Фармацевти
Контакт

<< Назад

ВИТАМИНИ

октомври 28, 2015

[vc_column width="1/1"]

За правилен раст и развој на детето

д-р Радмила Косиќ, специјалист по педијатрија

Во првите месеци од животот бебето добива витамини од мајчиното или адаптираното млеко, со додавање на витамин Д во првата година од животот, а со воведување на мешана исхрана се обезбедува доволна количина витамини за негов раст и развој

Витамините се органски материи кои му се потребни на организмот за да се обезбеди нормален раст и развој и да се одржи здравјето. Извршените експерименти на животни хранети со пречистени протеини, јаглехидрати и масти, покажале дека за живот се неопходни и дополнителни материи – витамини и минерали. Тие се наоѓаат во намирниците од растително и животинско потекло, имаат различен хемиски состав и различни улоги во организмот.

Пред да биде откриена хемиска структура на витамините, било вообичаено да се означуваат со букви од абецедата, што, надвор од стручни, биохемиски кругови се задржало и денес. Витамините се делат на две големи групи. Тоа се липосолубилни витамини А, Д, Е, К, растворливи во масти, и хидросолубилни витамини Б и Ц, растворливи во вода.

Урамнотежената мешана исхрана обезбедува внес на доволна количина витамини. Во првите месеци од животот доенчето добива витамини од мајчиното млеко, а сегашната педијатриска пракса советува само додавање на витамин Д во првата година од животот. Со воведување мешана исхрана се обезбедува доволна количина витамини за раст и развој на детето.

Со оглед дека витамините се нестабилни на висока температура и во допир со кислород, нивната количина е оптимална во свежи намирници. Овошјето и зеленчукот треба да се јадат свежи, т.е. краткотрајно варени на пареа или во поклопен сад. Родителите често се непотребно загрижени поради видовите и количината храна која детето ја зема, пред сè, поради грижата дека нема да внесе доволно витамини кои ќе го заштитат од болести. Улогата на витамините во имунитетот е неспорна, но потребните количини се навистина мали – една чаша лимонада содржи дневна доза витамин Ц, а еден морков е доволен за дневната потреба за витамин А.

A-vitaminВитамин А: црн дроб, риба и рибино масло, млеко и млечни производи, жолчка, жолто овошје и зеленчук, зелен зеленчук
Витаминот А е важен за процесот на обнова на кожата и слузокожата. Придонесува во процесот на растење, а докажана е и негова улога во имунитетот на клетките. Неопходен е за создавање на видниот пигмент родопсин, кој е одговорен за адаптација на окото во темница. Се раствора во масти, а резервите се наоѓаат во црниот дроб. Децата кои во првата година од животот јадат поголеми количини на жолто овошје и зеленчук (морков, тиква, портокал, праски итн.) некогаш имаат жолто пребоена кожа околу носот, дланките и табаните.

Оваа појава не е опасна (не се смета за жолтица!), но се советува намалување на овие намирници. Нормалната исхрана на нашето поднебје обезбедува доволна количина од овој витамин – драстичен недостиг (хиповитаминоза) забележан е порано кај деца кои во некои делови од светот се хранеле само со глазиран ориз (бел, без лушпа). Кај деца кои боледуваат од ретки пореметувања на апсорпција на масти, витаминот А мора да се надомести.

Недостигот од овој витамин може да се манифестира со пореметувања на видот („ноќно слепило“), промени на кожата и слузокожата, детето може да има поголема склоност кон инфекции и анемии. Пореметувањата кои се јавуваат како резултат на зголемен внес на витамини (хипервитаминоза) денес ретко се среќаваат. Порано превентивно се давале препарати кои го содржеле овој витамин (АД капки за доенче), па при неправилно дозирање можело да дојде до хипервитаминоза.

D-vitaminВитамин Д: риба, црн дроб, јајца, путер, млеко
Витаминот Д е група на соединенија кои се наоѓаат во намирниците од животинско потекло, а се претвораат во активен облик под дејство на сончевите зраци. Овозможува регулирање на нивото на калциум и фосфор во телото, правилен раст и обликување на коските. Недостигот може да се јави поради недоволен внес, недоволно изложување на сончеви зраци или поради вродени неправилности во метаболизмот кај детето.

