[vc_column width="1/1"]
Од нервоза и несоница до оштетување на слухот
Предраг Грујиќ
Во зависност од интензитетот, спектарот, ритамот и времето на траење, бучавата, покрај физиолошките оштетувања, како што се хипертензија, тахикардија или оштетување на слухот, влијае и на нашето ментално здравје, предизвикувајќи несоница, нервоза, раздразливост, брзо заморување, недостиг на концентрација, пореметување во учењето и други симптоми
Од раѓање сме изложени на бучава, почнувајќи од онаа која се смета за нормална, како што е шумот на лисја во шума (20 децибели), или тивок глас (40 dB), ТВ кој не е прегласен (60 dB), но и бучава како удар од гром (120 dB), или уличен сообраќај (90 dB), кои се акустична траума, зашто интензитетот им преминува 80 dB.
Долготрајно изложување на бучава од преку 80 dB може да предизвика оштетување на слухот, а загрозена група се индустриските работници, изложени на шум од различни машини и апарати. Овој вид на бучава уште се нарекува и „бела бучава“, бидејќи содржи широк звучен спектар, за разлика од т.н. „комунални“ бучави, присутни во урбаните средини.
Затоа Националниот институт за професионална безбедност и здравје на САД препорачува горната граница на индустриската бучава да биде 85 dB, бидејќи од 28 милиони Американци со оштетен слух, повеќе од 9 милиони оштетувањето го добиле изложувајќи се на дејство на индустриската бучава. Наменските антифони, односно „чепови“ за уши кои се ставаат во надворешниот ушен канал ја редуцираат бучавата за 15-30 dB, а парче вата за 7 dB.
Стрес и инфаркт
Хроничната бучава доведува и до стресни реакции, крвниот притисок расте, се менува вредноста на липидите (масти во крвта), што доведува и до коронарни болести, кои можат да бидат предуслов за појава на инфаркт. Експертите од Универзитетскиот центар во Берлин истражувале над 4000 пациенти хоспитализирани со знаци на акутен инфаркт на срцето и откриле дека 50% од мажите и 30% од жените со оваа дијагноза долго време биле изложени на бучава.
Вишокот децибели на кои секојдневно сме изложени не го оштетува само нашиот слух, туку неповолно дејствува на целиот организам, па присутно е чувство на нервоза и хроничен замор. Бучавата со причина се смета за специфично загадување на човековата средина, кое негативно влијае на нас, така што стануваме раздразливи и пречувствителни, лошо спиеме и наутро се будиме уморни и исцрпени. Паметен телефон на ноќната масичка, кој секој час се огласува и ни го прекинува сонот, прегласна музика, односно долготрајно слушање музика со слушалки, само се некои од новите навики кои дефинитивно ни го загрозуваат здравјето, па многу порано почнуваме да го губиме слухот, отколку што тоа им се случувало на предците.
Губење на слухот
На пример, се смета дека изложеност од само една минута на гласен звук на рок-концерт претставува ризик од неповратно оштетување на слухот, што и не е толку необично ако се знае дека рок-концертот според нивото на бучава се става во ист ред со употреба на пневматски компресор (115-120 dB), за што се препорачуваат заштитни антифони. Во почетна фаза, симптомите на губење слух траат неколку часа по изложување на бучава, но се повлекуваат по одмор. Ако долготрајно се изложуваме на бучава, по почетното оштетување на слухот кое е од привремен карактер, може да настанат трајни оштетувања. Губењето на слухот прво речиси незабележливо се манифестира кај високи фреквенции, да речеме, послабо се слушаат детски и женски гласови. Меѓутоа, губењето на високи фреквенции има за последица појава на дисторзија на звукот, па дури и гласниот говор тешко се разбира.
