Пофалете го и наградете го доброто однесувањед-р Радмила Косиќ
Предизвиците на воспитувањето обично почнуваат кога детето ќе прооди бидејќи тогаш е уште беспомошно, а не го совладало сфаќањето на околината, па важно е родителите да се вооружаат со трпение и разбирање и да му овозможат на детето секојдневието да го користи за учење, а не за судир
Сите здрави деца имаат многу заедничко во однесувањето, иако секое дете е посебна и неповторлива личност. Стекнувањето посебни искуства почнува уште во мајчината утроба, во текот на породувањето и во првите денови од животот.
И секој родител е единствена личност, со годините на искуство, формирање на гледањето на светот, семејството, односите со другите луѓе. Детето ќе се приспособува на условите на надворешниот свет, пред сè, во односот со родителите и најблиската околина. Не треба да се заборави ни генетиката, свесното и несвесното во секоја единица, искуството на одгледување деца во семејството и пошироката културна заедница, како ни предизвиците на современиот живот. Сето тоа ќе ви дава крила и одвреме-навреме ќе ве фрла во очај во авантурата воспитување дете кое сте го донеле на овој свет.
Некои деца потешко се одгледуваат и воспитуваат од други. За жал, на тоа имаме подеднакво малку влијание колку и на изборот на полот на детето. Може да ви се посреќи детето лесно да ги следи вашите барања, да соработува во учењето на секојдневните активности во зависност од возраста, а можеби секојдневно ќе бидете во дилема зошто вашето дете бара со него да се постапува на начин кој вам и на околината не ви е целосно разбирлив.
Доколку вашите очекувања се поклопуваат со светот на детето, начинот на кој ќе постапувате со него „ќе ви дојде сам од себе“, а вашите односи главно ќе бидат добри и складни. Во спротивно, ве чека трпеливо учење на меѓусебно препознавање и приспособување. Воспитувањето почнува со доаѓањето од породилиште и најдобро е да го сфатите како размена на мисли и чувства кои ќе го подготват детето за светот на возрасните и за самостојност во него.
Застрашувачката помисла дека би можеле да бидете одговорни за разгаленост на детото бројни родители уште од самото раѓање ги наведува на труд таа можност да ја спречат. Во првата година од животот детето чувствува потреба за нешто и тоа го изразува. Тоа не е способно да ги разбере сложените односи помеѓу луѓето и потребите на другите, ниту да ги цени правата на другите во однос на своите.
Не тренирајте строгост
Ако решите да „тренирате строгост“ во оваа рана возраст, ќе се изгубите и вие и детето. На пример, не сте му ја дале омилената играчка бидејќи е време за спиење, па детето ќе биде немирно и раздразливо, потешко ќе го утешите и заспиете, ќе ја одбие вечерата и мирниот дел од денот ќе се претвори во пекол. Така губите и вие, бидејќи колку поретко ќе ги одбивате изрично неговите барања, ќе ви биде потребно повеќе време и енергија за постојано препирање и објаснување. Ќе се најдете во вител кој никако не сте го посакувале. Губат и останатите членови на семејството – родителите кои постојано се противат на барањата на детето не се пријатно друштво, а расплаканото едногодишно дете никако не е особена разонода.
Потребите за хранење и друштво се основна потреба за детето, а нема ни часовник ни вага за да знае дека баш и не мора да јаде десетина пати во денот. Утехата и сигурноста му се подеднакво важни – без храна и вода нема да преживее, а без внимание од возрасните нема да стане целосно човечко битие.
Колку добро да сте се подготвиле, работите нема секогаш да одат лесно. На детето му е потребно вашето расположено друштво – тоа не може да знае дека истуреното шише или расфрланите коцки се последна капка во чашата во тој напорен ден. Обидете се секојдневно да го набљудувате животот од негов агол. Ќе помине многу време пред да сфати што од него очекувате и кое е прифатливо однесување во некоја ситуација.
Дете кое проодало
Детето кое проодало брзо развива чувство дека е независна личност со права и склоности. Повеќе не гледа на себе како на дел од вас, напротив, сè потешко прифаќа контрола над своето однесување. Предизвиците на воспитувањето обично почнуваат во оваа возраст. Решавањето на животните предизвици за детето станува извор на фрустрации – сè уште е физички нејако, а ни сфаќањето на околината не го совладало. Фрустрација во разумна мера е неизбежна, а вам ќе ви биде потребно трпение и разбирање за работите да ги свртите во своја корист. Користете го секојдневието за учење, не за судир. Од судирите детето ќе научи само дека нешто не сака а мора, што, секако, не е цел на воспитувањето.
„Невоспитано дете“
Првата асоцијација за „невоспитано дете“ обично е дете што трча во соба (или во самопослуга) со незапамтен вресок, бидејќи не го добило тоа што го сака. Таквите деца се многу повеќе од „воспитаните“, што ни укажува на тоа дека е тоа нормална појава во растењето.
Ваквите напади на бес се налик на емоционален вентил – детето не е во состојба да го контролира бесот, ниту со тоа ги казнува родителите. Спречете ги таквите ситуации – натерајте го нешто да направи со што повеќе такт. Нема цел да го соочувате со безусловни наредби, подобро е да го поттикнете со личен пример, со смирено однесување и мирен глас да го направи тоа што го сакате. Не допуштајте испадите на непримерно однесување да ве наведат да избегнувате јавни места или да постапувате по неговите наредби. Заземете став за непримерното однесување да не го наградувате или казнувате. Трпение, размислување, многу смирени разговори и лични примери на добро однесување кон предметите и лицата се потешко, но поефикасно оружје во најтешката задача која ве очекува.
Постаро дете
Постарото дете мора да го совлада однесувањето кое е прифатливо во пошироката заедница. Вие ќе му покажувате како треба да се однесува во разни ситуации додека правилата не ги прифати како сопствен изум и своина. Првото правило за дисциплинирање (и воспитување) гласи: „Не им го прави на другите она што не би сакал другите да ти го прават тебе“.
Пофалете го и наградете го доброто однесување. Почнете ја реченицата со предлог, а не со наредба. „Можеш ли“, звучи попримамливо отколку „немој така“. Бидете јасни, објаснете ги причините и заборавете ги аргументите како „зашто јас така сакам“; чувајте стрикни забрани и наредби само за ситуации кои може да му го загрозат животот и здравјето. Преговорите се корисен облик на соработка и во многу посериозни рамки. Сочувајте ги за исклучително непријатни ситуации кои се од порано познати како иницијатор на конфликти.
Детето не е невоспитано ако вие и околината се радувате на неговото друштво. Ако му купувате играчки затоа што тоа му предизвикува радост, а не за смирување на недолично однесување во друштво – уживајте без грижа на совест. Ако прифаќа „не“ со умерена учтивост, сфатило дека правото на одлука е ваше. Ако го промените мислењето во негова корист поради разумен доказ – не сте го разгалиле, сте научиле заедно што е грешка и извинување. Со растењето и разбирањето на светот неговиот сопствен свет станува сигурен. Секое воспитување е потпора со кој полесно и поубаво ќе расте и ќе го запознава животот.