Фармацевти
Контакт

<< Назад

Висока мода 2016

август 23, 2016

Гламур и женственостЕкстравагантните тоалети од високата мода често се изработуваат рачно, што значи дека за шиење на едно парче облека некогаш се потребни и до 400 часа работа на специјализираните моделари за ткаенина, копчиња, пердуви или чевли, па цените на ексклузивните модели достигнуваат вртоглави суми и преку 100.000 евра

Замислете романтични, уникатни бохо венчиња од цвеќе кои се носат на глава и најмногу потсетуваат на цветна круна направена по пример на весел бидермаер, а, всушност, се модна реинкарнација на детали од хипи стилот за 21 век. На тоа додадете бохо шапка украсена со парички, ѓердани и бисерчиња (се носи во рака додека цвеќето ви е на глава), бохо торбичка со вез и трибални мотиви и ќе добиете восхитувачки, весели детали од високата мода за 2016 година, во кои изразот бохо подеднакво често го користат како модните креатори, гостите на модните ревии, така и девојките од улиците на светските градови.

Бохоманија
Зборот „бохо“, всушност, e кратенка од зборот „бохемиан“ (боемски), која пренесена во светот на модата треба да сугерира лелеавост, експлозија од бои, но и нежност и поетичност, како и дека нема невозможни комбинации. Па така во колекцијата на висока мода за оваа година Донатела Версаче ги комбинира бохо цветните венчиња со чизми со платформа и долги како воздух лелеави фустани со боја на јоргован и аквамарин, така нежни што изгледаат како секој момент дека ќе паднат од витките манекенки. Ни Диор оваа година не ја заобиколил бохо-манијата, додуша без венци на глава, но затоа неговите манекенки по пистата чекореле во долги, екстравагантни фустани, облечени во чизми гладијаторки со задолжителна платформа.

Се разбира дека ни Валентино не можел без романтика, само неговата ревија на висока мода била во духот на античка Грција, додека женственоста и естетиката на колекцијата на Ели Сааб била раскошна комбинација од гламур на индиските принцези во раскошни фустани од сатен, тантела и свила и британска мода од времето на Бел епок. Не заостанувале ни чевли со дебел ѓон украсени со пулејки и велови кои се носат како качулка. Модерното време било застапено со практични детали, мини-торбички закачени за тенок ремен околу половината, големи точно толку за во нив да се носи телефон, кармин и креон.

Фустани по мера
„Отсекогаш сум верувал дека поентата на модата не е само да се направат жените поубави, туку да им даде самодоверба и да ги направи посигурни во себе“, рекол своевремено Ив Сен Лоран, а овогодишната висока мода токму тоа го прави, зашто која жена не сака свила и тантела, лелеавост и елеганција, цвеќе и преубави бои, па дури и обувки со висока платформа во кои полесно се оди отколку на високи потпетици, а нозете изгледаат подолги и повитки.

Меѓутоа, трудот за да се моделира тоалетата која има етикета на висока мода не е мал. Фустаните мора да се пробаат и да се шијат по мера за секој клиент, често и рачно, од најфини материјали. Потребни се некогаш и до 400 работни часа само за изработка на едно парче облека, па затоа и цените се астрономски и се движат во десетици илјади евра.

За среќа, достапната конфекција уште како ги следи трендовите на високата мода, па prêt-à-porter колекциите можат да се купат по пристапни цени. Според проценките на модните аналитичари, само околу 2.000 жени во светот се постојани клиенти на куќите за висока мода, во кои работат исто толку високоспецијализирани моделари за работа со ткаенини, копчиња, тантела, пердуви или обувки. Куќите на висока мода, исто така, ги изнајмуваат тоалетите на филмски и музички ѕвезди и воопшто познати личности за специјални прилики, што на нивните креации им носи огромен публицитет, и значително им помага за пласман на успешни копии кои во продавниците на модна облека чинат далеку помалку.

Восочни кукли
Во 19 век, во 1857 година, терминот „haute couture“ прв започнал да го користи Чарлс Фредерик Ворт, опишувајќи ги така креациите на својата модна куќа. Неговите екстремно скапи креации по прв пат во историјата ги носеле живи модели. До тогаш тоалетите се прикажувале на восочни фигури. Кон крајот на 19 век, во 1892 година почнува да излегува и модното списание Вог, кое во следните децении ќе стане алфа и омега на модните случувања, мамејќи воздишки на читателите и диктирајќи трендови.

За среќа, не само креаторите и нивните тимови од моделари се креативни и инспирирани во создавање и реализација на прекрасни тоалети и интересни модни додатоци. Девојките и жените со фантазија, вооружени со знаење за шиење и модни списанија, од кои некои се опремени и со практични шнитови, во состојба се за малку пари да направат уникатен модел кој на крај може да изгледа како да излегол од некоја куќа на висока мода.

Смелост и инспирација
За разлика од изреката „prêt-à-porter“, која се однесува на мода која се носи сега и веднаш, а значи и „подготвен за носење”, „haute couture” (haute=висок, елегантен/couture=шиење) е француски израз за висока мода, која славните креатори ја претставуваат на модната писта и која не мора да биде ни функционална ни може да се носи, но мора да биде интригантна, да шокира со смелост, со фантазија и со инспирација. Високата мода се произведува во мали количини по мера на нарачателот, а се изложува на модните писти на светските центри на модата, како Лондон, Токио, Њујорк, Милано и Париз.

Креаторите сакаат да користат и скратен израз couturier, делумно бидејќи „haute couture“ е заштитен, односно е дозволено да го употребуваат само модните куќи кои се дел од „chambre syndicale de la haute couture“, имаат и ателје и моделарница во Париз со минимум 15 вработени работници и два пати годишно вадат нови колекции со не помалку од 35 модели облека. Сепак, францускиот монопол на терминот го пробиле славните модни куќи од Милано до Токио, па го користат за свои екстравагантни креации. Couturier денес има широко значење и ги опфаќа креирањето и моделирањето на висококвалитетна женска облека по мера.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>