Фармацевти
Контакт

<< Назад

ВОЛНА, САПУН И ФАНТАЗИЈА

мај 1, 2019

Футрола од филц

 

По илјада и илјада години примена филцот е сè уште материјал кој се употребува секојдневно во многу области од животот.

 

Автор Светлана Сушиќ

 

Техниката за изработка на филц е постара од ткаењето и платењето, а покрај употреба во индустриски цели овој материјал е многу популарен кај дизајнерите на текстил поради своите еколошки својства, како и поради приспособливоста за различни креативни замисли. Со помош на Ана Переги, дизајнерка на текстил, која е позната по изработка на различни креативни работи од филц, ќе ве упатиме во основите на оваа интересна вештина. За оваа работилница Ана Переги изработи футрола за мобилен телефон, а со помош на техниката на влажен филц може да се направи шешир, торбичка, чинија и многу други предмети. Со малку вежба и многу фантазија не постои ништо што ќе го замислите а што нема да можете да го направите.

 

Како да почнете?

За постапката влажна изработка на филц потребни ни се: волнени влакна, сапун, топла вода, фолија со воздушни меурчиња, пешкир или стара крпа, мрежичка или тил, фолија за пакување (за крој или облик). Волнените влакна рамномерно се редат на нерамната страна на фолијата со воздушни меурчиња, најпрво еден слој вертикално насочени влакна, потоа слој хоризонтално насочени. Со вежбање ќе стекнете чувство за дебелината на слоевите во зависност од предметот кој го изработувате. Потоа поставете го искроеното парче фолија (кое одговара на обликот на предметот кој го правите) и врз него ја повторувате постапката за редење на влакната. Кроениот дел на крајот би требало да биде заробен меѓу слоевите волна.

 

Време е за изработка на филц

Наредените слоеви волна прекријте ги со тил и наквасете ги со вода и сапун. Водата и сапунот полека втривајте ги со рацете. Притисокот на дланките и прстите постепено се зголемува, додека волната под влијание на триењето почнува да работи и да се собира околу искроената фолија. Кога материјалот убаво се обликува според кројот, се прави отвор на футролата и се вади фолијата надвор. Рабовите на отворот се обработуваат со триење. Постапката продолжува така што футролата се замотува во фолијата со воздушни меури, потоа во пешкир и така замотана се вала напред-назад четириесет пати. Потоа се размотува, се врти за 90 степени, повторно се витка во ролна и се повторува постапката на валање. Оваа постапка се повторува вкупно четири пати, по секое валање футролата се врти за четвртина од кругот, така што на крајот треба да биде рамномерно обработена од сите страни. Во текот на овој процес по потреба се додава топла вода со сапун во фазите помеѓу валање и замотување.

 

Конецот го краси делото

Кога сме задоволни од мазноста на направениот филц и постигнатиот облик, го отстрануваме сапунот со ладна вода и го оставаме новонаправениот предмет да се исуши. Потоа ги додаваме украсните детали и уживаме во својата уникатна футрола од филц.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>