Фармацевти
Контакт

<< Назад

Влијанието на сонцето и морето на очите

јули 27, 2016

Како да се заштитимеМилена Исаковиќ

Добрата страна од престојот на свеж воздух е и таа што ни годи изложеноста на природно светло, кое, меѓу другото, му помага на организмот да го одржи здравиот, цикличен ритам на спиење. Меѓутоа, изложеноста на силната сончева светлина, т.е. УВ-радијација, може да го зголеми ризикот од оштетувања на очите и развој на многу болести на сетилото за вид, па очите би требало да се заштитат со квалитетни очила за сонце.

Истото важи и за морската вода, бидејќи колку и да е делотворно и смирувачки гледањето во морската шир и синилото, очите треба да се заштитат од одблесокот на водата, но и од директниот контакт со морската вода при пливање и нуркање. Морската вода е здрава, но не  е стерилна, па нуркањето со отворени очи без заштитни очила го зголемува ризикот од вирусни и бактериски инфекции на очите, како и влошување на видот.

Очилата за сонце со стакла кои имаат заштита од УВ-зрачењето се сигурна одбрана од УВ-радијацијата, која може да го оштети површинското ткиво на окото, но и корнеата и самата леќа. Меѓутоа, кога сонцето е многу јако, помеѓу 10 и 15 часот, покрај очила, се препорачува носење шапка со широк обод или качкет. Исто така, треба да се има предвид  дека сончевите зраци поминуваат и низ облаците, па носењето очила за сонце се препорачува и кога времето е облачно. На пазарот постојат и квалитетни детски очила за сонце, па треба да се заштитат и најмладите, како со очила, така и со шапки или качкети.

За да не го расипеме задоволството при пливање и нуркање поради проблеми со очите, се препорачува носење очила за нуркање, но и посветување внимание на чувствителната кожа околу очите, бидејќи солта од морската вода може да ја иритира. Капаците и регијата околу очите најдобро е да се заштитат со креми на база на минерали со заштитен фактор 30, бидејќи најмалку ја иритираат кожата. Оној кој носи контактни леќи а има чувствителни очи, би требало да знае дека пливањето со нив може да предизвика влошување на видот и инфекции на рожницата. Препорака е да се носат очила за нуркање или леќите да се извадат пред влегување во вода.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>