Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вечна елеганција

јануари 1, 2018

Шик детали кои не излегуваат од модаМарија Јоксимовиќ

 

Кожени салонки, чанта и каиш, свилени ешарпи и бисерен ѓердан, мал црн фустан и бела кошула не заземаат многу место во ормарот, а овозможуваат безброј интересни комбинации во кои секоја жена зрачи со елеганција

Иако сè што е модерно се менува скоро секоја сезона, постојат и многу шик детали кои се вечно во тренд. Поради тоа жените кои сакаат да бидат секогаш добро облечени, а истовремено да немаат многу издатоци околу нова гардероба, имаат во својот гардеробер и такви парчиња облека и модни додатоци кои се со едноставен облик, од квалитетен материјал и овозможуваат различни комбинации.

Мал црн фустан: Уште од 1926 година, кога го лансирала Коко Шанел како модел „кој одговара на секоја жена“, малиот црн фустан не излегува од мода. Се смета за класично парче на женската гардероба. Треба да биде со едноставен крој и „умерена“ должина, со или без ракави. Може да се носи и како коктел и како вечерен и како деловен фустан. Со него оди бесерен ѓердан, ешарпа или  ракавици од тантела, во зависност од периодот на денот и приликата. Со блејзер е одличен за на работа, а со свилен шал се претвора во елегантен вечерен фустан. Го носат славни личности и обични жени. Еми Холман Еделман напишала и книга со наслов Мал црн фустан.

Бела кошула: На нејзе ни времето ни трендовите не ѝ можат ништо. Со задоволство ја носат и мали девојчиња и дами во години. Може да се носи на безброј начини ‒ под сако, преку панталони, под фин џемпер, украсена со марама со интересен принт, закопчана „до грло“, или со неколку откопчани копчиња. Важно е секогаш да е беспрекорно чиста.

Дискретен каиш: Модните стручњаци препорачуваат дека е подобро  да се имаат еден или два елегантни квалитетни кожени каиши, отколку десет кои сте ги купиле на брзина, водејќи се по моменталната мода или ниската цена. Ако имате два, едниот може да биде тесен, а другиот поширок, еден со сребрена, а другиот со златна тока. Добар каиш се носи вовлечен во панталони, преку фустанот за да ја истакне половината, или дури преку сако, мантил или капут, за да се нагласи елегантниот крој. Класичен црн или кафен каиш секогаш е во тренд, а може да биде многу шик и во некоја силна боја, како црвената.

Кожена чанта: Без разлика дали е голема или мала, кожената чанта е елегантен детаљ, кој во класична комбинација треба да е во склад со чевлите, додека во поопуштена тоа не е задолжително. Модерни се и кратки и долги рачки, а многу модели ги имаат двете варијанти. Исклучително се елегантни и модели со метални, „златни“ или „сребрени“ рачки во облик на синџир.

Свилена ешарпа: Се носи на сто начини, помеѓу останатото и ноншалантно замотана околу вратот така што краевите ќе се лелеават, односно само префрлена преку рамениците итн. Може да биде еднобојна или шарена, постојат голем број интересни дезени. Вечен шик детаљ кој ја зголемува елеганцијата и целокупниот моден впечаток.

Салонки“: Иако повеќето жени обожаваат да имаат многу различни модели на чевли, „салонките“ се навистина неопходни обувки. Се одликуваат со едноставен, елегантен облик кој „оди со сè“. Може да имаат висока потпетица, но и ниска, да бидат направени од кожа, лак или антилоп. Иако се изработуваат во различни бои, па дури и со животински или растителни принтови, најдобро е да имате салонки во некоја класична боја ‒ црна, кафена или бледокафеава.

Шешир: Некогаш задолжителен, шеширот денес е, пред сè, шик детаљ, кој добро оди со капут, јакна од штоф или сако. Може да биде со мал или голем обод, а при купувањето треба да се обрне внимание на обликот и да се консултирате со моден стручњак или пријателките, бидејќи не одговара секој модел на шешир на секое лице. Ако сте со ситна градба и тесно лице, не претерувајте со обемот, да не „ве изеде“. Ако носите црн капут и чевли, црвен шешир и каиш во истата боја, секако, ќе придонесат за вашата елеганција.

Бисерен ѓердан: Без разлика дали се вистински или вештачки, носењето на вакви ѓердани „подига“ и дава дух на елеганција. Бисерите никогаш не се со силни бои, секогаш се бели или во некоја варијанта во бледокафеава боја. Можат да се носат со сите бои на облека и „не трпат“ комбинирање со многу друг накит.

Црно-бели комбинации: Уште од времето на Коко Шанел, дизајнерите на облека обожаваат црно-бели комбинации, кои се симбол на префинетост и добар вкус. Бела кошула и црно здолниште или панталони се непогрешлив избор и за работен состанок и за вечерно излегување. Од мода не излегуваат ни црно-бели дезени на материјали, на пример, „пепито“, идеален за жакет или костум. За детали како марама можат да се користат и црно бели точки или дезени со линии. Непишано правило е и дека облеката во црно-бела комбинација задолжително се носи со чевли и чанта во иста боја (црна или бела).

Природни материјали: Материјали од фин памук, лен, свила или волна, иако понекогаш бараат специфично одржување (хемиско чистење, пеглање со пегла на пареа и сл.), никогаш не излегуваат од мода. Дури и кога се скапи, вреди да се вложат пари во, на пример, ленени панталони со класичен крој, или кошула од свила, затоа што тоа се парчиња облека кои се носат со години. Облека сошиена од природни материјали изгледа  отмено и праќа порака дека дамата која ја носи има стил.

Помалку е повеќе: Старото правило „помалку е повеќе“ никогаш не излегува од мода. Дури и ако имате колекција од интересни модни додатоци, не морате да ставате на себе многу од нив. Еден впечатлив детаљ, на пример, часовник, сосема е доволен и „не оди“ со многу нараквици. Дискретна елеганција и отмен изглед подразбираат склад и едноставност.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>