Фармацевти
Контакт

<< Назад

Воспаление на синусите

декември 1, 2016

Акутно и хроничнод-р Гоце Златески
оториноларинголог
АудиоБМ-Медикал, Скопје

Синузитисот главно е проследен со главоболка и проблеми со дишењето на нос, што го намалува квалитетот на живот, па предизвикувачите треба што побргу да се лекуваат под надзор на лекар, бидејќи нелекувана настинка лесно прераснува во акутно воспаление на синуси, а акутното во хроничен синузитис

Во есен и зима кога времето е ладно и влажно воспалението на синусите е чест здравствен проблем, кој може да биде предизвикан од вирусна, односно бактериска инфекција, алергиска реакција или некоја автоимуна болест. Синузитисот најчесто е предизвикан од вирусна инфекција која поминува за околу 10 дена и се манифестира со воспаление на слузокожата на параназалните шуплини – синуси.

Имаме 4 пара синусни шуплини. Првиот пар се наоѓа над очите, во близина на веѓите и се нарекуваат фронтални синуси. Вториот пар, сместен во јагодичните коски, се максиларни синуси, а третиот пар, зад коренот на носот, а помеѓу очите, се етмоидни синуси. Четвртиот пар се сфеноидни синуси во горната регија на носот, зад очите.

Главоболка
Воспалението на синусите, било да станува збор за фронтални, максиларни, етмоидни или сфеноидни, речиси секогаш е проследено со главоболка.  Главоболката се јавува и поради тоа што отечената слузница на носот го затнува отворот на синусите, па нема изедначување на притисокот во носот и синусите, а слузта, која во нормални околности има заштитна улога од бактерии, заостанува во синусите, прави притисок и предизвикува болка.

Проблемите со синусите кои се лоцирани над очите, близу веѓите (фронтални), покрај главоболка, проследени се со болка и напнатост во очите. Воспалението на сфеноидните синуси (горната регија на носот, зад очите) се манифестира и со болка која може да биде емитирана кон тилот или горниот дел на главата.

Предизвикувачи на воспалението
Акутниот синузитис најчесто претходи на инфекција на горните дишни патишта и нелекувани настинки, бидејќи повторно се активираат бактериите и вирусите. Кај бактериските воспаленија на синусите најраспространети се оние предизвикани од стрептококи и пнеумококи. Акутниот синузитис може да биде предизвикан и од габи, тој е редок и се јавува главно кај болни со намален имунитет, како што се, на пример, дијабетичари.

Ризик-фактори кои можат да доведат до развој на синузитис се и: алергии, девијации на носот, односно аномалии (искривена назална преграда, мали природни отвори на синусите – се спречува нормална дренажа), назални полипи и др. Исто така, ризик-фактори за развој на хронично воспаление се и пушење, како и воспаление на заби во горната вилица.

Симптоми
При акутно воспаление на синусите слузницата е отечена, доаѓа до опструкција на природните синусни отвори, а зголемена количина на течност останува во синусните шуплини. Секретот е обично бистар во почетокот, а потоа станува обоен.

Главните симптоми на синузитис се : главоболка, бистар секрет од носот,  жoлтозелен секрет, течење од носот кон грлото (карактеристичен за хроничниот синузитис), лош здив од устата, болка во областа на синусите, затнат нос, намалено сетило за мирис, забоболка – особено во горна вилица, под максиларните синуси, покачена температура.

Акутен и хроничен

Акутниот синузитис трае помалку од 4 недели. Се смета се дека околу 90% од возрасните имале акутен синузитис барем еднаш во животот. Најчесто го предизвикуваат вирусни инфекции.

Хроничниот синузитис трае и по 8 недели. Обично му претходи акутно воспаление на синусите, може да биде предизвикан од комбинирана бактериска инфекција, но и од различни девијации на носот и синусните шуплини, полипи, алергии, што сè заедно претставува добра основа за развој на хроничен синузитис. Кај хронично воспаление на синусите покачената телесна температура е ретко присутна.

Компликации

Менингитис е најсериозна компликација на воспаление на синусите, кој се добива при бактериска инфекција. Бактериите мигрираат по крвен пат во мозокот.

Апсцес е друга компликација што го загрозува животот и бара итна помош од лекар.

Дијагноза
Не е едноставно само врз основа на клиничката слика да се разликува бактериски од вирусен синузитис, бидејќи симптомите се многу слични. Во повеќето случаи, ако симптомите се присутни помалку од 10 дена, се смета дека се работи за вирусен синузитис, а ако продолжат подолго време, тогаш станува збор за бактериска инфекција.

Рендгенската и ултразвучната дијагностика овозможуваат визуелизација на синусите.

Радиографијата, исто така, е една од методите за докажување на синузитис, бидејќи се покажува нивото на течност во синусите. Особено показател е за максиларен синузитис.

Со лабораториско, микробиолошко испитување се идентификува предизвикувачот на инфекцијата и врз основа на резултатите се предлага лекување и терапија.

Лекување
Кога лекарот ќе ја постави дијагнозата и ќе ги идентификува предизвикувачите на инфекција, пристапува кон лекување, препишувајќи соодветна терапија и лекови.

Деконгестиви: Како и аналгетиците, деконгестивите се даваат за да се намали отокот на слузницата и лачењето секрет, односно за да се олеснат симптомите во случај на акутен синузитис, но не треба да се користат подолг период бидејќи може да ја оштетат слузницата.

Испирање: Кај хроничен синузитис се препорачува испирање на носната шуплина заради олеснување на симптомите.

Антибиотската терапија е индицирана ако симптомите на воспаление на синусите траат подолго од десет дена, а терапијата ја препишува лекар.

Хируршко лекување
Во некои случаи се препорачува хируршко лекување на девијацијата, односно аномалијата која е извор на проблеми. Денес постојат десетици хируршки методи,  но сите имаат за цел да создадат пат за природно истекување на содржината (секретот) од синусните шуплини, да се дезинфицира шуплината и да се отстранат евентуалните причини кои доведуваат до инфекција.

Помош од природата
Непријатните симптоми на воспаление на синусите можеме да ги олесниме и со рен, мирудија, босилек, кромид, оцет и сол.

Пред спиење добро е да се вдишуваат испарувања од загреан рен. Лажица иситнет рен треба да се стави на грејно тело и кога ренот добро ќе се загрее, да се вдише, а  главата да се покрие со крпа.

Синусите може да се инхалираат и со мирудија ставена во вода која врие и вариме 3 минути. Главата треба да се стави над садот, да се покрие со крпа и да се вдишува десетина минути. Слична е постапката и со босилекот.

Облога од ситно сечкан кромид, вински  оцет и масло треба да се држи на челото и јагодиците што подолго додека лежиме на грб и да внимаваме сокот од смесата да не истече преку газата во очите. По третманот да се измијат болните места и да се намачкаат со кантарионово масло.

Облога од крупна морска сол се прави така што половина килограм сол се загрева на 40 степени, се витка во платно и се држи на чело 30 минути во легната положба.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>