Без молци со ароматерапијаБојана Бугарски
Лавандата е ароматично растение кое сè почесто може да се сретне и на нашите простори. Едноставно е за одгледување, па доколку имате тераса или градина огреана со сонце, топло ви препорачуваме да го засадите ова повеќенаменско декоративно растение со преубава сино-виолетова боја
Мирисот од лаванда е одлично решение да ја заштитите облеката од здодевните молци чие престојувалиште е токму вашиот орман, а нејзината специфична арома на луѓето дејствува релаксирачки и опуштено. Од таа причина одлучивме да ви покажеме како сами да си направите декоративни перничиња и вреќички полнети со сушени цветови од лаванда и да го освежите вашиот дом, односно гардероберот, а рачната изработка секогаш може да биде и симпатичен подарок.
Платно, газа, лента, молив, ножички, игла и конец се сè од материјалот потребен за да скроите разни облици на перничиња, т.е. вреќички, а потоа наполнете ги со сушени цветови од лаванда кои претходно сте ги скинале од гранчињата.
На внатрешната страна на платното нацртајте го саканиот облик. За да ви биде полесно, исцртајте и внатрешна линија која ќе ви служи како патоказ по кој ќе шиете, исечете го платното дупло. Токму така преклопеното платно од заднината сошијте го, но не заборавајте да оставите доволно широк отвор за перничето да го превртите на лице и да го наполните со лаванда. Завршете го шиењето од лицето со т.н. „невидлив раб“.
Вреќичките ќе ги добиете многу едноставно. Материјалот исечете го во круг, обележете ги со молив местата кои ќе бидат пресечени за да ја вовлечете лентата. Лентата шнирајте ја наизменично кон внатре и надвор. Пред да ја наполните вреќичката, лавандата можете да ја замотате во газа, за случајно да не се растури, и така вметнете ја во вреќичката, направете машничка и уживајте во опојниот, освежувачки мирис кој ќе се шири во просторот од вашите рачно направени перничиња и вреќички.