Фармацевти
Контакт

<< Назад

Воспаление на белите дробови

ноември 23, 2015

[vc_column width="1/1"]

Превенција, симптоми, терапија

прим. д-р Ани Видоевска, м-р сци
спец. по интерна медицина и пневмофизиологија
ПЗУ Ортомедика (ОЕ Д-р Ани Пулмомедика), Скопје

Пневмонија е воспалителен процес локализиран во едно или во двете белодробни крила, најчести предизвикувачи се бактерии и вируси, а најчувствителни се хронично болните, малите деца и лица со ослабен имунитет

Глобално, околу 450 милиони луѓе годишно се разболуваат од пневмонија, а 4 милиони умираат. Во светот е водечка причина за смрт кај деца помали од 5 години. Секој може да се разболи од пневмонија, но почеста и потешка е кај постари лица, кај новородени и мали деца, кај лица со намален имунитет поради болест или имуносупресивна терапија, кај заболени од карцином, ХОББ, хронична бубрежна или црнодробна болест, пушачи, дијабетичари, лица со ХИВ/СИДА, алкохоличари...

Во 50 насто од случаите пневмонијата е добиена од околината, а најчест предизвикувач е бактеријата Streptococcus pneumoniaе (пневмокок). И вирусите се чести причинители на пневмонија (респираторен синцицијален вирус, аденовирус, инфлуенца и параинфуенца, кај деца и вирусот на морбили и варичела). Сè почести  причинители се атипични бактерии, а можна е инфекција со габички кои се јавуваат кај лица со намален имунитет (ХИВ/СИДА, терапија со цитостатици и имуносупресори). На вирусната пневмонија лесно може да се надоврзе бактериска пневмонија. Во сиромашните делови од светот паразити, исто така, предизвикуваат пневмонија.

СИМПТОМИ: Инфекцијата настанува аерокапково, со вдишување на причинителот кој во средината дошол од болно лице преку кашлање, кивање, зборување. Симптомите варираат од лесни до тешки и животнозагрозувачки, во зависност од причинителот, здравствената состојба на пациентот, возраста, третманот.  Симптомите се: општа лоша состојба, покачена телесна температура, треска, кашлица (сува или со искашлување на жолт/зелен, некогаш и крвав секрет), болки во градите, недостиг на воздух, особено при напор, забрзано, тешко дишење, а може да има и главоболка, стомачни болки и пролив, замор, поизразено потење, изгубен апетит. Вообичаено е симптомите кај бактериските пневмонии да се многу потешки, со висока температура и значително нарушена здравствена состојба споредено со вирусните, кои најчесто почнуваат како грип (температура, сува кашлица, главоболка, мускулни болки, затнат нос/секреција од носот), со влошување во следните 24-36 часа. Атипичните пневмонии се со полесна клиничка слика и претставуваат 30-40 % од сите пневмонии. Се шират кога заболено лице кашла или кива, при што се ослободуваат многубројни ситни капки во воздухот кои се извор на инфекција за околината. Инфекцијата се пренесува со близок контакт, а најчувствителни се малите деца, хронично болните и лицата со ослабен имунитет. Пневмонија предизвикана од легионела може да настане поради присуство на овие бактерии во водата од водоводниот систем, а им годи топла и влажна средина во системите за вентилација. Извор на инфекција е контаминираниот воздух од овие системи, вклучувајќи ги и болничките установи.

ДИЈАГНОЗА: Основа се податоците за болеста од пациентот (анамнезата), симптомите, наодите од клиничкиот преглед. Врз основа на овие податоци лекарот може да се посомнева дека се работи за пневмонија. За дефинитивна дијагноза потребно е да се направи и рендгенограм на белите дробови, лабораторија, бактериолошко испитување на искашлокот (да се изолира причинителот, бактерија/габичка), серолошки и други тестови за атипичните или вирусни причинители. Ретко се потребни и дополнителни испитувања, компјутеризирана томографија на граден кош, бронхоскопија.

ТЕРАПИЈА: Третманот зависи од типот на причинителот и тежината на клиничката слика. Потребен е одмор со внес на доста течности и засилување на исхраната (балансирана, покалорична, со повеќе протеини и витамини), со цел подобрување на општиот имунитет. Антибиотска терапија е задолжителна кај бактериските пневмонии, кај габичните потребни се антифунгални лекови, а кај вирусните се препорачуваат веќе споменатите општи мерки. Потребна е симптоматска терапија (лекови против покачена телесна температура, против болки, за разводнување и полесно искашлување на секретот или за сузбивање на сува кашлица), а во некои случаи неопходна е хоспитализација (повозрасни, мали деца, имунокомпромитирани, болни со повеќе органски заболувања). Проценката дали болниот ќе се третира амбулантски или болнички ја прави лекар врз основа на одредени предвидени критериуми: постари од 65 год., број на респирации во минута, вредности на крвниот притисок, ниво на уреа во серум, состојба на свест.

ПРЕВЕНТИВА: Од воспаление на белите дробови можете да се заштитите на следните начини:

– Често мијте ги рацете, задолжително после дување на носот, после тоалет, пред подготовка на оброк, пред јадење,

– Вакцинирајте се против сезонски грип кој е често причина за пневмонија, особено кај постарите лица, кај децата, кај лицата со хронични заболувања,

– Деца помали од 5 години и лица постари од 65 години треба да се вакцинираат со пневмококна вакцина, со оглед на тоа дека пневмококот е најчеста причина за бактериска пневмонија. Пневмококната вакцина се препорачува и за сите деца и возрасни кои имаат одредени здравствени проблеми, кај пушачи. Има 2 типа на пневмококна вакцина: pneumococcal polysaccharide vaccine (PPSV23), ги штити возрасните од 23 типа на пневмокок и pneumococcal conjugate vaccine (PCV13), рутински се дава на новородени и бебиња, а во 2011 год. е прифатена од ФДА и за возрасни и постари од 50 год.,

– Вакцините против морбили, пертусис, хемофилус го намалуваат ризикот од воспаление на белите дробови,

– Пушењето го намалува имунитетот на респираторниот систем и полесно доаѓа до воспаление, па и до пневмонија и затоа престанете да пушите,

– Обрнете внимание на општата здравствена состојба и имунитетот со практикување на здрави животни навики, на пр., редовна физичка активност, здрава исхрана, регуларен одмор/сон, ограничен внес на алкохол, редовни здравствени контроли,

– Избегнувајте контакт со болни лица, особено во затворени простории.

Наслов Класификации на пневмониите

– Според начинот на кој е добиена инфекцијата: пневмонија добиена во здравствена установа или пневмонија добиена од околината, која е почеста во есен/зима,

– Според причинителот на воспалението: бактериска, вирусна, габична, атипични бактерии, паразити, неинфективна (токсични гасови/пареи, хемикалии),

– Според локализацијата: лобарна, бронхопневмонија, дифузна пневмонија,

– Посебен тип е аспирационата пневмонија, поради застој во белите дробови.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>