Ивана Коцевска
Во центарот на Скопје се наоѓаат голем број културно-историски споменици. Секојдневно, во брзање, поминуваме покрај нив, не размислувајќи за тоа од кога постојат, кој ги изградил. Предлозите за овој месец, Калето, црквата Свети Спас и Мустафа-пашината џамија се наоѓаат во непосредна близина еден до друг, а, сепак, толку се различни и единствени. Искористете го убавото мајско време, за оваа прошетка не ви е потребен автомобил, само добра волја
Кале
Највпечатливата знаменитост во Скопје и нешто што во никој случај не смеете да не го посетите е Калето. Се наоѓа на височинка близу до самиот центар, од каде се простира прекрасен поглед на градот. Првите траги за живот овде потекнуваат уште од 4 век пр.н.е., а се претпоставува дека тврдината во денешен облик е изградена за време на владеењето на царот Јустинијан во 6 век. Станувало збор за вистинско средновековно гратче, а го опкружувале ѕидини дебели од 2,8 до 4,2 метри. Според археолозите, камените блокови од кои е изградена тврдината биле земени од разурнатиот град
Скупи, кој се наоѓал подолу и бил уништен во земјотресот во 518 година.
Поради својата стратешка положба, низ историјата Калето било мета на разни освојувачи, па се јавиле и бројни оштетувања и урнатини. За време на првата половина на 20 век, Калето се користело за воени цели. Во земјотресот од 1963 година, сите воени градби во тврдината биле урнати и таа година може да се смета за последна во која Калето доживеало поголеми промени. Кулите во меѓувреме се обновени, а денес тука се вршат големи археолошки истражувања.
Издигнато на доминантна позиција над Скопје, Калето сведочи за древноста и за историјата низ која се развивал главниот град. Гледајќи ја тврдината од долу, посетителот, исто како и жителите на градот, ќе ја почувствува мистичноста која владее овде и не ве остава рамнодушни пред љубопитноста да посакате да влезете внатре, да видите што се крие во овие ѕидини со мали отвори.
Денес Калето е значаен споменик на културата, од каде се протега најубавиот поглед над Камениот Мост, реката Вардар и плоштадот. Од Калето се гледа целата Скопска чаршија и оттука се добива најдобар поглед над старо Скопје како целина. На еден дел од главниот пат помеѓу комплексот Кале и влезот во Старата чаршија е оставена калдрмата, со цел да се зачува автентичноста и древноста на оваа целина. Во лето тука се одржуваат концерти и театарски претстави.
На источниот дел на објектот, каде постои дрвен мост со кој е импровизиран влезот во Калето, среде зеленилото кое ја опкружува тврдината, патот ве води директно во Старата чаршија. И штом ќе ја поминете калдрмата пред вас се наоѓаат два други значајни објекти – комплексот Св. Спас и Мустафа-пашината џамија.
Црквата Свети Спас
Еден од најзначајните споменици на културата во
Скопје се наоѓа во непосредна близина на Калето. Само високата камена ограда и дрвената камбанарија која ја надвишува оградата даваат знак дека тука постои црква. Кога ќе влезете низ тешката дабова порта, црквата пак е незабележителна, вкопана е во земја, во неа се влегува слегувајќи по неколку скалила, зашто турските власти во тоа време не дозволувале христијанските храмови да бидат повисоки и поубави од џамиите. Црквата е трикорабна. Подигната е кон крајот на 17 век или на почетокот на 18 век, по катастрофалниот пожар во 1689 година, во кој изгорел поголемиот дел од градот.
На јужниот ѕид, повисоко од денешното ниво на подот, во текот на поправката на црквата 1963-64 година, е откриен фрескоживопис од 16-17 век. Денешниот изглед црквата го добила во текот на 19 век. Иконостасот според убавината е вистинско ремек-дело. Бил изработен со помош на прилозите на занаетчиите и еснафите, како и на трговците од Чаршијата. На него се работело од 1819 до 1824 година од страна на реномираната копаничарска тајфа, предводена од мајсторот Петре Филиповски – Гарка. Иконостасот е долг 10, а широк 6 метри, висок 4,5 метри. Во средниот дел каде што е поставен крстот со Распетието височината му изнесува 7 метри. Во горниот дел завршува со голем „змиски крст“, со придружните икони на св. Богородица и на св.Јован. Овој дел од иконостасот е позлатен.
Во дворот на црквата доминира едноставен камен
саркофаг во кој се сместени посмртните остатоци на големиот македонски револуционер и борец за слобода
Гоце Делчев. Некогаш на овој простор имало гробишта. Додека се движите во дворот вие газите по плочи од некогашни надгробни споменици. Коските од покојните се извадени од гробовите и сочувани во костурница.
Во конаците на црквата денес е сместен Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје. Доколку сакате да влезете во црквата и да ја видите нејзината внатрешност, влезот се наплаќа и ќе добиете информации за објектот од стручно лице.
Црквата Свети Спас е споменик на културата, заштитен со закон, а во неа се врши богослужба и верски обреди само за патрониот празник
Спасовден. Можете да ја посетите од вторник до недела.
Мустафа-пашина џамија
Источно од главната порта на некогашен Горенград, односно Кале, на убава природна тераса што се издига над Чаршијата, меѓу два, исто така, особено значајни културно-историски споменици на градот, црквата Свети Спас и Куршумли Ан, се наоѓа прекрасната џамија – задужбина на некогашниот заповедник на Скопје, Мустафа-паша. За неа се вели дека е главниот симбол на исламската архитектура во Скопје. Со својот импозантен изглед, оваа џамија спаѓа меѓу најубавите џамии во Македонија. Нејзината архитектонска вредност се зголемува и поради нејзината извонредна позиција.
Штом ќе влезете во дворот на џамијата, може да се одморите на клупите и да уживате во спокојот и мирот. Овој храм бил подигнат во 1492 година од страна на скопскиот заповедник Мустафа-паша, чие име е врежано на плочата над влезната врата. Мустафа-паша бил везир на султаните Бајазит II и Селим I и извршувал високи државни функции во Отоманската Империја. Во Скопје, од сопствени средства, изградил џамија и месџид, а во џамијата имарет и станбени објекти во кои живееле духовните лица.
Во склоп на градбата влегувале
турбе,
шадрван,
имарет и
медреса, од кои денес се зачувани турбето на Мустафа-паша, саркофагот на неговата ќерка Уми и шадрванот во дворот на џамијата, како и остатоци од надгробни нишани и имаретот и медресата.
Од мермерната плоча над влезната врата, на која е запишан текст со
арапско писмо, се дознава дека објектот бил изграден на темелите на старата црква Св. Марина. За разлика од останатите градби во и околу Чаршијата, Мустафа-пашината џамија не претрпела големи оштетувања од земјотресот во 1963 година, но, сепак, по него се извршени некои реконструкциски зафати. Последното обновување заврши во 2011 година.
Според градбата, џамијата е карактеристичен претставник на раната цариградска архитектура. Основата е квадратна и покриена со купола, со пречник кој изнесува 16,3 метри. Минарето, високо 47 метри, е издигнато на северниот дел од џамијата и е изградено од клепан бигор. Во внатрешноста на џамијата се наоѓа молитвениот простор, во југоисточниот дел е сместен михработ, од кој оџата го чита Куранот, а десно од михработ се наоѓа говорница (мимбер), од која се читаат молитви.
Уживајте во прошетката во срцето на Скопје во овие убави пролетни денови, во прекрасната местоположба, погледот на градот од Калето и тајните кои ги кријат црквата Свети Спас и Мустафа-пашината џамија.