Фармацевти
Контакт

<< Назад

ВЕШТИНА ЗА ОПТИМИЗАМ

мај 1, 2019

Среќата е во малите нешта

 

Чувството на среќа не е запишано во ДНК како бојата на очите, туку се учи како и вештината за пливање. На нас е задоволството да го препознаеме во малите, базични и вечни нешта и да научиме да го разликуваме од инстант среќата која ја купуваме и понекогаш скапо ја плаќаме.

 

Автор: м-р Весна Кнежевиќ

 

Секој од нас сака да се чувствува среќно, но тоа на некои луѓе подобро им успева. Дали тие се родени под среќна ѕвезда, или животните околности им се полесни, па поради тоа се посреќни? Но, што ако тие среќници имаат слични проблеми и грижи, а, сепак, се порадосни и поведри од нас? Во што е тајната? Дали чувството за среќа е вградено во ДНК како бојата на очите или висината? Стручњаците велат дека не е и дека клучот на тајната е – во оптимизмот.

Некои луѓе се поголеми оптимисти, некои помали. Ги има и такви кои светот околу себе го набљудуваат низ црни очила, секогаш го очекуваат најлошото, цинични се и незадоволни. На оптимистите чашата им е полна до пола, на песимистите им е празна до пола. Дали тоа можеме да го промениме? Дали можеме да бидеме посреќни, порадосни, поведри, повесели? Секако дека можеме!

 

Учење оптимизам

Психолозите велат дека оптимизмот се учи како другите вештини, како што е пливањето. Секој човек може да научи да плива, со тоа што едни ќе бидат солидни пливачи, а други шампиони. Слично е и со вештината за оптимизам. Некој е повеќе талентиран, некој помалку, но сите можеме да влијаеме на својот начин на размислување и да научиме онаа чаша со вода да ја гледаме како полуполна, а не како полупразна.

Првата и основна лекција за оптимизам, вели: Среќата е во малите нешта! Добрата вест е дека поголемиот дел од малите нешта е бесплатен. Не мораме да земеме кредит и да работиме уште две дополнителни работи за да уживаме во малите нешта. Тие не се купуваат, тие ни се на дофат на раката. Треба само да ги забележиме и да си дозволиме себеси да бидеме среќни. Заборавете на паганското верување дека после секоја среќа доаѓа несреќа. Чукањето во дрво за да не чуе злото датира од времето кога луѓето верувале дека во дрвото живеат духови и дека со чукање се повикуваат оние добрите, а се бркаат лошите. Нема ништо лошо да се случи ако сте среќни. Токму спротивно!

 

Вербата во радост е речиси иста како и самата радост – Шекспир

Многу научни истражувања потврдиле дека оптимистите имаат подолг животен век, дека се во подобра форма, како и дека оптимистичкиот поглед на светот го намалува ризикот од многу болести и носи подобар квалитет на живот. Тоа не значи дека оптимистите не се соочуваат со стресни ситуации, туку дека стресните ситуации ги доживуваат како минливи и дека научиле да не се грижат претерано поради она на што не може да влијаат и што не може да го променат.

Замислете оптимист и песимист кои уплатиле туристички аранжман за да уживаат на некое убаво место на сонце, а тогаш наместо сончеви денови има дожд и облаци. Дали можеме да ги промениме метеоролошките прилики? Дека не можеме, знаат и едниот и другиот. Но, оптимистот дождливите денови ќе ги доживее на друг начин, ќе се радува што има повеќе време да посети музеи, ќе ужива во пролетниот дожд и мирисот на зеленилото. Песимистот ќе се обвинува себеси што не ја проучил подобро временската прогноза, ќе се грижи затоа што фрлил пари и ќе смета дека одморот му е упропастен. За разлика од песимистот, оптимистот лошите нешта ги доживува помалку лично, не ги прима на срце, и гледа и во неповолни околности да најде нешто пријатно и добро.

Бескрајна е низата на мали нешта кои нè прават среќни: прошетка во шума, мирис на цвеќе, допирот на тревата по боси нозе, ветерче кое нè освежува, поглед од некој видиковец, песната на птиците, играта со деца, прегратка од сакана личност, мирисот на вкусна храна кога сме гладни, колач каков што правела нашата баба, ладна вода кога сме жедни, удобни чевли, дружење со драги лица, добра шега, одлична книга или филм, прекрасна музика, прво утринско кафе, семеен појадок, комплимент...

 

Хедонистичка адаптација

Меѓутоа, иако тие мали нешта кои носат среќа доаѓаат во бранови и треба само да ги забележиме и да им се препуштиме со позитивни емоции, некогаш тоа не се случува, а чувството на среќа изостанува. Психолозите таа загуба на чувството на среќа ја нарекуваат хедонистичка адаптација. Зборот хедонизам потекнува од збор кој значи уживање и се дефинира како тежнеење кон задоволство. Терминот адаптација во психологијата се однесува на способноста на нашите сетила да не реагираат на некои сетилни дразби. Адаптацијата, во принцип, е корисна, затоа што може да нè ослободи од некои иритации. На пример, ако некој долго живее во улица каде што има бучава, тој со текот на времето не ја слуша бучавата како личност која тукушто се доселила.

Хедонистичка адаптација значи дека повеќе не уживаме како порано, дека сме се навикнале, да кажеме, прошетката во шума повеќе да не нè радува. Се поставува прашањето како да се врати тоа чувство на среќа? Како повторно да уживаме? Психолозите велат дека помага да се вратиме неколку чекори наназад и да се потсетиме зошто сме сакале да шетаме и каква корист сме имале, на пример, тенот ни потемнел, одењето нè прави поеластични, подобро спиеме и сл. Мудри се пораките кои нè учат дека треба да се живее во сегашноста, во даден момент, дека треба да се вежба фокусот на нештата кои нè опкружуваат, а тоа може да биде и пролетното цвеќе на кое сме наишле на некоја полјана. Среќата се наоѓа во сè, треба само да знаеме да ја издвоиме, вели Конфучие.

 

Инстант задоволство

За разлика од среќата во малите нешта кои се вечни и бесплатни, инстант среќата е производ на брзо задоволство на кое нè наведуваат рекламите и различни општествени трендови кои доаѓаат и одат. Инстант задоволството не е базично и ние го купуваме како производ, а ако не сме во можност, тогаш сме незадоволни. Замката на инстант среќата можеме да ја избегнеме ако знаеме дека вистинската среќа не се купува и ако научиме сами да ја откриеме, без пораките кои ни ги праќаат рекламите.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>