Фармацевти
Контакт

<< Назад

ВОСПАЛЕНИЕ НА НЕПЦАТА

октомври 1, 2019

Болна и непријатна состојба

Во прашање е едно од најчестите заболувања на усната шуплина, се претпоставува дека со него се сретнале барем 80 % од популацијата во некој период од својот живот.

Автор: Јасна Петровиќ

Иако гингивитисот, или воспаление на непцата, не претставува голем проблем на почетокот, ова пореметување, ако не се лекува на време, може да доведе до сериозни здравствени потешкотии, вклучувајќи и целосно губење на забите. Дополнителна опасност претставува тоа што почетните симптоми се слаби и поголемиот дел од луѓето не обрнуваат внимание на нив, туку на стомалогот одат дури кога ќе почувствуваат силни болки.

 

Причини за создавање гингивитис

Непцата претставуваат дел од потпорниот апарат на забите, обично се цврсто поставени околу забите и имаат бледорозекава боја. Најчеста причина за нивно воспаление се несоодветна хигиена на усната шуплина поради која доаѓа до создавање забен плак. Оваа белузлава слузава материја е полна со штетни бактерии и нивни излачени материи кои водат до создавање воспалителни реакции. Под дејство на минералите од плунката плакот со време почнува да се стврднува и се создава забен камен. Така на хемиски штетното дејство на плакот се додава и механичка иритација на непцата.

Дополнителни причинители за настанок на гингивитисот може да бидат: употреба на алкохол и цигари, недостиг од витамин Ц, лоша исхрана базирана на претеран внес на јаглехидрати, вирусни и габични инфекции, хормонални промени во организмот, дијабетес и други хронични заболувања, искривени заби кои не се коригирани на време со помош на соодветен апарат, лошо одржување на хигиената на мостовите и забните протези, генетска склоност, изложеност на стрес и старост.

 

Симптоми и дијагноза

Воспалените непца често се отечени, имаат темна боја и лесно прокрвавуваат при  миење со четкичка или чистење со конец. Непцата се повлекуваат, изгледаат како да се одвојуваат од забите, а чести придружници на овој проблем се лош вкус во устата и непријатен здив кој се создава поради распаѓање на бактериите.

Во текот на прегледот стоматологот ја проверува состојбата на непцата, ја мери длабочината на џебовите околу забите, која не би требало да биде поголема од 3 мм. Се проверува чувствителноста на забите, затоа што непцата со повлекување ги откриваат деловите кои засилено реагираат на надворешни надразби. По потреба стоматологот го упатува пациентот на рендгенско снимање.

 

Лекување и превенција

После професионалното чистење на каменот и џебовите, стоматологот дава совет за правилно одржување на хигиената со помош на четкичка и конец. Потешките случаи вклучуваат и употреба на антибиотик. Стоматологот препорачува тип на четкичка која одговора на потребите на пациентот, а во договор со него можно е да се користи и течност за измивање на устата, која е посебно наменета за отстранување на овој проблем. Како дополнителна мерка за заштита стоматолозите често ги препорачуваат и средствата на база на билки, како што се чаеви и етерични масла (жалфија, камилица, каранфилче, диво оригано). Самостојно лекување на воспалените непца не е препорачливо.

Важно е да се нагласи дека нелекуваните воспаленија на непцата може да прераснат во пародонтоза, процес кој не е возможно да се излекува, туку само да се забави со правилно стоматолошко лекување.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>