Шум на срцед-р Радмила Косиќ
педијатар
Со раното откривање, медикаментозно или оперативно лекување, денес успешно се лекуваат и многу сложени срцеви мани, но е потребно секое доенче внимателно да се прегледа и, доколку се слушне шум на срцето, да се упати на кардиолог
Нероденото бебе во стомакот на мајката расте и се развива во идеални услови. Преку папочната врвца добивка крв богата со храна и кислород, а се ослободува од сите непотребни материи. Во текот на деветте месеци бременост плива во амнионската течност не користејќи ги белите дробови – бебето не дише со сопствените бели дробови, туку за него дише мајката.
За оваа идеална размена непречено да се одвива, природата овозможила посебен изглед на срцето на бебето и посебен фетален крвоток, а сè со цел заобиколување на неактивните фетални бели дробови. Благодарејќи на привремените отвори на срцето и крвните садови, е овозможена соодветна комуникација помеѓу десната и левата половина на срцето, артерискиот и венскиот крвоток, но ваков начин на проток низ срцето неповратно престанува со првиот здив на бебето. Траењето на овие структури по раѓањето трајно ги оштетува срцето, белите дробови и крвните садови.
По раѓањето белите дробови ќе се наполнат со воздух, ќе дојде до пренасочување на крвната струја по образец кој е неопходен за живот во надворешната средина. Во првите часови ќе се активираат механичките, хемиските и хормонските поттикнувачи трајно да се затворат дупчињата на срцето и крвните садови, затоа што тоа што било неопходно за опстанок во утробата на мајката повеќе е од опасно кога бебето ќе почне да дише со своите бели дробови.
Во најголемиот број случаи овој процес започнува со плачење на бебето по раѓањето. Сепак, кај некои деца ќе се задржат елементи на фетална циркулација или ќе дојде до пореметување во градбата и положбата на срцето и големите крвни садови – детето ќе има некоја вродена срцева мана.
Вродените срцеви мани се откриваат уште во текот на бременоста со ултразвучен преглед. Посебен тим од експерти носи одлука за каква мана се работи и каква ќе биде постапката веднаш по раѓањето. Таквите бремености се високоризични, породувањето се планира и обично се завршува со царски рез. Кардиолог го прегледува новороденчето по раѓањето и планира динамика на лекување. Денес најголем број вродени срцеви мани се откриваат рано, а дијагностичките процедури и лекувањето (најчесто оперативно) се спроведуваат по истите принципи секаде во светот. На појавата на вродени срцеви мани големо влијание има здравствената состојба на мајката (дијабетес, пушење, земање лекови, возраста на мајката, вируси) наследување и надворешна средина (зрачење).
Симптоми
Најчести симптоми и знаци на можна срцева мана кај детето се застој во растот и развојот, отежнато и забрзано дишење, потење при хранење, зачестени инфекции на дишните патишта во облик на повторување на бронхитис или воспаление на белите дробови. Може да се појави и бледило, цијаноза (сина обоеност) на усните, јазикот, ненадејно губење свест, а не е ретко децата со некоја вродена срцева мана да немаат никакви тегоби и шумот на срцето да се открие случајно при систематски преглед.
Шумот обично се опишува со јачина, односно броеви од еден до шест, со опис на квалитет, место на слушање (во кој дел од срцевата акција се слуша), како и местото на најјако слушање на градниот кош. Се опишува и правецот на ширење (пропагација во грб, врат...). За слушање и точен опис на шум на срцето е потребно детето да биде мирно, како и концентрација на искусен педијатар за селективно да се слушнат само саканите звучни феномени.
Квалитет на шумот
Кога ќе се одредат сите квалитети на шумот, се донесува заклучок дали се работи за патолошки или физиолошки шум на срцето. Далеку почесто се сретнуваме со физиолошки шумови (аноргански, шум на здраво срце). Тоа се шумови кои се последица на специфична градба или струење на крв во детска возраст. По правило се слушаат во текот на систолата (кога срцето исфрла крв во циркулација), кратко траат, по интензитет никогаш не ја преминуваат јачината 3, обично се со вибраторен карактер и не се шират од местото со најјасно слушање.
Шумот на здравото детско срце се засилува кога детето е болно, кога има температура и кашла. Најчесто прв пат ќе се слушне после третата година, при посета на педијатар најчесто поради инфекција на дишните патишта. Педијатарот е тогаш во дилема дали да им соопшти на родителите дека детето има шум на срцето, што е негова професионална обврска, или наодот да го смета за физиолошки за возраста и да продолжи со следење во текот на систематските прегледи.
Рано откривање и следење
Доколку шумот на срцето се слушне кај доенче, потребно е да се упати на кардиолог заради следење и рано откривање на природата на шумот. Обично се работи за забавено затворање на феталните структури, но некогаш се откриваат аномалиите во градбата на преткоморните или коморните прегради, стеснување на излезните делови на големите крвни садови од срцето, пореметување во градбата и функцијата на залистоците.
Раното откривање, медикаментозно или оперативно лекување денес даваат можност успешно да се лекуваат и многу сложени срцеви мани. Затоа е потребно секое доенче внимателно да се прегледа и доколку се слушне шум на срцето, да се упати на кардиолог. Денес ретко сретнуваме деца кои се јавуваат на педијатар со веќе развиена симптоматологија на вродена срцева мана.
Постојат и мани кај кои шумот не се слуша – ненапредување, отежнато хранење, потење, сина пребоеност на кожата и слузокожата (посебно при плачење), исклучително чести, тешки инфекции на долните дишни патишта, сето тоа се знаци дека детето треба да се упати на кардиолог без разлика на отсуство на шум на срце.
Нормален живот
На родителите никогаш не им е сеедно кога педијатарот ќе им соопшти дека детето има шум на срце. Лекарот е должен трпеливо да ја објасни природата на шумот, можноста шумот да е физиолошки или патолошки. Доколку детето е здраво, нема никакви тегоби, не заостанува во растот и развојот – нема причина за грижа.
Една планирана посета на кардиолог ќе содржи ултразвучен преглед на срцето и ЕКГ. Контролите се задолжителни и зависат од природата на шумот и природата на срцевата мана. Денес се достапни дијагностика и лекување кои на детето ќе му обезбедат нормален живот. Уште еднаш треба да повториме дека најчест е физиолошкиот шум на здраво срце кој не бара никакво лекување, а детето е способно за секојдневни активности и занимавање со спорт.