Фармацевти
Контакт

<< Назад

Воспаление на надворешно уво

август 1, 2017

Му годат влагата, водата и топлинатаМилена Исаковиќ

Типичната летна инфекција која ја предизвикуваат бактерии и габички од водата е воспаление на надворешното уво, па во случај на појава на симптоми треба да се јавите на лекар, а потребно е и да се избегнува пливање додека воспалението не помине

Воспалението на надворешното уво може да се јави после бањање во базен, море, река, езеро. Вообичаените почетни симптоми се слаби, прво се јавува затнатост на увото, чувство на непријатност, јадеж и намален слух, по што може да се развие интензивна целодневна болка која пациентите ја опишуваат како да ги „боли пола  глава“. Инфекцијата многу брзо се шири и не поминува спонтано. По 24 часа, болката се проширува и на долната вилица, отежнато е отворањето на устата и консумирање храна и пијалаци.

Воспалението на надворешното уво е типична летна инфекција, која покрај болка може да ја следи и покачена телесна температура, отекување на лимфните жлезди околу болното уво и оток. За ова воспаление на кожата, која го обложува ушниот канал, главни предизвикувачи се бактерии и габички кои најмногу ги има во нечиста вода на слатководните реки и езера, а многу помалку во солена, морска вода. Поради тоа добро е после пливање ушите да се измијат под туш, да се исфрли водата од нив и да се исушат со нежно тапкање со чист, сув пешкир.

За да немате воспаление на надворешното уво кога сте на летување, важна е грижата за имунолошкиот систем. Тоа се постигнува со внес на витамини и минерали, уредно спиење и одморање, избегнување на бањање во загадени води и умерено сончање, бидејќи тоа го исцрпува нашиот организам. Ако до воспаление, сепак, дојде, треба навреме додека инфекцијата не се развие, да се јавите на лекар. Исто така, веќе од појавата на првите симптоми треба да се избегнува бањање и пливање (бидејќи ја вложуваат инфекцијата), чистење со стапчиња за уши (бидејќи може да направат микроповреда), ставање вата во уво, а доколку се појави болка, секако, потребно е да се консултирате со лекар или со фармацевт во врска со терапијата.

Посебно внимание во превенцијата на воспаление на надворешното уво на летување треба да се посвети кога се во прашање малите деца, но и возрасните кои се склони на алергиски дерматитиси (егземи), и имаат чувствителна кожа. Претераното отстранување на ушната маст, исто така, не е добро, бидејќи таа е природна бариера за бактериите и габичките и без неа сме поподложни на инфекции. Кој е подложен на инфекции на надворешното уво може  при пливање да користи заштитна капа за вода или гумени, односно силиконски чепчиња за уши, кои мора да бидат беспрекорно чисти.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>