Сите сме слушнале за рахитис, пореметување во минерализацијата на коските кои растат. Денес ретко се среќава, бидејќи е воспоставена пракса на давање превентивни дози од 400 И.Е. дневно, во текот на првата година од животот, како и за време на зимските месеци во втората година. Ризикот од предозирање постои само при неправилна употреба на фармацевтски облици.

K-vitaminВитамин К: зеленчук со темнозелни листови, жолчка и црн дроб
Најпознатата улога на витаминот К е во процесот на згрутчување на крвта. Освен што го внесуваме преку храна, овој витамин го произведуваат бактериите во нашите црева. Непосредно по раѓањето овие бактерии се во мал број, па затоа на бебето му се дава една доза витамин К. Со ова се спречува појава на продолжено крвавење (најчесто од папокот). Недостигот од овој витамин се јавува ретко,  почесто кај возрасни поради примена на некои лекови. Се раствара во масти, а резервите се чуваат во црниот дроб.

E-vitaminВитамин Е: зелен зеленчук, мешунки, растителни масла, јајца, месо
Позната е улогата на витаминот Е во антиоксидативните процеси. Се наоѓа во клеточните мембрани, ги штити од оштетувања и на тој начин учествува во растот, развојот и зачувувањето на ткивата и органите. Недостигот се јавува кај предвремено родени деца и болни со пореметено варење на мастите.

C-vitaminВитамин Ц: овошје и зеленчук
Веројатно најпознатиот од сите витамини, Ц витаминот, се раствора во вода, не се складира во телото и редовно мора да се зема со храна. Го уништува топлината и сочевата светлина, со варење се губи од храната. Учествува во зачувување на сврзното ткиво, зараснување на рани, помага во апсорпција на железото и е неопходен за низа имунолошки процеси. Дневната потреба може да се задоволи со едно свежо овошје или салата, цеден сок. Дури и компирот е добар извор доколку правилно се подготви. Задолжителен е во сите мултивитамински сирупи за деца. Недостигот се гледал одамна –„скорбут“ кај морнарите на долготрајните пловидби без свежо овошје и зеленчук. Колку децата и да ги земаат во мали количини овие намирници, според мислењето на родителите, недостигот на Ц витамин денес го нема.

B-vitaminВитамини Б: црн дроб, месо, млеко, интегрални житни растенија, риба, зелен зеленчук
Најпознати витамини од оваа група се Б1, Б2, Б6 и Б12. Овозможуваат процеси на добивање енергија од јаглехидрати и созревање на клетките во коскената срцевина. Уште во 1911 година од интегралниот ориз е изолирана материја со која можела да се излекува болеста бери-бери, од која биле болни деца хранети исклучиво со ориз без лушпа. Материјата го добила името „витамин“, тоа е првиот откриен витамин, Б1. Денес недостигот на оваа група витамини ретко се среќава, бидејќи се широко распространети во разни намирници, па секоја макар и малку разновидна исхрана ќе обезбеди доволна количина за нормален метаболизам. Кај децата од нашето поднебје овие хиповитаминози не се среќаваат. Зголемен внес се советува кај болести на нервниот систем и некои видови анемија.

Во првата година од животот детето преку мајчиното млеко или адаптираното млеко  и мали количини на разновидна цврста храна ќе внесе доволни количини на сите витамини. Се советува давање на една доза витамин К по раѓање и 400 И.Е. дневно витамин Д во текот на првата година. Загрижените родители на дете од предучилишна возраст обично стравуваат дека одбивањето на некои намирници ќе доведе до недоволен внес на витамини и ќе влијае на пад на уминитетот. За среќа, витамини има во сите намирници! Правилно подгответе ги и приспособете ги според вкусот на вашето дете, а доколку сте и понатаму загрижени во текот на зимските месеци или после болест можете да му дадете некој мултивитаминиски сируп. Доколку нормално расте, се развива и не е болно почесто од своите врсници, вашето дете сигурно внесува доволно витамини преку својата омилена храна.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>