Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЗАШТИТЕТЕ СЕ ОД НАСТИНКА И ГРИП

декември 1, 2016

Зајакнете го имунитетотд-р Јелена Микиќ
доктор по медицина

Превенцијата е најдобра заштита, бидејќи ефикасен лек против настинка и грип не постои, затоа најбитно е да се засили имунитетот и да се усогласат активностите со препораките за овој период од годината

Грипот е заразна вирусна болест која се пренесува преку капки, со кивање или кашлање, главно во затворен простор. Во зимскиот период настинката и грипот се зачестени, а постои и можност од епидемија. Намалувањето на надворешната температура, сувиот воздух во загреани простории, како и зголемената влага на воздухот надвор создаваат поволни услови за развој на причинителите на оваа болест. Кон тоа придонесуваат и престој и собирање на поголем број луѓе во затворени слабо преветрени простори.

Симптоми
Симптомите на грип обично започнуваат нагло. Карактеристична е висока температура од 39 степени па и повеќе, чувство на немоќ, изнемоштеност, како и болки во мускулите и зглобовите. Главната разлика помеѓу грипот и настинката освен во причинителите, е во интензитетот на болеста. Грипот (инфлуенца) е акутна болест на респираторниот систем најчесто предизвикана од вируси на инфлуенца тип А и Б. Симптомите на грип се слични на симптомите на настинка, но се доста поизразени и траат подолг временски период. Грипот може да биде опасен доколку не се лекува навреме и на адекватен начин, бидејќи може да дојде до компликации, од кои најчести се воспаление на белите дробови и опструкција на дишните патишта. Кај грипот, за разлика од настинката, силно е изразен сезонскиот карактер. Способноста за мутирање на вирусот го отежнува поставувањето терапија.

Причинители
Причинителите на настинка, кои ги има над 200, се шират преку допир и капките од слуз кои заразената личност ги шири преку кашлање, кивање и дишење. Симптомите на настинка почнуваат ден или два откако сме биле изложени на вирусот. Инфекцијата најчесто ги зафаќа грлото и синусите, кои се прва станица на вирусот, а, исто така, постои и можност потоа да се прошири и на бронхиите. Доколку се јави засилена болка во зглобовите или температурата над 39 степени се задржи подолго од 2 дена, можно е да дошло и до инфекција со бактерии.

Имунитет
Зајакнатиот имунитет му овозможува на организмот да се одбрани од причинителите на болеста, тој е прва линија на одбрана на нашиот организам и кај респираторните инфекции. Важен е дури и кога до инфекција ќе дојде, бидејќи негова задача е да ја ограничи и да не дозволи прекумерно оштетување на ткивата, а со помош на медицинска терапија ќе овозможи брзо излекување. Освен тоа, одбранбените сили го паметат причинителот на инфекција од кој потоа во некој нов налет се многу поподготвени да се одбранат.

За зачувување на нашето здравје не само во текот на зимските месеци туку и преку целата година важни се правилната исхрана и редовната физичка активност. Недостиг од сон, големи напори без соодветен одмор може да доведат до физичка и психичка исцрпеност, што значително ги оштетува одбранбените сили на организмот. Многу е битно да знаеме дека токму превенцијата е најдобра заштита, бидејќи ефикасен лек против настинка и грип не постои. Затоа, секако, најважна препорака за заштита од настика и грип е јакнење на имунитетот!

Исхрана
Исхрана богата со лук, како и консумирање цитруси, свежа зелка и пиперки е добар сојузник во борба против настинка и грип. Воопшто, свежиот зеленчук и оној кој кратко термички се обработува се основа на избалансираната исхрана, на што треба да се додадат и умерени количини пилешко месо. Рибата треба да се консумира барем 2 пати во неделата, додека млечните производи треба да се стават во секојдневната исхрана, и тоа во вид на младо сирење или чаша јогурт. Во сезоната на грип супите и чорбите би требало да бидат ден на трпезата, а се препорачуваат и чаеви и свежо цедени сокови од овошје и зеленчук.

Суплементи
Витаминските суплементи, секако, може да бидат поддршка на здравата и урамнотежена исхрана и во голема мера да придонесат за јакнење на имунитетот и зголемување на отпорноста на организмот, но не можат да бидат целосна замена за природните намирници, па треба да се третираат како додатоци на исхраната.

Физичка активност
Она што, секако, нашиот организам го прави лесна мета за причинителите на овие болести е физичката неактивност. Неактивниот седечки начин на живот ги слабее одбранбените механизми на организмот и ја олеснува појавата на  болести. Докажано е дека секојдневна физичка активност со умерен интензитет го јакне нашиот имунолошки систем. Прошетка од 20 до 30 минути секој ден придонесува за нашето здравје.

Хигиена
Кога тоа е можно, треба што помалку да се престојува во непроветрени простории со многу луѓе, како и во затворени, зачадени простории. Токму на такви локации нашиот организам е најизложен на причинителите на болеста. Исто така, се препорачува избегнување близок контакт со заразено лице, а ако тоа е неможно треба секојдневно да се заштитиме со носење маска.

Кога се работи за превенција, хигиената е на прво место на приоритетот, па е многу битно често и темелно да се мијат рацете. Секако, важи и препораката секогаш со себе да носите и пакување влажни марамчиња.

Доколку забележите дека, сепак, се појавил некој од симптомите на настинка или грип, потребно е благовремено да се јавите кај вашиот лекар за навреме да ја постави дијагнозата и да препише соодветна терапија. Со  него можете да се консултирате и за вакцинацијата, која во целиот свет се смета за главен начин на борба против грип.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>