Фармацевти
Контакт

<< Назад

Видови лековити препарати во аптека

февруари 25, 2016

[vc_column width="1/1"]Душан Гољиќ
м-р по фармација

Правните системи на многу држави, за да ги заштитат интересите на пациентите, бараат раздвојување на препишувањето и издавањето на лековите, па така единствено фармацевтите можат да го снабдуваат населението со лекови во аптеките. Тие може да бидат во рамките на болниците, или пак, јавни, а во последниве 15 години во експанзија ширум светот се и интернет-аптеките.

Голем број интернет-аптеки се слични на јавните аптеки, или претставуваат виртуелни страници на јавните аптеки, а разликата е во начинот на кој се бара и се доставува лекот. Повеќето интернет-аптеки бараат валиден рецепт за лекови кои се издаваат на рецепт, но постојат и оние кои тоа не го бараат и тие генерално се сметаат за пример на лоша пракса, бидејќи само лекарот може да ги одмери контраиндикациите, како и односот на ризик и корист за пациентот од користењето на одреден лек.

Јавните аптеки се состојат од дел за продажба, магацин и магистрална изработка на лекови, а понекогаш имаат и посебен дел за консултации со пациентите. Понекогаш разновидниот асортиман на аптеката може да збуни, бидејќи помеѓу големиот број кутии и шишенца со лекови, има и козметика, диететски производи, здрава храна и други производи.

Меѓутоа, за некој фармацевтски производ воопшто да се најде на полиците на аптеките, тој мора да добие дозвола за ставање во промет. Дозволата ја издава Агенцијата за лекови и медицински средства, која детално ја анализира придружната документација на производот.

Секој препарат мора да поседува докази за квалитетот на производство, безбедност на примена, фармаколошка ефикасност и потенцијална штетност. Дури по потврдување на овие податоци, производот станува класифициран, и неговиот понатамошен промет се врши во согласност со законот, а според карактеристиките кои го дефинираат неговиот состав.

Лек кој се издава на лекарски рецепт е статус кој го имаат оние препарати што  содржат прочистена супстанција која има интензивно дејство на човечката физиологија. Се користат исклучиво за лекување заболувања за кои се индицирани. Нивната неправилна употреба често доведува до појава на полесни и потешки несакани дејства, а прометот во аптека се контролира. Лековите кои се издаваат на рецепт мора да ја задоволат и најригорозната проверка по прашањето на контрола на квалитет и документација, а нивното рекламирање е забрането со закон. Ги препишува исклучиво лекар.

Лек кој се издава без рецепт (OTC) е препарат кој, исто така, содржи активна материја со фармацевтска чистота и квалитет. Критериумот го задоволуваат оние супстанции кои во промет се долга низа години, чие индикациско подрачје е потесно и добро дефинирано, а несаканите дејства се ретки и добро познати. Може да бидат синтетски добиени соединенија или стандардизирани растителни екстракти. Се користат во самомедикација на акутни и хронични заболувања. Нивното рекламирање е дозволено. Ги издава фармацевтот како терапија.

Диететски суплемент е оној препарат кој во својот состав по правило не содржи активна супстанција со интензивно дејство на организмот. Не се користи како лек, туку како помошно лековито средство, дополна на исхраната или поддршка на соодветен лек. Според составот може да бидат разновидни.

Препарати на растителна база, витамини и минерали, едноставни или сложени, сите се диететски суплементи. Нивното дејство е познато, а токсичноста при правилна употреба е мала или не  е позната. Со оглед на нивната разновидност, претставуваат најголем дел од асортиманот на аптеките. Прописите кои ги задоволуваат се послични на оние за храна, отколку за лек, и нивното рекламирање е дозволено. Ги препорачуваат лекарите и фармацевтите, а некои можеме да ги побараме и самоиницијативно.

Без разлика дали пред нас се наоѓа сируп, прашок, таблета, капсула, шумлива таблета или еликсир, сите ги доживуваме како лек. Тоа е исправно ако средството навистина ни помага. Сепак, не е на одмет да го прашате својот аптекар кој тип на препарат сме го добиле од него.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>