Подобро да се спречи отколку да се лекувам-р Милан Радовановиќ, психолошки советник и терапевт
Стресот е состојба во која се наоѓаат умот и телото на личноста кога на неа дејствува одреден стресор, а одговорот на личноста на стресот е сè она што следува потоа и се случува на ниво на мислење, чувства и однесување и влијае на нашето функционирање и квалитетот на нашиот живот
Нашето тело и нашата психа секојдневно се изложени на влијание на голем број фактори од надворешната средина на кои мора да се адаптираат. Овие фактори можат да бидат различни: од физички, како што се температура на воздух, или голема бука која ни пречи, па сè до психолошки, како што се проблеми во комуникација, преголеми очекувања, продолжување рокови и слично. Некои од овие фактори полесно ги поднесуваме, а некои потешко. Покрај тоа, некои од нив влијаат позитивно на нас и со нив обично полесно се адаптираме, додека другите нè загрозуваат и е потребно да вложиме напор за да можеме да им се приспособиме.
Оној момент кога ќе почувствуваме дека кој било надворешен фактор влијае на нашето тело и нашата психа и дека го пореметува нашето вообичаено функционирање, ние сме доживеале стрес, а факторот кој го предизвикал го нарекуваме стресор. Меѓутоа, стресор може да дојде и од самата личност и тогаш зборуваме за т.н. внатрешни фактори, како што се: нереални цели, тежнеење кон перфекционизам, забрзан животен стил и други. Овие фактори имаат еднакво влијание на личноста како и надворешните. Треба да се нагласи дека одговорот на личноста на стресот не е исто што и стресот. Имено, стресот е состојба во која се наоѓаат умот и телото на личноста кога на неа дејствува одреден стресор, а одговорот на личноста на стрес е сè она што следува потоа. Овој одговор се случува на ниво на мислење, чувствување и однесување и влијае на нашето функционирање и квалитетот на нашиот живот.
Позитивен и негативен стрес
Интересно е што самиот стрес може да биде позитивен, кога го нарекуваме еустрес и негативен т.н. дистрес. Имено, доколку стресорот е позитивна случка, на пр., проширување на семејството, промена на работата, промена на местото на живеење, тој, исто така, ќе предизвика стрес и на нашиот раст и развој, па ваквиот стрес во таа смисла е позитивен по нас. Од друга страна, сите негативни стресори кои имаат штетно влијание на нас и нашето функционирање ќе го предизвикаат она што ние го нарекуваме дистрес и бараат да вложиме одреден напор за успешно да го надминеме. Меѓутоа, постои тенденција самиот поим на стрес да се поистовети со она што сме го означиле како дистрес, како во широката така и во стручната јавност.
Акутен и хроничен стрес
Стресот во нашиот живот може да се јави повремено, и да трае краток временски период и тогаш зборуваме за акутен стрес. Тоа, на пр., може да биде болест или повреда, неуспех на работа, сообраќајна незгода и сл. Доколку ваквиот стрес се јавува зачестено, за на крајот да почне трајно да се појавува во нашиот живот, тогаш велиме дека се наоѓаме под хроничен стрес. Последиците тогаш се многубројни и многу посериозни од акутниот стрес. Меѓутоа, и самиот акутен стрес, доколку е со висок интензитет, може да предизвика последици подеднакво сериозни како и хроничниот стрес.
Последиците кои се поврзуваат со стресот се многубројни, а исклучително висок процент на болести се доведува во директна врска со стресот, најчести се: кардиоваскуларни болести, проблеми со дишните патишта, гастроинтестинални тегоби, проблеми со кожата, мигрена, депресија, раздразливост, проблеми со учење, мислење, проблеми со внимание и многу други.
Кога зборуваме за хроничен стрес важно е да се издвојат два проблема. На прво место, одредени лица успеале да се адаптираат на постојано присуство на стресот во секојдневното функционирање и не успеваат да ги препознаат последиците или го негираат нивното постоење. Најчесто се однесуваат по шаблон дека тоа е нормално и дека тоа е дел од нивниот животен стил, па вака функционираат сè додека не се појави сериозен здравствен проблем. Ваквата ситуација е многу честа во современото општество и се смета за дел од современиот стил на живот, а особено е присутна кај луѓе кои живеат во урбани средини.
Синдром на прегорување
Друг проблем на хроничниот стрес претставува синдромот брнаут, односно синдром на прегорување. Настанува како последица на хроничниот стрес и доведува до состојба на психичко прегорување, а особено емоционално, што доведува до чувство на празнина, исцрпеност, безволност и со себе повлекува низа психосоматски тегоби кои се во врска со стресот воопшто.
Веќе рековме дека одговорот на стресот се случува на ниво на мислење, чувства и однесување и дека со тоа влијае на нашето функционирање и квалитетот на нашиот живот. Доколку нашиот одговор на стрес е неадекватен, нефункционален и создава последици по нашиот живот имајте на ум дека тоа е нешто на што секој од нас може да влијае. Па се поставува прашањето како да се бориме со стресот?
Во духот на народната „подобро да се спречи отколку да се лекува“, првото ниво на одбрана е, секако, превенција на стресот. Потребно е да ги идентификуваме сите надворешни стресори на кои сме изложени и потоа да ги елиминираме оние кои е можно да се елиминираат, потоа можеме да го намалиме влијанието на оние кај кои тоа е можно или да ги избегнуваме колку ќе ни дозволат околностите.
Мерки на превенција
Кога се во прашање внатрешните стресори здравиот животен стил е најпосакуван облик на превенција, а подразбира работа на себе, на своите мисли, чувства и однесување, и усвојување секојдневни животни навики кои се во функција на растот и развојот на личноста, како што се:
- здрава, умерена и разновидна исхрана,
- редовен одмор – активен или пасивен,
- редовен сон – особено е важно да се почитува ритамот на одење на спиење и станување, а во слободните денови овој ритам да не се загрозува,
- поминување на времето со лица кои ни се важни и кои ни годат,
- поминување на времето во активности кои ни годат било да е тоа спортување, прошетка, риболов, играње видеоигри, читање...важно е овие активности да се разновидни и дека се во функција на релаксација.
Меѓутоа и покрај сите мерки на превенција кои ги преземаме, одредени стресори ќе влијаат на нас и тогаш е неопходно да преземаме низа други мерки за да го намалиме влијанието на стресот и адекватно да одговориме на изразениот стрес. Во таа смисла можеме да совладаме различни техники на релаксација: вежби на телесна релаксација, вежби на ментална релаксација, вежби за дишење. Нивна најголема предност е што може многу лесно да се научат, а за нивна подготовка и реализација не се потребни никакви посебни услови.
Покрај техниките на релаксација, учењето и редовното практицирање слични специфични вештини, како што се: медитација, јога, автоген тренинг, автохипноза, се многу ефикасни и моќни начини за надминување на проблемите предизвикани од стрес.
Уште едно моќно оружје е техниката за организација и управување со времето, чија суштина е да научите да живеете во сегашниот момент и од оваа позиција да го организирате своето време.
Доколку споменатите мерки и техники не вродат со плод, можете да побарате помош од психотерапевт, советник или тренер, кој ќе ви ги даде сета помош и поддршка кои ви се потребни.