Причини, превенција и терапија
Најзагрозени категории од населението се децата и старите, како и лица со ослабен имунитет и хронични болести.
Автор д-р Ивана Пантиќ
Воспалението на белите дробови или пневмонија претставува воспаление на белодробниот паренхим од различна етиологија. Факторите кои одат во прилог на развојот на болеста се: пушење, алкохол, загаденост на воздухот и придружни болести. Воспалението на белите дробови го предизвикуваат бактерии, вируси, габички, како и различни физички и хемиски материи од надворешната средина. Аспирационата пневмонија се јавува при вдишување туѓа содржина, и обично се случува како резултат на загуба на свест или отежнато голтање (дисфагија). Бактериите се убедливо најчести предизвикувачи на пневмониите, претставуваат типични пневмонии, на кои најчесто им претходат инфекции на респираторниот тракт, и успешно се лекуваат со антибиотици. Врз основа на клиничката слика, пневмониите се делат на типични и атипични. Во повеќето случаи клиничката слика е неспецифична и се манифестира со симптоми кои се јавуваат и кај останатите респираторни болести. Тежината на клиничката слика зависи, пред сè, од имунолошкиот систем на лицето, но и од предизвикувачот. И покрај современата антибиотска терапија, воспалението на белите дробови и понатаму претставува голем здравствен проблем и може да доведе до смртен исход.
Типични пневмонии
Кај типичните воспаленија на белите дробови, кои најчесто се предизвикани од бактерии, обично прво се јавува: кивавица, назална конгестија, болка во грлото, засипнатост и покачена температура. Покрај тоа, може да се јават главоболка, мијалгија (болка во мускулите и зглобовите) и изнемоштеност. Кашлицата е речиси редовен симптом и во почетокот е непродуктивна (сува, надразнителна), а како болеста напредува станува продуктивна (влажна, зрела, со исфрлање бронхијален секрет или шлајм). Кај одделни лица типично воспаление на белите дробови може да биде проследено со потешка клиничка слика, односно отежнато дишење, плеврална болка, сè до конфузија и пореметувања на свеста.
Атипични и болнички пневмонии
Атипичните пневмонии се со нешто побавен почеток, а клиничката слика некогаш е целосно неспецифична, па често се откриваат дури со рендгенска снимка на белите дробови. Постои и т.н. болничка пневмонија, која се однесува на вид бактериско воспаление на белите дробови која може да се добие при престој во болница. Ова е сериозен тип пневмонија, бидејќи бактериите кои ја предизвикуваат може да бидат отпорни на антибиотици, со поголем степен на резистенција.
Дијагноза
Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата и клиничкиот преглед, односно врз основа на симптомите, лабораторискиот наод, рендгенското снимање на градниот кош, и земање примерок од спутумот, т.е. шлајмот. Нема дијагноза пневмонија без рендгенска снимка!
Каузално и симптоматско лекување
Лекувањето може да биде насочено против предизвикувачот (каузално) и симптоматско (ублажување и отстранување на одредени симптоми на болеста). Симптоматската терапија се применува кај сите воспаленија на белите дробови, а се состои од намалување на покачена телесна температура, со ладни облоги, туширање на болниот со млака вода, примена на лекови за намалување на температурата, односно антипиретици, потоа лекови за полесно искашлување на бронхијалниот секрет, со внес на витамини, доста течности и мирување. Температурата треба да се намалува со антипиретици дури кога ќе премине 37,9 ˚C, бидејќи слабо покачена температура ги уништува микроорганизмите кои ја предизвикуваат болеста.
Најважни антипиретици се ацетилсалицилна киселина и парацетамол. Може да се користат и нестероидни антиинфламаторни лекови (ибупрофен). Ацетилсалицилна киселина не се применува кај деца до 12 години. Парацетамолот е погоден за сите болни, може да го земаат и трудници. Со антипиретиците се ублажуваат и останатите тегоби, како што се главоболка, болки во мускулите и зглобовите. Кај сува надразнителна кашлица, се користат антитусици, лекови кои го супримираат рефлексот на кашлање. Кај зрела, продуктивна кашлица, со исфрлање секрет, се применуваат лекови кои го подобруваат искашлувањето (муколитици, експекторанси) и добра хидратација на болниот.
Антибиотици како сигурен сојузник
Антибиотиците се, секако, лек на избор кај бактериски пневмонии. Во амбулантното лекување се применуваат само перорални облици на антибиотици. Потешките облици на болеста и компликациите се лекуваат во болница. Лекувањето во болница може да вклучува интравенски антибиотици, терапија со кислород и строги хигиено-диететски мерки. Изборот на антибиотик зависи од годините на болниот, неговите карактеристики, моменталната состојба и предизвикувачот на болеста. Најчесто се користат пеницилини, цефалоспорини, макролиди. Кај вирусни воспаленија на белите дробови антибиотската терапија е помалку ефикасна, па треба да се вклучат антивирусни лекови. Постојат и алтернативни начини на лекување, со чаеви (куркума, ѓумбир), но тие не се замена за препишана терапија од страна на лекар, туку само дополнително може да се земаат. Пациентот може да заздрави за една до три недели од примена на терапијата, што зависи од сериозноста на симптомите и самата болест. Пад на покачената температура се јавува во рок од три дена, доколку терапијата дава соодветни резултати. Но, иако доаѓа до подобрување, терапијата мора да се продолжи онака како што препишал лекар. Инфекцијата може да се шири со кивање, кашлање, контаминирани предмети. Поради тоа добрата хигиена и редовното миење раце, со проветрување на просториите, се најважен дел од превенцијата.
Превенцијата на воспаление на белите дробови се заснова на вакцинација на одредени биолошки агенси, престанување со пушење и намалување на загадувањето на воздухот. Исто така, битна е и правилната исхрана, хигиена на рацете и умерена физичка активност (најмалку половина час дневно). Доколку постои некоја друга хронична болест, со нејзино адекватно лекување може да се намали ризикот за појава на воспаление на белите дробови, што најчесто се случува при пад на имунитетот поради примарната хронична болест. Сите лица постари од 65 години, лица со различни хронични болести (болести на срцето, астма, шеќерна болест итн.) и бремени треба да се заштитат со вакцина против грип.