Чувство на губење рамнотежаФатима Мујкиќ
Важно е пациентот точно да му ги опише на лекарот своите субјективни тегоби, дали има чувство дека сè му се ниша или врти, дали вртоглавицата се јавува кога ќе се разбуди или нагло ќе стане, ќе ја зафрли главата, кога оди или ќе се наведне...
Вртоглавица или вертиго е често и непријатно чувство на лулање, пропаѓање и нестабилност, кое може да варира од слабо чувство на нишање до силно вртење, проследено со мачнина и повраќање, нејасна слика пред очите, зуење во ушите, а може да се јави и ослабен слух. Кај пациентите предизвикува страв од пад и повреди, паника поради губење контрола и страв од некои тешки болести. Меѓутоа, причината може да биде безопасна, или и знак на некое заболување, па најдобро е да се обратите на лекар, посебно ако состојбата се повторува.
Лекарот обично бара од пациентот детално да му го опише своето субјективно чувство, односно што точно му се случува во текот на вртоглавицата, за да може да ја одреди причината за „губење рамнотежа“. Инаку, сетилото за рамнотежа е сместено во внатрешното уво, покрај сетилото за слух. Најчеста причина за вртоглавица, всушност, е заболување на внатрешното уво, иако има и случаи кога вртоглавицата е симптом за заболување на централните структури на нервниот систем, на пр., малиот мозок. Исто така, и проблеми со ’рбетот и вратот можат да бидат причина за вртоглавица.
Она што е важно е пациентот да му ги пренесе на лекарот своите тегоби, точно да ги опише симптомите, дали вртоглавицата се јавува кога ќе се разбуди и, на пр., нагло ќе стане, ќе ја зафрли главата, кога оди или ќе се наведне да си ги врзе врвките на чевлите, дали непријатната сензација престанува кога ќе се смири.
Причините за вртоглавица можат да бидат разни, може да ја предизвика лоша циркулација, мигрена, мултиплекс склероза, мозочен удар, но и минлива исхемија. Иако често причини се безопасни заболувања, посетата на лекар е задолжителна зашто само тој може да ја одреди причината. Постојат голем број тестови, а еден од најчестите е аудиометриски, кога се испитува слухот, бидејќи ова сетило се наоѓа близу центарот за рамнотежа, а заболувањето на едно сетило, често го зафаќа и другото. Се прави и т.н. „калориски тест“, кога сетилото за рамнотежа се испитува прво во едното, па во другото уво и се бара симетрија помеѓу десната и левата страна. Може да се тестира и брзината на простирање на нервниот импулс низ слушниот нерв, зашто слушниот и вестибуларниот нерв „патуваат“ заедно. Совет е дека секоја вртоглавица и нестабилност треба да се сфатат сериозно и задолжително да се посети лекар.
Чувството на нестабилност, појава на темнина пред очите, светкања, може да биде предизвикано од очни болести, хипогликемија, пад на притисок, хипертензија, болести на ЦНС, анемија, недостиг од витамин Б12, главоболка, аритмија, но и од стареење.