Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЗАБОРАВЕНИОТ РАЈ

јули 1, 2019

Мариово

Предлог за летна авантура за овој месец е една од најмистичните и најненаселените области не само во нашата земја, туку и во Европа. Мариово крие безброј тајни, легенди, културно наследство. Мариово најмногу го имаме запознаено преку делата на Стале Попов и итроштините на Итар Пејо, еден од најпознатите ликови од македонските народни приказни. Денес, на територија од над 1300 квадратни километри, меѓу разурнатите и напуштени куќи, царува тишината, мирот и недопрената природа. Времето овде одамна застанало.

Ивана Коцевска

Во долината на реката Црна, сместено меѓу планините Ниџе и Кожуф на југ, Селечка Планина на запад, Дрен Планина на север и Козјак со огранките на Кожуф од исток се наоѓа Мариово. На запад се граничи со Пелагонија, а на југ со Грција. Се дели на два дела Горно или Старо Мариово, кое се простира во долниот тек на реката Црна и Долно или Младо Мариово, кое го зазема горниот тек на Црна. Реката Црна во Мариово ја изградила една од најубавите клисури во Македонија ‒ Скочивирската Клисура. Според географската положба и пристапот кон поголемите градови, Мариово се дели на битолско, прилепско и кавадаречко, од кои најголем е прилепскиот дел.

Мариовците се посебни, единствени и надалеку познати по својата смисла за хумор и шеги, за што се сведоштво големиот број народни приказни за мариовецот Итар Пејо.

Историја
Територијата на Мариово била населена уште од најраните историски периоди. Особено се истакнуваат античките и средновековните споменици и пронајдоци. За време на владењето на Турците на овие простори целата мариовска област била засебна политичко-територијална управна единица – мариовски хас, немала управа од турскиот паша директно, туку била полуслободна автономна единица со обврска да плаќа годишни даноци на земјоделските производи и стоката. Ваквиот начин на организација и живот кај Мариовци развил чувство на слободољубивост, бунтовност, непокорност и бестрашност. Во1564 година Мариовците ја организираат и ја дигаат Првата мариовска буна, која била воопшто прва побуна на поробеното христијанско население во Македонија и на Балканот.

Војните оставаат страшни последици по животот на луѓето и целокупниот развој и положба на Мариово. Со поделбата на Македонија и поставувањето на границата на Мариово му биле пресечени природните стопански, трговски и човечки врски со Меглен, Воденско и Солунско на југ, со што започнал процесот на трајно стопанско пропаѓање. За време на Првата светска војна токму низ Мариово минувала линијата на познатиот Солунски фронт. По завршувањето на Втората светска војна Мариово е еден од најзафрлените и стопански најзаостанати краишта.

Легендата за девојката Марија
Легендата за потеклото на името Мариово нè води до турско време кога некој турски паша, кој ги освоил селата во Мариово, се вљубил во девојката Марија, и магепсан од нејзината убавина, бил подготвен да направи сè што ќе посака за да ја здобие нејзината љубов. Но, нејзиниот татко тоа не го дозволувал. Пашата не се откажувал, па Марија одговорила на неговата упорност со еден услов ‒ ако областа остане христијанска и не се насели ниту еден Турчин. Пашата се согласил, потпишал документ и ја одвел Марија. На патот кон селото Дуње, Марија ненадејно извадила нож и се убила. Нејзината желба е испочитувана, во нејзина чест областа го добила името Мариово.

Познати села
Во Мариово постојат 29 села населени со Македонци, сите се во фаза на раселување. Во средишниот дел на Мариово, во рамки на битолскиот дел, оддалечено 70 км од Битола се наоѓа селото Зовиќ. Тоа е типично планинско село, со камени куќи, распослано на сите страни, но бројот на жители постојано се намалува. Останати се уште неколку куќи од кои чади оџакот. На средина од селото има кладенец со питка и студена вода, а во селото има повеќе чешми и извори. Зовиќ е уникатен рај, вистинска атракција и раритет. Се наоѓа над самиот лев брег на Градешка Река.

Зовиќ е познато и посетоно најмногу поради мостот на Градешка Река, кој се вбројува меѓу најубавите архитектонски дела во Мариово. Изграден е од камен, делкани и приделкани камени блокови. Има лачна форма и е приспособен на конфигурацијата на теренот. Изграден е во 1955/56, на местото на стариот дрвен мост, кој се преполовил под товарот на некој селанец кој водел претоварена воловска кола. Под него разбранувано тече селската река. Чистата и бистра ладна вода направила мал кањон пробивајќи се низ карпите. На мостот преку кој се оди до прилепскиот дел на Мариово, односно до селата Бешиште и Полчиште, најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски сними дел од својот филм „Прашина“. Поради својата популарност мостот доби име „филмски мост“. Непосредно кај приодот кон мостот, на една висока карпа е насликан светецот свети Ѓорѓи, кој е еден вид на остаток од пештерното црквиче што во минатото постоело таму. Живописот датира од поново време, од 1925 година, која е испишана заедно со имињата на дарителите. Секоја година на крајот од мај се одржува големата велосипедска и планинарско-пешачката тура од фестивалот Mariovo Off-Road Experience. Рутата води и до Зовиќ и мостот.

Градешница е едно од најубавите села во Република Македонија. Името го добило по тоа што во минатото во однос на другите мариовски села била најнапредно и личело на град. Градешница има стара традиционална македонска селска архитектура. Куќите се од камен, имаат приземје и кат, со задолжителен чардак. Селото има седум цркви. На околу 1км од влезот на селото се наоѓа средновековната тврдина „Пешта“, позната по приказната за Калеш Анѓа, мариовска девојка со челична волја спремна и по цена на својот живот да ја зачува својата вера и да не се предаде на прилепскиот кадија. Според некои кажувања личноста Итар Пејо навистина постоела и Градешница е негово родно село.
Не се знае кога точно настанало, но според археолошките наоди може да се утврди дека овде постоел континуитет на живеење дури од праисторија. Доказ за ова е керамиката декорирана со спирали вградена во црквата Св. Ѓорѓи, во горниот дел на селото. Во ова село во 1952 г. е пронајден и заб од мастодонт, еден од деветте примероци пронајдени во Македонија, кој денес се чува во Природниот музеј во Белград.

По речиси два часа возење од Прилеп, далеку во мариовските ридишта, заградено од сите страни со дабова и борова гора на дното на некогашното езеро се распостила селото Мелница, родното село на Стале Попов, најуспешниот писател кој со извонредна умешност во своите дела го опишува животот во Мариово. Верувам дека не постои некој кој не го прочитал неговиот прв роман „Крпен живот“, каде дејството се одвива во мариовското село Витолиште. Мелница денес е обрасната со трње и капини. Од некогашното село, од некогашните куќи, плевни, штали, од некогашните селски дворови, од селските патчиња и сокаци ништо не може да се распознае. Останата е само неговата родна куќа, на ѕидот на една малечка камена плоча пишува „Ова е родната куќа на Стале Попов“.

Мариовскиот крај освојува со едноставноста и со преубавата природа, со прекрасните предели кои се како создадени за бегство од стресното секојдневие. Пејзажот го повикува човекот со нескротен авантуристички дух да ги открие и најтаинствените делови. Историјата и легендите се испреплетуваат тука, сочувани од високите планини кои го штителе Мариово од странски влијанија низ вековите.

Под превезот на туризмот, странци доаѓаат во Мариово и трагаат по закопаните ковчези со злато, за кои се верува дека ги оставила војската на српскиот крал Петар Први Караѓорѓевиќ на патеката по која се движела во Балканските војни.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>