Радовиш и Плачковица
Посетете ја црквата Свети Троица, пробајте го специјалитетот радовишки самун, качете се на Плачковица, уживајте во нејзината единствена природа, кањоните, пештерите и запознајте го традиционалниот живот во селата на нејзините падини.
Ивана Коцевска
Во подножјето на планината Плачковица, сместен во Радовишката Котлина ве дочекува Радовиш, град кој за прв пат се споменува во 1019 год. во Грамотата на византискиот цар Василиј II. Така се викала и средновековната жупа, што покажува дека градската функција потекнува од средниот век, кога Радовиш бил значаен регионален и трговско-занаетчиски и рударски центар. Името го добил по средновековната кнегиња од словенско потекло, Рада, која живеела во тврдината над градот, чиишто урнатини и денес постојат.
Денес Радовиш е познат по тутунот, по текстилната и фармацевтската индустрија, како и по рударството во рудникот за бакарна руда ‒ Бучим. Во Радовиш постои и фирма за производство и продажба на златен накит.
Во текот на годината се одржуваат неколку манифестации: „Радовишкото културно лето“, детскиот фолклорен фестивал „Оро весело“, „Карамановите поетски средби“, манифестацијата „Самун ем Татлија“.
Црквата Свети Троица
Најмаркантен објект во градот e црквата Свети Троица, изградена 2003 г., една од најбогатите, најукрасените и најавтентичните цркви на Балканот. Припаѓа на типот еднокорабни цркви со впишан крст и сводна куполна партија проектирана во византиски стил. Овој величествен Божји храм е посветен на денот кога се празнува Светата Троица, празник на градот. Камен-темелникот беше поставен на 24 април 1997 година, а црквата беше осветена на 12 октомври 2003.
Со површина од 550 м², поставена на локација од 4000 м², црквата има импресивна големина, висока е 21 м, а камбанаријата е висока 23,5 м. Главниот влез е на западната страна, силно потенциран со отворен трем со колонада од четири столба, на кои се носат три паралелни свода. Целокупната фасада е по примерот на старата градителска традиција. На покривот на објектот за прв пат во Македонија е применета постапката на патинација на бакарот со употреба на соодветен хемиски премаз. Сите внатрешни ѕидови, столбови, сводови и куполи се насликани со фрескопис во согласност со православните канони.
Иконостасот е со распон 22 метри и е составен од три дела, во централната зона достигнува висина од 6,8 м. Изработен е од липово дрво со широка ажурна резба богата со мноштво детали и целосна позлата на царските врати. Во согласност со православните канони, на иконостасот се поставени 25 големи и 18 помали икони.
Плачковица
Помеѓу Радовиш и Струмичко-Радовишката Котлина на југ и Кочанската Котлина на север, во правец северозапад-југоисток се издига планината Плачковица. Речиси сите легенди за овој крај зборуваат за водите и т.н. Свет Град на Плачковица, каде живеела жена коај имала дарба да лекува. Легендата вели дека Филип II го донел кај неа бебето Александар за да го излекува од нападите на плач. Таа го зела детето во раце и рекла дека е сосема здраво, а плаче поради тоа што поседува огромна енергија од која се ослободува на тој начин. Mу предвидела дека ќе стане крал на светот и ќе ја надмине славата на татко му. Филип II и Kралот Липиј, кому Светиот Град му бил престолнина, од радост и олеснување се расплакале. Нивниот плач ѝ го донел името на планината Плачковица.
Главниот планински гребен е долг 34 км. Со долината на Зрновска Река планината е поделена на два дела: источен и западен. Западниот дел е понизок, со највисок врв Туртел (1 689 м), а источниот дел е повисок и на него се наоѓаат врвовите Лисец (1 754 м), Чупино (1 725 м), Бел Камен (1 707 м), Кара Тепе (1 625 м) и други. Врвот Лисец е највисок на планината и е меѓу врвовите во Македонија со најдалечна хоризонтна видикова линија. Од него се протега извонреден панорамски видик кон околните подрачја, а кога времето е ведро и чисто одовде може да се види планината Рила на запад, дел од Солунскиот Залив на југ, па дури и планината Олимп оддалечена 200 км. Денес се говори за можно поставување на астрономска опсерваторија на овој простор. Опсерваторијата ќе биде сместена на 1 400 метри надморска височина, а освен за научноистражувачки и едукативни цели се планира да придонесе за Плачковица да стане атрактивна туристичка дестинација.
До самиот врв најлесно се стигнува со неколкучасовно пешачење по билото, тргнувајќи од селото Зрновци или од селото Градец. Може да се стигне и со џип или друго возило, но, сепак, авантурата и доживувањето при планинарењето се незаменливи. Спуштањето до дното на долината, на околу 700 м, воопшто не е едноставно, но е вистинско доживување. Интересни се и џиновските лонци, односно вирови кои на својот пат ги прави Зрновска Река, од кои најимпресивен е Девичин Вир, чија вода се движи со брзина приближна на онаа која е потребна за работа на хидроцентрала. Овој вир има пречник меѓу 8 и 10 м и длабочина до 4 м, го формира и Девичиниот Водопад висок околу 5 м.
Интересно е што во споредба со другите планини и шумски појаси по катови во Македонија, на Плачковица, особено на нејзината северна падина до Чупино, изостанува дабот, а густата букова шума започнува веднаш над 700 метри, додека на другите планини по дабот, буката започнува над 1000 метри надморска височина.
За раскошот на Плачковица придонесуваат и трите кањони: кањонот на Зрновска Река, кањонот Козјак и кањонот Камник. За многумина кањонот Камник претставува намален кањон Колорадо. Низ него има две патеки: потешка, покрај водотекот, и полесна, на 30-40 м над дното. Најубаво доживување е преку кањонот да се искачи врвот Камник (876 м) од каде се протега одличен видик кон север и запад. Најубаво е да го посетите во пролет кога има најмногу вода и зелената боја на вегетацијата во контраст со сивкасто-црвеникавите карпи е најизразена. Стазите кои водат низ кањоните и други прекрасни крајолици се обележани, означени на билборди со упатства и известувања, како и со знаци, а на одредени места се предвидени расположливи јажиња, како и места за одмор.
На планината има бројни пештери, од кои само пет се испитани и достапни за посетители. Најголема е т.н. Голема пештера, испитана во должина од 600 метри. Таа е вистински бисер со своите пештерски украси и е постојан предизвик за спелеолозите. Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор се помали пештери, лесно достапни за посетителите.
Во селата на оваа питома и пребогата со вода планина живее народ кој се нарекува „Јуруци“, кој потекнува од турската област Конија. На Балканот дошле во 14 и 15 век со освојувачките походи на Османлиите. Јуруците како сточари биле задолжени за обезбедување храна за војската. Со текот на време се населиле во високите планински предели останувајќи ѝ верни на традицијата. Јуручките жени и до ден-денес секојдневно носат носии во живи бои и се активни чувари на традицијата.
Плачковица е богата со пасишта, столетни стебла, необични печурки, ретки растителни и животонски видови, е дом на некои видови чии единствени живеалишта се регистрирани само овде.
Никако не ја пропуштајте можноста особено по долгите прошетки и напорното планинарење да пробате некои од вкусните и фантастични специјалитети на селската домашна кујна и да се запознаете со традиционалниот начин на живот во населението во селата на Плачковица.