимови составени од по дванаесет играчи). Иако брзо стекнатата популарност на ватерполото ширум Европа се проширила и на територијата на САД, новите правила тоа не го следеле. Американската верзија на играта била многу погруба, што за резултат имало одбивање на европските тимови да учествуваат на Олимписките игри во Сент Луис во 1904. Американското првенство во 1912 година е завршено со општа тепачка, па ватерполото во оваа земја е суспендирано како екипен спорт сè додека не се прифатени поумерените европски правила.

 

Меѓународни натпреварувања

Иако речиси од самиот почеток било дел од Олимписките игри, ватерполото првите општоважечки меѓународни правила ги добило дури на почетокот на 30-тите години на минатиот век. Меѓународната аматерска пливачка федерација (ФИНА) од тогаш е надлежно регулаторно тело за ватерполо натпреварувања. Правилата се менувани со цел забрзување на играта. Важни промени се случиле со воведување гумени водоотпорни топки (кожените топки кои до тогаш се користени во текот на натпреварот станувале сè потешки и потешки, поради впивањето на количината вода), како и воведување техника сув пас (додавање топка на соиграчот од рака во рака без контакт на топката со вода).

Првото Европско првенство е одржано 1926 година во Будимпешта, а првото Светско првенство се одиграло во 1973 година во Белград. Ватерполото е многу популарно во овој дел од Европа, па чести победници на овие натпреварувања биле репрезентациите на Унгарија, Црна Гора, Хрватска и Србија (како и СФРЈ во време додека постоела).

 

Правила, услови и опрема

Ватерполо натпреварот се игра меѓу двата тима составени од по седум играчи. Тие се облечени во гаќички за капење (или едноделни костими за капење во женска конкуренција) и на главите носат капи специфични за овој спорт. Голманот носи црвена голманска капа обележана со број еден, додека останатите играчи имаат броеви од еден до тринаесет (овој број е наменет за црвеното капче кое го носи резервниот голман). Играчите не смеат да бидат намачкани со масло, креми или слични препарати пред влез во базен. Во меѓународните средби на челниот дел од капчето мора да биде обележано името на државата која ја претставува играчот. Капитенот на екипата е одговорен за однесувањето на целокупниот тим.

Времето се одбројува така што покажува опаѓачко време, т.е. преостанатото време до крајот на четвртината или продолжението. Секоја четвртина мора да трае осум минути вистинска игра. Одморот помеѓу четвртините трае две минути, освен помеѓу втората и третата четвртина кога играчите имаат пет минути одмор.

Топката е тешка меѓу 400 и 450 грама, мора да биде водоотпорна и не смее да биде премачкана со каков било вид маснотија или некои слични материи. Внатрешното растојание помеѓу стативата на головите изнесува точно три метри, додека пречката на голот е издигната од површината на водата 90 сантиметри. Раздалеченоста помеѓу двете гол линии мора да биде 30 метри кај натпреварувања во машка конкуренција, додека за жени оваа далечина е пет метри пократка. Ширината на игралиштето е 20 метри за мажи и 17 метри за жени. Длабочината на базенот не смее да биде помала од 180 сантиметри, а температурата на водата не треба да биде пониска од 26⁰C.

Спортски дух

Ватерполото се смета за одличен спорт за момчиња кои имаат вишок енергија. Редовните напорни тренинзи влијаат не само на правилно насочување на силата и јакнење на организмот, туку имаат и одличен воспитен ефект. Тимската работа, фер-плејот, истрајноста и неопходноста од долготрајна и упорна работа се вредности кои се учат во базен, сè останато, сепак, е само игра. Иако, мораме да се согласиме дека во прашање е неверојатно убава и интересна игра.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>