Фармацевти
Контакт

<< Назад

Воспаление на крајници

ноември 23, 2015

[vc_column width="1/1"]

Одбрана и заштита на дишните патишта

д-р Радмила Косиќ

Кога крајниците „ќе фатат“ штетни бактерии или вируси, борбата помеѓу нив и имунолошкиот систем доведува до нивно воспаление, тие се зголемуваат, зацрвенуваат, доаѓа до оток на околните лимфни јазли, лачење секрет и тоа е прва линија на одбрана која спречува продор на бацили во бронхиите и белите дробови

Крајниците се израстоци на лимфното ткиво, сместени на влезот во грлото. Вкупно се 6 и заедно прават „одбранбен прстен“ против вируси и бактерии кои ќе се најдат во устата и носот. Валдејеровиот лимфен прстен (според германскиот анатом Валдејер), се состои од фарингеален, јазичен, два непчени и два тубарни крајници. Како и сите лимфни ткива (лимфни јазли и слезина), тие имаат посебна структура која овозможува филтрирање и уништување на штетните микроорганизми и создавање имунитет на „веќе видени“ предизвикувачи на болести. Крајниците се во блиска положбена и функционална врска со грлото, носот, параназалните празнини (синусите) и средното уво. Секоја бактерија или вирус ќе биде задржан на нивната слузокожа и вовлечен во сложен имунолошки процес на „обработка, уништување и паметење“, со цел одбрана на самиот влез во дишните патишта.

Големината и изгледот на крајниците се индивидуални и сами по себе не зборуваат многу за зачестеноста на заболувањето и тежината на воспалението кое често ќе се случува во детска возраст. Лимфните ткива се, секако, подобро развиени кај децата – тие секојдневно доаѓаат во контакт со нови предизвикувачи на болести од надворешната средина, а нивниот имунолошки систем памети и создава антитела со кои при секоја следна средба ќе се избори. Во првата година крајниците се мали, во период пред училиште ја достигнуваат својата максимална големина – потоа се намалуваат за време и по пубертетот. Во пракса најчесто се зборува за непчени крајници, кои се видливи од двете страни на грлото кога детето ќе зине, како и за „трет“ крајник, кој се наоѓа високо во горниот дел на грлото.

Кога крајниците „ќе фатат“ штетни бактерии или вируси, борбата меѓу нив и нашиот имунолошки систем доведува до воспаление на крајниците. Тие се зголемуваат, доаѓа до оток на околните лимфни јазли на вратот. Се лачи секрет кој се насобира во вид на белузлава наслага, или се слева низ ѕидовите на грлото. Ова воспаление не е штетно, туку претставува прва линија на одбрана која спречува продор на бацили во долните дишни органи (бронхии и бели дробови). Кај некои деца лимфното ткиво е повеќе изразено, а имунолошкиот систем е таков што зголемените крајници ќе станат болест сама по себе, ќе доведат до компликација и мора оперативно да се отстранат.

АНГИНА е воспаление на непчените крајници. Најчести предизвикувачи се вирусите, а особено значаен бактериски предизвикувач е бета-хемолитичка-стрептокока група А. Вирусните ангини почнуваат постепено, проследени со течење од носот, кивање и конјуктивитис, а на слузокожата на крајникот и устата обично се гледаат плитки ранички или ситни пликови. Детето  се жали на гребење во грлото и отежнато дишење низ нос. Овие вирусни ангини треба да се разликуваат од бактериските кои почнуваат нагло, со висока температура, повраќање, главоболка и болка во стомакот (во ѕидовите на стомакот постојат лимфни ткива слични на крајниците). На крајниците се појавуваат бели наслаги (гнојни чепчиња), а непријатен, карактеристичен здив од устата укажува на природата на болеста. Корисно е предизвикувачот да се докаже со брис, но искусен педијатар ќе спроведе лекување со антибиотици доколку врз основа на искуството и познавањето на својот мал пациент се посомнева на бактериска ангина. Честите воспаленија на непчените крајници можат да доведат до нивно изразено зголемување, па детето потешко ќе голта и дише – постојано дишење со отворена уста и прекини при дишење во сон (апнеја во сон).

ТРЕТ КРАЈНИК (аденоид, адениодна вегетација или фарингеален крајник) е лимфно ткиво сместено високо во грлото, зад носните празнини. Секое дете има трет крајник, но не секое ќе има проблеми со неговите чести воспаленија и хронично зголемување. На „судбината“ на овој крајник големо влијание има анатомијата на лицето и меѓусебниот однос на структурите во носот и грлото. Децата со широк, налегнат корен на носот и „прчест“ нос обично имаат повеќе проблеми со трет крајник – лекарите обично велат дека таквиот нос е убав, но не многу корисен... Со тргнување во градинка детето ќе биде заплиснато со огромен број бацили, третиот крајник добива своја задача и почнува секојдневна борба микроорганизмите да не преминат во долните дишни патишта. Во таа борба аденоидот се зголемува и го исполнува просторот зад носот. Доколку инфекциите се чести овој крајник постојано ќе биде воспален. Детето отежнато ќе дише на нос, ќе ’рчи ноќе, а при преглед се уочува слевање на секрет низ задниот ѕид на грлото. Доколку тегобите потраат детето добива карактеристичен изглед – бледо лице, постојано отворена уста, исфрлена горна вилица, пречки при говорот, чувство на заморно и незаинтересирано дете, здив...

КОМПЛИКАЦИИТЕ од воспаление на крајниците не се чести – кај повеќето во пубертет ќе дојде до намалување на сите лимфни ткива и поретки заболувања. Кај помал број честите воспаленија ќе станат хронични, а зголемените крајници ќе му пречат на нормалното дишење. Зголемен трет крајник може да ги притиска тесните канали кои доведуваат воздух во средното уво, слушните коскички повеќе нема да спроведуваат звук низ воздухот туку средното уво ќе се полни со секрет. Родителите на деца со зголемен трет крајник ќе забележат дека детето послабо слуша, особено кога има вирусна инфекција. Повторување на воспаление на средното уво, или синуси кај постари деца се сметаат за сериозни компликации. Во консултација со специјалист за уво, нос и грло се носи одлука за начинот на лекување – обично за да се зачува слухот се отстранува зголемениот трет крајник и се вградуваат специјални цевчиња, кои го вентилираат средното уво и спречуваат собирање секрет. Операциите на отстранување на непчени крајници некогаш биле многу почести од денес. Сега се смета дека крајниците се корисен лимфен орган, кој повеќекратно нè штити од ширење на инфекција и имаат незаменлива улога во развојот на имунитетот. Затоа постојат јасно дефинирани принципи на добра клиничка пракса кога операцијата е неизбежна.

Доколку детето има воспаление на крајникот, негувајте го како и при секоја друга болест проследена со висока температура. Доколку се повторуваат, ќе знаете да ги препознаете симптомите и пред да го однесете на лекар. Не инсистирајте да ви препише антибиотици – најголем број од сите воспаленија на крајниците се од вирусна природа. Сакате што побргу да се решите од крајниците, сетете се дека немало да ги имаме доколку немаат некаква улога во организмот. Доколку забележите дека детето има чести воспаленија на средното уво, послабо слуша, дише на уста, ’рчи или има прекини во дишењето во сон, задолжително консултирајте се со специјалист дали е потребна операција на третиот или на сите три крајници. Престојот во болница по операцијата е краткотраен, потоа се советува мирување и лесна, кашеста храна.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>