Фармацевти
Контакт

<< Назад

ВЕСЕЛ ЗИМСКИ АРАНЖМАН

декември 1, 2018

Разубавете го својот дом

 

Празничната атмосфера е уште поубава кога домот ќе го украсиме со рачно изработени детали.

 

Автор Светлана Сушиќ

 

Сезоната на новогодишните празници е период исполнет со посебен вид радост и возбуда. Се подготвуваат подароци за најдрагите, се прават планови за пречекот на Новата година, се носат важни одлуки за следните месеци и се размислува за уште многу работи. Покрај сето тоа, секаде во воздухот се чувствуваат позитивни вибрации, а, се разбира, дека и ние сами сме заслужни за нивното ширење.

 

Мали детали кои многу значат

Цветните букети секогаш го разубавуваат просторот во кој се наоѓаат. Меѓутоа, тие најчесто кратко траат, а покрај тоа, доколку не ги отстраниме на време, може да направат и доста неред. Поради тоа за зимските денови е посоодветна изработката на аранжмани од гранчиња зимзелени дрвја, комбинирани со новогодишни украси и вештачко цвеќе. Ваквите аранжмани не бараат многу време за изработка, а може долго да траат.

 

Подгответе сè што ви е потребно

За изработка на весел зимски аранжман потребна ви е чинија во која ќе ги редите сите состојки. Подгответе и леплива лента и остри ножички. Од корист ќе ви бидат и градинарски ножички (доколку ги немате, ќе мора гранчињата да ги сечете со остар нож). Време е полека да ги отпакувате кутиите со новогодишните украси, таму сигурно ќе пронајдете некои кои одговараат на вашиот сензибилитет. Со неколку зимзелени гранчиња кои ја сочинуваат основата, сето останато е препуштено на вашата фантазија.

 

Мал трик за убав изглед

Еден од најчестите проблеми при изработката на аранжмани е поврзан за тоа што елементите кои ги користите обично не сакаат да останат таму каде што сте ги ставиле. Професионалните аранжери тоа го решаваат со помош на специјално изработени подлоги во кои ги забодуваат гранчињата. Овие подлоги имаат способност да ја задржуваат влагата, така што нивната функција е двојна. Меѓутоа, ова можете да го постигнете така што со помош на леплива лента ќе направите мрежа. Во окцата на мрежата потоа ќе ги ставате гранчињата и останатите елементи.

 

Внимателно со водата

Во чинијата би требало да ставите толку вода за гранчињата да бидат намокрени во неа. Водете сметка елементите чувствителни на вода да бидат распоредени така што нема да дојдат во допир со влага. Доколку користите шишарки, и нив би требало да ги тргнете од директен контакт со вода. Може да користите и пластични чинии, но наша препорака е, сепак, да бидат од некој потежок материјал. Можете да користите и некоја убава керамичка чинија во која ќе ја ставите пластичната, оставено е на вашата креативност.

 

Дополнителна предност

Со оглед на тоа што изработката на ваков украс е многу брза и едноставна, тоа ви овозможува во краток временски период да ги направите неколку. Распоредете ги во домот и уживајте во нивниот изглед. Мирисот на четинарите е природна замена за освежувачите на простор кои ги купувате, па тоа е уште една предност на овие аранжмани.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>