Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вруток

јули 27, 2016

Таму каде што извира ВардарИвана Коцевска
Фото Киро Кипроски

Кога температурите се толку високи што животот во градот ќе ви го направат неподнослив, секој од нас прво посакува да е некаде во природа, покрај шума, вода и вкусна храна. Дозволете си одмор за душата и очите, задоволство за непцата. Тоа ќе го најдете во Вруток, село во северозападна Македонија, на падините на Шар Планина, во близина на Гостивар. Вруток е една од најголемите природни убавини во овој регион, но и една од најубавите во Македонија

Ако патот ве води кон омилената летна дестинација во Македонија, Охрид, попат можете да го посетите и селото Вруток. Потребно е да се исклучите од магистралата, и да продолжите по локалниот пат. Минувате низ селото Равен и на петтиот километар ве дочекува една невообичаена слика за повеќето села во Македонија. Овде се гледа и се чувствува раздвиженост, со локални жители и посетители и се градат новоградби.

Тоа е местото од каде извира Вардар, најголемата река кај нас. Одовде Вардар го започнува својот пат долг 388 километри до вливот во Егејско Море. Изворот на Вардар е толку јак што има облик на врело. Водата која извира е толку ладна што не може долго време да се држи во рака. Водата од изворот е чиста и питка и неа ја пијат жителите на Гостивар и жителите од околните села и населени места. Името Вруток е добиено според самиот извор на Вардар. Зборот вруток значи врело, односно извор.

Според местоположбата, Вруток се наоѓа во подножјето на Шар Планина, на надморска височина од 680 метри, богато со шума, со питка вода, плодно земјиште, а што е најбитно, заштитено е од ветрови. Вруток не е ни покрај море, ни покрај езеро, па затоа сите се изненадени од тоа што прерасна во најрибарска населба во Македонија.

Прекрасната природа, чистиот планински воздух и неповторливиот жубор на изворите на Вардар, го прават Вруток вистински рај за одмор и рекреација.

Луѓето од различни делови на нашата земја, но и од соседните, ги посетуваат изворот на Вардар и селото Вруток за да уживаат во природните убавини. Погледот е исполнет со богата и разновидна шума, преубави релјефи и пејзажи, големи количества на изворска питка вода и вкусна риба. Ова гостиварско село, сместено на работ на полошката котлина, во последните неколку години прераснува во вистински магнет за туристите, кои доаѓаат да ги вкусат специјалитетите од најсвежа пастрмка.

Вруток е типична селска населба од збиен тип, поделена на седум маала.

Во 250 куќи живеат околу 1300 жители, со изобилство вода од сите страни. До пред неколку години селото го посетуваа само ретки екскурзии со ученици за да ги видат изворите на реката Вардар и хидроелектричната централа „Вруток“, но во последниве години секојдневно доаѓаат гости.

Селото се наоѓа на обработливо земјиште, питка вода, атар богат со шума и специфична местоположба заштитена од ветер. Сето ова придонело да се формира уште од дамнина. Селото, според некои преданија, има историја долга еден милениум. За прв пат Вруток се споменува во хрисовула (златна була или печат) на српскиот крал Стефан Урош II Милутин од 1300 година, даден на Скопскиот Виргински манастир. До 1950 во селото Вруток имало 9 воденици со по 2 камена и 5 валавници.

Вруточани сакаат да истакнат дека по многу работи биле први: први се на изворот на Вардар, тука во 1933 година е направена и првата хидроцентрала во Гостиварско, а во поновата историја токму во селото е изградена најголемата хидроцентрала од хидроенергетскиот систем „Маврово“.

Што да се посети?
Од исламски објекти има џамија, Бектешиско теќе и Шелериско теќе. Во селото се наоѓа средновековниот манастир „Света Мина“ и црквата „Свети Архангел Михаил“. Света Мина, всушност, е манастир во кој имало монашки живот. Жителите раскажуваат дека и ден-денес тука доаѓаат и христијански и муслимански верници кои имаат некаква мака или здравствен проблем. Многумина кои немале пород, во овој манастир доаѓале на празникот Света Марена и потоа добиле принова. Во дворот има чешма од која се верува дека тече лековита вода и помага во лекување на различни болести.

Специфика на православните христијани од Вруток е и прославувањето на Водици. Тие го слават како и сите други, но главниот настан е утредента, на т.н. женски Водици, кога ги бањаат кумовите во Вардар и во водата истураат јаболка за здравје и бериќет.

Во непосредна близина се наоѓаат археолошките локалитети Лазови, Бигор и Селиште. Лазови е археолошки локалитет, средновековна црква и некропола. Се наоѓа помеѓу селата Вруток и Речане, во непосредната близина на изворот и веднаш над патот, каде се гледа грамада од кршен камен и големи камени плочи од гробни конструкции. Традицијата вели дека на ова место постоела црква посветена на света Богородица.

Бигор или Света Мина е археолошки локалитет и средновековна некропола. Се наоѓа на североисточната периферија на селото, веднаш над левиот брег на Вардар, каде се среќаваат фрагменти од камени плочи и крстови од бигор. Некрополата е во значајна мера уништена при изградба на селските куќи.

Селиште е археолошки локалитет, т.е. средновековна населба. Се наоѓа во непосредна близина на селото, од источната страна, на десниот брег на реката Вардар, на пространа флувијална тераса, каде се среќаваат фрагменти од керамички садови, покривни ќерамиди и кршен камен.

Рибници и рибји ресторани
Она што го дала природата, т.е. присуството на вода е искористено за изградба на рибници. Првиот рибник за одгледување калифорниска пастрмка е изграден во 1962 година. Тука проф. д-р Вангел Стефаноски ја создал прво златната пастрмка, а потоа и сребрената пастрмка.

Денес има неколку рибници и рибји ресторани во кои без исклучок се служи вруточка пастрмка. Ја подготвуваат на скара на два начини – отворена и без коски и затворена. Специфичниот начин на подготовка и послужување се главниот адут,  па тука пастрмка се јаде повеќе дури и од Охрид. Освен пастрмка, во рестораните се служи храна специфична за ова поднебје, т.е. полошкиот крај, како месо под сач, тавче-гравче, шарпланинско овчо сирење, галички кашкавал, качамак, печено јагне и јаре, домашен комат, како и многу традиционални десерти, сезонско овошје, мед со ореви.

Овде миграцијата е сопрена и младите остануваат во родното место и работат во локалните ресторани. Се градат нови куќи, гости има во текот на целата година. Вруток е една модерна селска населба со огромен потенцијал за еко туризам, која,  секако, треба да се посети.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>