Ивана Коцевска
Фото Влатко Петревски
Вистинска привилегија е да живее во голем град а на само 2 километри од центарот да имате вистинска планина. Кон Водно погледуваме за да процениме дали ќе врне или, пак, ќе биде пеколно топло, колку е загадено, дали е забелено од првиот снег. А на падините на Водно, во селото Горно Незери, треба да се посети манастирот Свети Пантелејмон, со извонредните фрески настанати 140 години пред италијанската ренесанса
Водно ‒ белите дробови на градот
Водно е средновисока планина која се протега во правец исток-запад и ја дели Скопската котлина на два дела. Планината е долга 12 километри, а широка 5,5 километри, односно зафаќа површина од 4573 хектари. Водно целосно владее со пејзажот на главниот град Скопје. Највисоката точка е врвот Крстовар, висок 1066 метри. Во 2002 година во чест на две илјади години христијанство во Македонија и доаѓањето на новиот милениум овде е изграден Милениумскиот крст, висок 66 метри, една од највисоките градби во Македонија. До него може да се стигне пеш или со жичарницата од Средно Водно и по возење од 6 минути веќе сте на врвот. Тука се наоѓа планинарски дом, во кој можете да одморите и да уживате во глетката на градот.
Планината ви е достапна за посета со автомобил и автобус до Средно Водно. За оние поискусните и физички поиздржливите и поподготвените се стигнува по пешачките патеки за час и половина со умерено темпо. Поекстремните ентузијасти планината ја освојуваат и со велосипед. Особено се посетени ноќните искачувања на Водно. А кога веќе еднаш ќе го освоите врвот со велосипед, се навлекувате за навек. Задоволството е загарантирано, а чувството незаменливо. Вашето тело ќе ви биде благодарно, а духот ќе ви се подмлади.
Водно е посетено во сите годишни времиња, па додека го дишете свежиот и чист воздух, може да уживате во боите на природата. На пролет планината е преполна со цвеќиња и зеленило, можете да уживате во жолто-кафена и црвена боја со кои е прекриена во есен, во магливите денови планината е мистична, а зиме е посебно убава, боровите и елките толку се натоварени со снег што имате чувство дека сте на далечниот Север.
Интересен е погледот од врвот на Водно кон сите правци. На исток се гледаат Осоговските Планини, а зиме, кога небото е чисто и планините се покриени со снег, само кога е сончево, се гледаат и Рила и Пирин во Бугарија. На север е Скопска Црна Гора, на запад - шарпланинскиот масив, а на југ масивот на Караџица, Јакупица и Даутица.
И додека денес уживаме во прошетките и се воодушевуваме на природата и дрвјата, како да забораваме дека Водно не изгледало отсекогаш вака. Пред повеќе од шест децении започнало пошумувањето на планината. Согледувајќи ја опасноста од голите падини, граѓани се одѕвале на благородната мисија за пошумување на Водно. Се работело деноноќно, биле преселувани цели села, се пренесувале гробови и се создавале нови населби. Пошумувањето било планско со вклученост на стручњаци од Шумарскиот факултет.
На Водно, како што велат стручњаците, растат 1010 видови растенија, од кои дури 868 се автохтони. На Водно растат растенија и лековити билки од сите видови, а богато е и со сите печурки што се сретнуваат и низ Македонија. Се разбира, Водно изобилува и со животински свет, сè што не е опасно за човекот. Сепак, општо правило е дека треба да се внимава каде газите, посебно на змиите кои се присутни и ретко ќе ги сретнете.
Свети Пантелејмон ‒ Горно Нерези
На средината на патот до врвот на Водно, во селото Горно Нерези, се наоѓа манастирот Свети Пантелејмон. Тој е еден од седумте споменици на културата во Скопје и Скопско. До него може да се дојде од две страни по асфалтиран пат или по една од патеките низ лозјата кои се наоѓаат во подножјето на Водно.
Манастирот и црквата се посветени на заштитникот на здравјето, свети Пантелејмон, и се зачувани од византиско време, кога Скопје бил културен центар на Скопската епархија. Комплексот, кој го сочинуваат црквата и манастирските конаци, е ограден со високи ѕидови. Врз основа на зачуваниот натпис, дознаваме дека црквата била изградена и живописана во 1164 година со средствата на византискиот принц Алексеј, син на Константин Ангел, и Теодора, најмладата ќерка на византискиот император Алексеј Први Комнен. Самиот ктитор на овој манастир рекол: „Јас не дојдов овде да изградам велелепен храм, туку дојдов да изградам мал храм со голема внатрешна духовност и убавина“.
Црквата е градена од кршен камен, тули и малтер. Има комбиниран облик на слободен и впишан крст во правоаголен облик. На западната страна има нартекс со полуобличест свод. Има 5 куполи, од кои куполата над централниот дел на наосот е поголема, а страничните се помали. Кон средината на 16 век, централната купола била урната, веројатно од силен земјотрес. Подоцна била обновена и повторно живописана. Олтарниот простор е затворен со иконостас изработен од камен. Конаците се обновени.
Најмоќниот елемент на црквата Свети Пантелејмон е фрескоживописот – дело на повеќе мајстори, пред сè, на рацете на двајцата главни мајстори. На челната страна се насликани, од едната страна, патронот на црквата свети Пантелејмон, а, од другата, света Богородица со малиот Христос во раце. Свети Пантелејмон е претставен како висок, нежен и облагороден младич, кој во десната рака држи скалпел, а во левата кутија за лекови.
Најзначајните досега сочувани композиции во Свети Пантелејмон се: Сретение, Преображение, Воскреснувањето на Лазар, Раѓање на света Богородица, Воведение на Богородица во храмот, Влегување во Ерусалим, а за врвни дела се прогласени композициите Оплакување Христово и Симнување од крст. Композицијата Оплакување Христово е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и после живописувањето на нерешката црква. Но Оплакувањето во Нерези од сите нив се разликува, особено по нагласеното истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности. Света Богородица е насликана како мајка која плаче над својот мртов син. Нејзиното лице покажува болен израз на длабока болка, а погледот е вперен во лицето на мртвиот син кого го држи во драматична прегратка. Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на
ренесансата во Италија и дека, всушност, ги има сите потребни елементи што ја карактеризираат и
Џотовата света Богородица, која е претставена како млада силна жена со малку натажено лице. Ова значи дека преобразбата во ликовниот израз карактеристична за него и раноренесансните дејци во Италија е, всушност, започната во Македонија, 140 години претходно.
Од терасата на планината Водно, каде се наоѓа манастирот Свети Пантелејмон, се протега најубавиот поглед на Скопје. Во современата зграда на манастирската целина на Свети Пантелејмон има автентични конаци, кои се претворени во хотел и ресторан. Околината и природата, како и надворешната и внатрешната убавина на целиот објект, опкружен со зеленило е одличен избор за секој што ќе посака да побегне од скопскиот метеж и да го побара својот душевен спокој и мир. И затоа воопшто не треба да изненади што на овој простор и денес после 10 века сè уште се слуша детскиот плач при крштевка и песната на отецот кој младите ги спојува во свет брак.