Ексклузивните теракотни икони од Виничкото кале
Ивана Коцевска
Фотографии Општина Виница и Бранко Данилов - зимски фотографии
Виница го има Виничкото кале кое на светското културно наследство му ги откри теракотните икони, најексклузивни дела од областа на ранохристијанската уметност во Македонија и светски раритет во областа на ранохристијанската археологијата. Досега се изложувани во најзначајните светски музеи и галерии, во Ватикан, Москва, Минхен, Париз, Рим...
Во средиштето на високопланинската област Пијанец, обиколен од Осоговските Планини на север, од планината Плачковица на југ и планината Голак на исток, се наоѓа градот Виница. Од најблискиот град Кочани Виница е оддалечена 13 километри источно, а од Скопје 120 километри источно. Виница е добро сообраќајно поврзана, низ градот поминува регионалиот пат Кочани-Берово. На север од градот тече реката Брегалница, а низ самиот град течат Виничка и Градичка Река.
Се знае дека името Виница потекнува од зборот вино, бидејќи подрачјето во минатото било познато по лозови насади. Името на градот е запишано на теракотните икони пронајдени на локацијата Виничко кале, како Винеа или Винце.
На овој простор постоела населба од доцноантичко време. За време на средниот век дел од подрачјето било во рамките на Византија, а дел во рамките на српската средновековна држава. Развој доживува за време на отоманскиот период. Како поголема селска населба се јавува во 19 век, кога е формирана чаршијата и станала трговски центар и пазар за селата од левата страна на реката Брегалница. Во 1971 година населбата е прогласена за град.
Виничкото кале
Прва асоцијација кога ќе ја споменете Виница е археолошкиот локалитет Виничко кале, римска тврдина кога се извишува на ридот над градот. До Калето се стигнува по асфалтен пат. Тоа е тешко пристапно, ориентирано североисток-југозапад, со остар пад на теренот од сите страни. На североисточниот дел од теренот се наоѓа пониска тераса на чии рабови уште пред истражувањата биле видливи остатоци од ѕидови.
Археолошкиот локалитет Виничко кале e утврдена населба од доцноантичкото време, со целосно зачувани градби покрај градскиот бедем од 4 до 6 век. Се наоѓа на самата периферија на градот, на рид висок околу 70 м, покрај патот Кочани – Виница – Берово. Ридот е опфатен со два одбранбени појаси. Надворешниот појас е постар, граден од камен и земја, а ја утврдувал раноантичката населба со површина од 3,5 хектари. Внатрешниот ѕид е изграден е во времето на Јустинијан I, кој ги обновил повеќето од доцноантичките тврдини и е граден со малтер и влечен во прави потези.
Виничкото кале имало стратешка улога особено за време на упадите на номадските војски, кои обично се движеле по оваа магистрала за да дојдат до Егејскиот или Јадранскиот брег.
Теракотните икони
Во 1985 година на Виничкото кале се откриени теракотни икони кои се вбројуваат во редот на најавтентични археолошки откритија и претставуваат драгоцен дел од целокупното Христијанско наследство. По својот облик претставуваат плочи изработени од глина, моделирани со помош на калап, а ги има во два формата, со некои помали отстапувања: квадратен и правоаголен.
Нивната точна функција, како и местото на изработување сè уште се мистерија. Според извршените физичко-хемиски анализи е утврдено потеклото на глината користена при изработката и е потврдено дека се локален производ. Најверојатно ги украсувале ѕидовите на една или повеќе градби на Калето. Во врска со локацијата на откриените плочи, изнесени се две теории од познати научници дека плочите биле донесени на Калето по престанокот на нивната употреба и затоа се пронајдени на депонија со керамички материјал; и дека откриените плочи се оштетени примероци кои биле таложени на овој простор поради несоодветноста за вршење на функцијата за која биле наменети.
Приближно на средината на локалитетот се наоѓаат мошне лошо зачувани остатоци од ѕидови на мала средновековна црква, многу порано прекопана од „диви копачи“ – трагачи по злато. Околу црквичката се откриени фрагменти од керамички садови, предмети од бронза, железо и коска, потоа накит, монети и друго. Откриен е и истражен богат женски гроб од 12 век во кој се најдени 9 стаклени и 4 бронзени позлатени белезици, 11 бронзени прстени и еден предмет од коска.
Најголемата колекција на теракотни икони се наоѓа во Музеј на град Виница, а солидна колекција изложува и Музејот на Македонија. Колекцијата на теракотни икони многу е зголемена со истражувањата во 2008/2009 година, кога покрај постоечките, пронајдени се и нови мотиви.
Позначајни цркви
Освен Калето, во околината на Виница вреди да се посети и некоја од и многубројните цркви. Една од поголемите цркви во Виничко се наоѓа во градот. Изградена е во 1850 година и е посветена на свети Архангел Михаил. Над влезната врата на црквата се наоѓала мермерна плоча со натпис во кој се споменува годината на ѕидањето, 1850, султанот Меџид Абдула и археопископот Климент. Дали навистина тогаш била градена или била обновена на темелите од стара црква сè уште не е утврдено. Во 1970 год. е урната и на истото место во 1973 год. е изградена поголема трикорабна базилика со полукружна апсида одвнатре и седмострана однадвор. Направена е од кршен камен и малтер со дрвен рамен таван. Над влезот на западната страна е декорирана со прекрасен мозаик на кој е прикажан св. Архангел Михаил. Во црквата се регистрирани 96 икони од кои 69 на дрвениот иконостас се работени во 19 век. Црквата својот патрон го прославува на 21 ноември, на денот на св. Архангел Михаил.
Црквата „Св. Јоаким Осоговски“ во блиското село Јакимово е една од најубавите на територијата на општина Виница. Како што кажува и името, посветена е на пустиножителот Јоаким Осоговски. Црквата е изградена и фрескоживописана со иконостас направен во резба и икони со голем дел донација од граѓаните. Патронот на црквата се прославува на 29 август секоја година во кругот на црквата која се наоѓа на одлична локација и на доминантна позиција над селото.
Во Виница се одржува Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница Веритас“, единствен од ваков вид кај нас. Фестивалот има меѓународен карактер, постои од 1991 година, а по само две години од постоењето е ставен во мирување. Возобновен е 2009 година и станува место кое на средба на сите љубители на хуморот и сатирата. Традиционално се состои од изложба на каракатури, промоција на алманах на афоризми, работилници за карикатура и театарски претстави.
Ако ја посетите Виница на верскиот празник Тодорица, во чест на Свети Тодор, ќе учествувате на масовно прославување со виничани, така како што славеле нивните предци. Помладите се натпреваруваат во трчање, возење велосипеди и трки со мотоцикли, а повозрасните се натреваруваат во стари дисциплини кои постојат со векови овде, трчање наназад, трчање со двете нозе во вреќа, трки со коњи...