Ана Николиќ
Вкусни и освежувачки напитоци, богати со витамини, се вистински избор во текот на зимските месеци затоа што го зајакнуваат имунитетот, го хидрираат организмот, ја подобруваат циркулацијата и ни даваат нова дополнителна енергија кога се чувствуваме заморно. Можат да се пијат наутро, а и во текот на денот, како освежување или замена за ужина.
Чаеви: Можат да се пијат топли и ладни, а и да се мешаат со цедено овошје. Чаевите ги ублажуваат и ги олеснуваат типичните зимски заболувања како настинка, треска и грип. Ако имате стомачни проблеми, чајот од нане има благотворно дејство, а, исто така, дејствува и смирувачки, антибактериски и антисептички. Богат е со магнезиум, фосфор, калциум и витамин Ц. Чајот од шипка, исто така, е идеален пијалак за зимските денови. Богат е со витамини Ц, К и Б-група, како и минерали. Овој пијалак од плодовите од шипка помага кај запек, го јакне имунитетот и ги ублажува грчевите во желудникот. Во зимските месеци често заболуваме од разни воспаленија, па, доколку нè мачи сува кашлица, добро е дома се има корен од бел слез, затоа што чајот од оваа билка го ублажува воспалението на слузокожата на устата и ждрелото. Многу е здрав и чајот од ѓумбир, богат со бета-каротин, витамин Ц и минерали, посебно ако имаме зголемена температура, ревматски болки и „вознемирен“ желудник.
Сокови од овошје: Тие се вистински благодет во зимските месеци. Smoothie од цитрус (лимон, мандарина, грејпфрут, портокал) е вистинска витаминска бомба! Ако сакате густи сокови, измиксирајте, на пример, портокал и банана, а можете да додадете и парче ѓумбир, па сето тоа да го зачините со цимет и мед. Сок од свежо киви помешан со јогурт е многу вкусен, како и млечни комбинации со круша или јаболко. Во свежо измиксиран сок од овошје можете да додадете и какао, малку јаткасти плодови (бадем, орев, лешник), а и суво овошје, доколку сте љубител на сладок вкус. Во зимските месеци можете во свечени прилики да правите и овошни коктели, а чашите да ги украсите со парче портокал или лимон. Овошјето ни овозможува и да си „играме“ со боите. Ако додадете киви, сокот ќе биде зелен, а ако доминира калинка, инаку богата со витамини Б6, Б12, А, Е и Ф, напитокот ќе има убава црвена боја.
Сокови од зеленчук: Свежо исцеден сок од морков изобилува со витамини А, Ц и Б. Идеален е за сите возрасти, а ако децата не го сакаат, секогаш можете да го збогатите така што морковот ќе го измиксирате во блендер со јаболко и портокал. Во сокот од спанаќ и целер можете да додадете киви и да го украсите со неколку ливчиња магдонос. Пробајте да ги изненадите домашните со „гурмански“ зеленчуков микс од еден домат и пиперки. Додадете три чешниња лук, неколку листови магдонос и целер, лажичка маслиново масло, пола шолја вода и зачинете со малку морска сол и бибер. Ако не сте љубител на свежо цвекло, измиксирајте го со јаболко и лимон, збогатете со лажичка мед и ќе добиете совршен вкус. Соковите од зеленчук се природен извор на здравје. Доколку до сега не сте имале навика да ги правите и консумирате, задолжително воведете ги во секојдневната исхрана.