Фактори на бучава
Постојат четири фактори на бучава кои имаат трауматично дејство на човечкиот организам. Тоа се интензитет, спектар, ритам и време на траење. Силата на бучавата која предизвикува оштетувања почнува од 80 dB. Што се однесува до спектарот на бучава, најштетни се тонови со висока фреквенција. Континуиран ритам на бучавата е поопасен и од дисконтинуиран, а времето на траење на изложувањето на акустична траума е важен фактор за настанување на оштетување на слухот. На пример, изложување на бучава од 115 dB во траење од 15 минути претставува критична граница за постепена загуба на слухот. За 95 dB критична граница е до 4 часа, а за 100 dB 2 часа. За да се спречи оштетување на внатрешното уво, времето на изложеност на бучавата мора да се намалува со пораст на интензитетот на бучавата и ова правило е задолжително за сите луѓе кои извршуваат работи со високо ниво на бучност.
Иако во секојдневниот живот не сме перманентно изложени на силна, заглушувачка и непријатна бучава, како што е звук на авионски мотор или пневматски машини, факт е дека речиси постојано сме изложени на бучава со помал интензитет, која не доведува до оштетување на слухот, но може да штети на нашиот кардиоваскуларен и нервен систем, да предизвика зуење во ушите, пореметување во спиењето, намалена концентрација, нервоза, раздразливост, чувство на вознемиреност и негативно влијае на квалитетот на живот. Таканаречената „мала“ бука, или тивок шум до 50 dB не предизвикува органски оштетувања, но врева, прегласно зборување, постојано вклучен ТВ (70-80 dB) предизвикуваат нервоза, причина се за лош сон и чувство на замор.
Звуците со низок интензитет од фрижидер, клима-уред и останати електрични апарати не претставуваат директна опасност за нашиот слушен апарат, но влијаат на нашето ментално здравје, пореметување во исхраната (губење на апетит или зголемен апетит), ниво на стрес, должина на сон (или негова испрекинатост). Целиот тој шум на модерниот живот, за кој нашите предци не знаеле и за кој често имаме впечаток дека не го слушаме, предизвикува чувство на премор и безволност, недостиг од енергија и фокусираност. Модерните навики, како слушање гласна музика „од утро до вечер“, или одење во кревет со таблет и смартфон, предизвикуваат проблеми при учење, раздразливост и несоница, демотивираност и побрзо откажување од поставените цели, и отежнато решавање на проблемите.
Заштита од бучава
Превенција од негативното влијание на бучавата на човечкото здравје се постигнува со изолација на работниот и животниот простор, со користење специјално дизајнирани „чепови“ за уши, во случај на професионална изложеност на бучава (пилоти на млазни авиони, ковачи и сл.), превентивни прегледи на вработените кои се експонирани на бучава. Помага и почесто правење пауза на работа, скратено работно време и продолжен годишен одмор.
Меѓутоа, додека во индустриите со високо ниво на бучава постојат посебни програми за заштита на луѓе кои се изложени на неа, се поставува прашање што треба да работи човек во секојдневниот живот, „нападнат“ со перманентна бучава од градски сообраќај, вклучени радиоапарати и телевизори, ѕвонење на телефон, шум од куќните апарати, врева и викање? Во градските зони во кои во текот на ноќта бучавата е помеѓу 55 и 75 dB, продажбата на лекови за смирување и за спиење е трипати поголема од онаа во помирните делови од градот.
Додека на некоја бучава, како уличниот сообраќај, не можеме да влијаеме, на многу извори на бучава можеме. На пример, нема никаква потреба радиото или телевизорот да бидат вклучени цел ден. Тишината во станот проверено дејствува смирувачко, особено по бучен и стресен ден. Исто така, спиење во мир и тишина е предуслов за здравје, па во кревет не треба да се носи телефон, таблет и други електронски уреди кои го прекинуваат сонот. Одењето во природа и изложување на природни звуци, како што се звукот од ветрот, пеењето на птиците или жуборот од водата, исто така, се лековити. На годишен одмор е пожелно колку што е можно да се заборави на електронските уреди, а навечер, наместо во бучен клуб, да се оди на прошетка. На нашиот организам неопходен му е одмор и заздравување од бучавата и шумовите со кои е загадена урбаната средина. Оштетувањата на слухот се кумулативни, но не ги забележуваме додека не напреднат. Дури 50% од луѓето постари од 60 години не слушаат добро. Стручњаците со причина советуваат да внимаваме на бучавата и да се користат заштитни чепчиња за уши.