Фармацевти
Контакт

<< Назад

ВЛИЈАНИЕТО НА ТУТУНОТ НА ОРГАНИЗМОТ

мај 1, 2019

Совет за одвикнување

 

Употребата на листот од тутунот со цел создавање и задоволување на никотинската зависност претставена му е уште на Колумбо од страна на американските домородци и од тогаш брзо се раширила во Европа.

 

Автор: д-р Владимир Лазовиќ

 

Никотинот е основна состојка на тутунот која е одговорна за неговиот зависнички карактер. Незапален тутун содржи никотин, канцерогени и други токсини кои можат да предизвикаат болести на гингивите и рак на усната шуплина. Кога тутунот ќе се запали, чадот кој се создава содржи, освен никотин и јаглерод моноксид, повеќе од 40 канцерогени материи и уште над 4 000 други токсични состојки.

Исклучително штетен по здравјето

Приближно 40 % од пушачите прерано ќе починат доколку на време не се одвикнат од пушење. Апсолутното ниво на смртност кај заболените расте со годините кај пушачите во споредба со непушачите. Пушачите се посклони кон развој на атеросклероза, како на големите така и на малите крвни садови. Може да се каже дека приближно 90 % од болестите на периферните крвни садови во популацијата која нема дијабетес се условени од пушење, како и 50 % од аортните аневризми. Постои повеќекратна интеракција помеѓу пушењето и други ризик-фактори за настанување коронарни болести, во таа смисла дека е поголем ризикот од заболување кај лица кои пушат и истовремено имаат артериска хипертензија или зголемено ниво на липиди во серумот. Покрај улогата која ја има во развојот на атеросклерозата, пушењето, исто така, ја зголемува можноста за создавање  инфаркт на миокардот и ненадејна срцева смрт, така што фаворизира агрегација на тромбоцитите и васкуларна оклузија.

Петнаесет години по престанување со пушење ризикот од настанување нов инфаркт на миокардот и нивото на смртност од коронарна болест помеѓу поранешни пушачи и непушачи се изедначува. Пушењето цигари е поврзано со 50 % зголемен ризик од мозочен удар и кај жените и кај мажите во сите старосни групи. Ризикот е два пати поголем кај страсни пушачи во однос на лица кои повремено пушат. Прекинувањето со пушење го враќа ризикот на вообичаен за популацијата за две до пет години. Пасивното пушење го зголемува церебро-кардиоваскуларниот ризик и треба да се избегнува. Карциноми на белите дробови, грлото, усната шуплина, хранопроводникот, панкреасот, бубрезите и мочниот меур се предизвикани од пушење. Постојат докази кои укажуваат на тоа дека пушењето може да го зголеми ризикот од создавање карциноми на грлото на матката и желудникот.

Оставањето на цигарите го намалува ризикот од создавање карцином во споредба со продолжување со пушење, а некои студии покажуваат дека дури и 20 години по престанувањето со пушење постои умерено зголемен ризик од развој на карцином на белите дробови. Пушењето е одговорно за повеќе од 90 % од хронично опструктивните болести на белите дробови. После 20 години пушење патофизиолошките промени во белите дробови се развиваат и напредуваат пропорционално на интензитетот и должината на траењето на пушењето. Кај околу 80 % од пушачите постари од 60 години се јавува хронична, продуктивна кашлица. Хронично воспаление и стеснување на малите дишни патишта доведуваат до емфизем на белите дробови и намалување на функцијата на белите дробови.

Пушењето го забавува зараснувањето на пептичките улкуси, го зголемува ризикот од остеопороза, сенилен катаракт и макуларни дегенерации. Условува предвремена менопауза, стареење (брчкање) на кожата, калкулоза и холециститис кај жени, а импотенција кај мажи. Долготрајна изложеност на чадот од цигари го зголемува ризикот од карцином на белите дробови и коронарни болести кај непушачи. Исто така, се зголемува и инциденцата на респираторни инфекции, хронично воспаление на средното уво и астма кај децата.

Долг е процесот на одвикнување

Процесот на престанување со пушење обично е цикличен, понекогаш со повеќекратни обиди пушачите да престанат со пушење, пред конечното успешно престанување со пушење. Приближно околу 70-80 % од пушачите би сакале да прекинат, а отприлика 30 % од актуелните пушачи се обидуваат да прекинат секоја година, додека околу 90 % од овие самостојни обиди за престанување со пушење се неуспешни. Кога лекарот советува престанување со пушење, особено во текот на некоја акутна болест, речиси половина болни ќе се обидат да престанат да пушат, што претставува силен поттик. Лекарите можат да придонесат кон одвикнување од пушење меѓу своите пациенти со промовирање на успешно престанување со пушење, а според моделот за организација на здравствена заштита и истражувања кој има развиена низа клинички постапки за одвикнување од пушење.

 

Успех со стручна поддршка

Сите пациенти би требало да се прашаат дали пушат, какви им се претходните искуства со оставањето цигари и дали се актуелно заинтересирани за прекин на пушењето. Оние кои не се заинтересирани би требало да се охрабрат и да се мотивираат да ги остават цигарите, да им се претстави јасна и силна порака дека пушењето е еден од поважните здравствени интереси. Би требало да се одреди датум за престанок со пушење, обично не денот за посета на лекар, туку во текот на следните неколку недели, и да се одржува постојан контакт со медицинскиот персонал по одредување на датумот на престанок. Постојат многу производи кои се користат како замена за никотин, вклучувајќи и никотински фластери и гуми за џвакање, како и никотински назални и орални инхалациски средства препишани од лекар. Клонидин, антидепресивите (Бупропион), исто така, се покажаа ефикасни. Актуелни препораки се да се понуди фармаколошки третман на сите кои би го прифатиле и да им се обезбеди советување и други облици на поддршка како дел од обидот за престанување со пушење. Пристапот со советување, со соодветна фармаколошка поддршка, може речиси тројно да го зголеми успешното престанување со пушење.

АНТРФИЛЕ

И бебињата се загрозени!

Пушењето во бременоста може да доведе до предвремени руптури на плодовите овојници, нарушување на структурата на плацентата и спонтан абортус. Бебињата на мајките пушачи се во ризик од предвремено породување, мали се за својата гестациска возраст, во опасност се од синдром на ненадејна смрт на новороденче и постојат индиции дека заостануваат во развојот, барем првите неколку години од животот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>