Упорноста е клучен збор
Забавениот метаболизам најчесто е последица на нашите нездрави животни навики. Време е да го забрзаме.
Автор: Марко Симиќ
Неефикасното трошење на внесените калории е причина за добивање вишок килограми, а настанува како последица од забавена работа на метаболизмот. Причините можат да бидат бројни, од генетски предиспозиции, преку неурамнотежена исхрана, стрес, недостиг на физичка активност, па до сериозни здравствени пореметувања. Најчесто во прашање е комбинација од неколку наведени фактори, а охрабрувачки звучи податокот дека дебелината предизвикана од пореметување на работата на ендокриниот систем е далеку поретка од онаа настаната од недостиг на физичка активност. Премалку движење се смета за главна причина на многу здравствени проблеми на денешницата.
Зошто ова е охрабрувачки?
Затоа што против оваа причина можеме да се избориме сами. Потребна ни е желба за промена, добар план и, секако, многу упорност. Прв чекор е, секако, посета на вашиот лекар кој ќе ви каже кое ниво на физичко оптоварување може да го поднесе вашиот организам. Потоа набавете удобни патики или некои други обувки во кои ќе ви годи прошетката.
Каква врска има прошетката со вежбањето?
Иако одењето го гледаме како нешто сосема обично, во прашање е, всушност, исклучително сложен процес. За правење на само еден чекор нашето тело ангажира 50 различни мускули, плус цел систем кој ја контролира рамнотежата, одржување на телото во исправена положба итн. Одењето е основен облик на нашето движење, а движењето било суштина на нашето постоење илјадници години наназад. Покрај тоа претставува и феноменален начин за природно забрзување на метаболизмот. Дополнителните здравствени бенефити од секојдневните прошетки на свеж воздух се подигнување на општиот тонус на организмот, превенција од кардиоваскуларни болести, депресија и анксиозност, намалување на ризик од појава на дијабетес и хипертензија.
Колку далеку и колку брзо би требало да одам?
Вашата цел би требало да биде секојдневно 5 километри, што е околу 10.000 чекори. Се разбира дека во почетокот можете да си поставите за цел и помалку чекори, важно е да бидете упорни. Брзината на одењето би требало да биде таква да можете да изговорите реченица, а и да не ви биде баш најпријатно да разговарате додека се движите.
Што да правам кога ова ќе престане да биде предизвик?
Прво честитајте си себеси на постигнатите резултати. Потоа одредете ја својата цел. Постојат бројни вежби и нивни комбинации кои можат да доведат до забрзување на процесите на метаболизмот. Ви советуваме да ги изберете оние за чие изведување не ви требаат дополнителни реквизити, освен простирки за вежбање. Клекнувања, склекови, скокови од клекнувања, сите врски на кардиотренинг (пливање, возење велосипед, трчање), јога, изберете го она што вам најмногу ви одговара.
Дали е тоа сè?
Не, тоа не е сè. Не постои систем на вежби кој може да го забрза нашиот метаболизам толку за да може да го согори сето она што сме во состојба да го внесеме во себе, доколку не се храниме правилно. Преминување на нов режим на живот во кој вежбањето ќе биде составен дел секој ден, токму како што е и одржување лична хигиена, подразбира и промена на прехранбените навики. Дури тогаш можеме да ги очекуваме вистинските резултати.
Создавање здрави навики
Период од 6 недели редовно спроведување на одредени активности е потребен за да се создадат услови за одржување на континуитетот. Уште толку е потребно нашата потсвест таа активност навистина да ја усвои. На ова мораме да додадеме уште најмалку два месеца истрајност додека се создаде навика. Редовно вежбање во период од 5 до 6 месеци е период кој морате да го совладате со својата упорност. После тоа, ова ќе ви стане секојдневна рутина без која нема да можете да го сметате својот ден за исполнет.