[vc_column width="1/1"]Милица Алексиќ
Дождот, снегот, ветерот и наглите промени на температурите не се пријатели на нашата кожа, а особено кога од топла, затворена просторија најчесто со сув воздух ќе излеземе надвор, на студ и влага, па ако уште не £ посветиме дополнително внимание и нега може да ја изгуби свежината и еластичноста, да дехидрира, да стане рапава, склона кон иритации, лупење, црвенило и брчки. Испукани усни, сува кожа на лицето и црвени раце се јасен показател дека хидролипидниот слој на кожата е оштеттен и дека во зимските месеци е потребна посебна нега со козметички препарати, како и третмани кои ја засилуваат нејзината природна заштита, отпорност и здрав изглед.
ХИДРАТАЦИЈА: Јакнење на тонусот и регенерација на кожата во зимските месеци се постигнуваат со негување на целото тело со хидратантни креми, со посебно внимание на лицето, вратот, деколтето и рацете, односно на оние делови кои не се покриени со облека, па треба да им се обезбеди дополнителна влажност. Никако не треба да се заборави на пределот околу очите, кој е многу чувствителен на неповолни временски услови и е склон кон создавање ситни брчки. Исто така, за да се спречат оштетувања на хидролипидниот слој на кожата, во зима треба да се избегнуваат јаки пилинзи, тоници со алкохол и средства кои ја отстрануваат природната мрснотија на кожата, дополнително ја исушуваат и ја прават чувствителна. Задолжително треба да се пие повеќе вода и млаки чаеви, никако врели, бидејќи топлината ги шири капиларите.
ВИТАМИНИ: Витамините се неопходни за здрава и блескава кожа, па освен исхрана богата со витамини А, Ц и Е, кога кожата ја негуваме „одвнатре“, треба да ја нахраниме и со витамински креми и да ја третираме со растителни маски кои ќе ја нахранат и ќе го зајакнат епидермот.
МАСЛА: Бадемовото масло ја штити и ја смирува кожата, можете да го користите за отстранување шминка, но и како ноќен третман за кожа, така што на исчистена, уште влажна кожа ќе го нанесете и благо ќе го масирате. Исто така, ако имате впечаток дека вашиот крем е премногу „слаб“ за зимски услови, можете да му додадете неколку капки бадемово или маслиново масло.
ШМИНКА: Како што зиме не носиме летна облека, така и шминката треба да биде приспособена на временските услови, на типот и на чувствителноста на кожата. Тоа се, секако, маскари високотолерантни на влага, како и пудери и хидратантни кармини богати со хранливи состојки. Користете балсам за усни.
ПРЕСТОЈ НА СНЕГ: Соодветна УВ-заштита за време на престој на снег, особено на планина, т.е. на повисоки надморски висини е неопходна и во зимските месеци. Се препорачуваат дневни креми со УВ-заштита, како и хранливи, хидратантни креми за длабински третман после престој на снег, за кожата да се регенерира од студот.
Мелем за студ
Направете сами мелем-крем за ладно време, така што на пареа ќе истопите 25 г природен восок од пчели (до течна состојба), па во него, со постојано мешање, ќе додадете 125 мл маслиново масло, 25 г какао путер и неколку капки етерично масло од лаванда и оставете 24 часа да отстои и да се стегне. Мелемот ставете го во затворен сад и чувајте го во фрижидер. Во помала амбалажа ставете дел од мелемот и користете го сокојдневно, а кога ќе го потрошите додадете нова количина од фрижидер. Овој мелем е одлична заштита од студ и одговара на сите типови кожа, дури и на чувствителната, детска.