Во модерното секојдневие зборот витамини стана синоним за здравје. Не ретко се води и дискусија за тоа дали е поздраво витамините да се внесуваaт со храна или во вид на суплементи. Кога е во прашање витаминот Е, ајде да видиме за што е корисен, како да се зема и кога е доволен?
Под витамин Е подразбираме незаменлива супстанција која е означена како токоферол. Иако во природата може да се најдат повеќе соединенија со оваа структура, нашиот организам има најмногу корист од алфа-токоферол, кој оптимално се трансформира во црниот дроб и станува физиолошки активен.
Овој молекул е неопходен антиоксидант. Ги штити клетките од оксидативен стрес, кој секојдневно се случува во ткивата како последица на комплицираниот метаболизам. Витаминот Е игра значајна улога во продукција на клетките на крвта и имунолошкиот систем, ја штити внатрешноста на крвните садови инхибирајќи лепење тромбоцити за нив. Внесот на витаминот Е го намалува ризикот од појава на кардиоваскуларно заболување, како и од мозочен и срцев удар.
Покрај тоа, токоферолот има примена и кај старечки болести, намалувајќи ја прогресијата на Алцхајмерова болест и старечка макуларна дегенерација. На лицата кои во својата исхрана користат многу месни преработки или масти им се препорачува зголемен внес на витамин Е, така значително се намалува ризикот од појава на заболувања на дебелото црево.
Кожата е орган кој секојдневно трпи оксидативен стрес, па овој витамин одамна ја нашол својата примена во козметиката. Маслата од авокадо, јојоба, бадем и арган се богати со токоферол и се незаобиколни состојки во препаратите за нега на кожа. Козметичките маски на база на краставици ја освежуваат и ја регенерираат кожата на лицето, а тенот го прават посветол.
Витаминот Е веќе долго време се користи како адитив во прехранбената индустрија поради своите антиоксидативни, заштитни својства. Со негово додавање го продолжуваме векот на масните намирници, бидејќи ги штити од оксидација. На листата на адитиви е означен како Е306.
Доколку сакате да го зголемите внесот на овој антиоксидант, време е во исхраната да вклучите ладно цедени растителни масла, зелена салата, спанаќ и немасни млечни производи. Пченичните никулци, овесната каша и житните растенија го содржат во изобилство, со оглед на тоа дека во природата најмногу го има во зрната и семките на растенијата.
Внесот на витаминот Е преку храната во високи дози до сега не покажал штетни ефекти. Предозирање со суплементи, меѓутоа, во одделни случаи може да доведе до крвавења. Максималната доза кај возрасни не смее да е над 800-1000 мг дневно. Витамините се неопходни елементи за правилно функционирање на организмот, но нивната примена не е неограничена. За тоа кога, колку и зошто да се земаат некои витамини, посоветувајте се со вашиот фармацевт.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци