Покрај тоа што ги прават нашите оброци повкусни, зачините имаат бројни корисни особини за нашето здравје.
Автор: Билјана Божовиќ
Се проценува дека зачините во форма на самоникнати билки биле дел од нашата исхрана уште во времето на првобитните човекови заедници. Некои од зачините кои и денес ги користиме имаат традиција на примена која досегнува илјадници години во минатото. Бројни зачини се богати со антиоксиданти и состојки кои имаат противвоспалително дејство, а дополнително го подобруваат варењето и го забрзуваат метаболизмот.
Лук
За лековитите својства на ова растение се испишани страници и страници текстови. Има позитивно дејство за спречување на настанување кардиоваскуларни заболувања, додека неговото антимикробно дејство го штити нашиот организам од инфекции. Се препорачува употреба во секојдневната исхрана. Многу се корисни и другите видови лук, како праз и кромид. Пролетта е време кога на пазарите може да се најде и мечкин лук кој е одличен за детоксикација на организмот.
Црвена зачинска пиперка
Лутината на пиперката потекнува од капсаицинот, соединение на кое му се препишуваат својствата за превенција од чир, ублажување болки и позитивно влијание на кардиоваскуларниот систем. Исто така, го забрзува метаболизмот и помага во губењето на вишокот килограми. Пиперката содржи и бета-каротин кој е исклучително силен антиоксидант.
Ѓумбир
Неговата пријатна лутина одлично се совпаѓа со благи и солени јадења. Ѓумбирот помага кај настинки, мачнини и проблеми со варењето. Ја зголемува циркулацијата и ги ублажува грчевите во стомакот. Се верува дека има и противвоспалителни својства, како и дека дејствува аналгетски на одредени болни состојби.
Цимет
Без разлика дали го додавате во кафе, јогурт или овесна каша, циметот ќе ви го разубави денот. Покрај тоа, овој зачин содржи калциум, манган и железо. Ја ублажува мачнината, ја намалува подуеноста и позитивно влијае на нивото на шеќер и триглицериди во крвта.
Куркума
Овој индиски зачин е една од битните состојки на зачинските мешавини со кари. Во текот на последните години, покрај неговите антиоксидантни способности, доста внимание се посветува на истражувањата кои укажуваат на широкиот спектар од позитивни влијанија во превенција на разни заболувања на кардиоваскуларниот систем, преку зачувување на мозочните функции, дијабетес, артритис, депресија, дури и канцер.
Каранфилче
Оваа незаобиколна состојка на овошните компоти има позитивно влијание на варењето. Исто така, добро е и за смирување на грчевите во желудникот и како додаток на средствата против дијареја, а се користи и за ублажување на забоболка и воспаление на грлото.
Босилек
Италијанската кујна е незамислива без овој зачин. Со вкус кој неизбежно асоцира на лето, босилекот има бројни други предности. Содржи магнезиум, железо, калциум и бета-каротин, дејствува противвоспалително и антибактериски, ги намалува тегобите кај артритис.
Мајчина душица
Можете да ја користите во преливи, како зачин прелиен преку јадењето, или едноставно, можете да сварите чај. Во секој случај ќе имате корист од нејзините антибактериски својства. Мајчината душица содржи и антиоксиданти, го јакне имунитетот и помага во борба против сезонски инфекции.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци