Заштитник на убавината и на здравјетоКатарина Туциќ
Витаминот Е е моќен антиоксидант, тој ги спречува оштетувањата на крвните садови и развојот на срцеви заболувања, многу е корисен во борбата против стресот и различните загадувања на организмот (пушење, жива, зрачење), ги штити клеточните мембрани и ги јакне ѕидовите на капиларите, ги ублажува дегенеративните промени во мускулите и нервните клетки, кои се карактеристични за третата доба, помага во контрола на нивоата на шеќер во крвта и кај проблеми во менопауза (валунзи). Витаминот Е е многу моќен сојузник во борбата против стареењето, а во комбинација со други витамини помага мозокот подобро да ни работи, сврзните ткива, мускулите и коскениот систем да останат здрави, а имунитетот да не падне. Антиоксидативната заштита на организмот е најдобра со внесување на витамин Е во комбинација со други витамини во облик на суплементи и со избор на здрава и избалансирана исхрана.
Исхрана: Намирници кои се богат извор на витамин Е се: пченични никулци, јаткасти плодови (бадем, сончоглед, орев, лешник), нерафинирани, ладно цедени растителни масла од маслинки, семки од тиква, репка, сончоглед, како и зелен зеленчук (спанаќ, блитва), киви, лути пиперчиња, жолчка.
Суплементи: Суплементите кои содржат природен витамин Е, односно природна мешавина на токоферол, имаат докажано подобро дејство, за разлика од синтетичкиот витамин Е кој има 50 насто послабо дејство. За дневните дози на суплементација на витамин Е најдобро е да се консултирате со лекар или фармацевт, бидејќи зависат од старосната доба, полот, степенот на исцрпеност на организмот, здравствената состојба и животните навики, пред сè, во исхраната. Исто така, се препорачува суплементите на витаминот Е да се земаат со оброк, бидејќи така подобро се апсорбира отколку кога се зема на празен стомак, или со течност.
Недостиг на витамин Е: Староста е доба кога може да дојде до намалување на ресорпцијата на витаминот Е преку храната. Исто така, ако метаболизмот на масти е пореметен, може да дојде до недостиг на витамин Е бидејќи се раствора во масти. Проблем може да настане и како резултат на зголемено лачење на жолчката, стресни ситуации кои траат, изложеност на токсини, појава на цистични фибрози, Кронова болест, заболувања на системот за варење.
Недостигот на витамин Е се манифестира со проблеми во видот (може да се развие катаракт), а симптоми може да бидат и загуба на мускулната маса и слабост на мускулите, како и проблеми со крвните садови, црниот дроб и бубрезите. Витаминот Е е важен за синтеза на белковините, а посебно за колагенот, па во случај на негов недостиг кожата е повеќе склона кон создавање брчки.
Убавина: Витаминот Е е голем сојузник на здравјето на целиот организам, но и на добриот изглед. Покрај орална употреба, може да се нанесува и директно на кожата преку масла богати со витамин Е (бадемово, арганово). Многу поволно влијае на тонусот на кожата и на намалување на брчките, па со причина го нарекуваат и „витамин на младоста“.