Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЗАВИСНОСТ ОД ИНТЕРНЕТ И ИГРИ

јуни 1, 2018

Наслов Родителите мораат да реагираат навреме

 

Светската здравствена организација (СЗО) во својата класификација на болести ја додаде и зависноста од Интернет, како болест која ја третираат стручњаците за ментално здравје.

 

Автор Марина Брашиќ

спец. педагог и ОЛИ интегративен психодинамски психотерапевт

 

Интернетот е дел од секојдневниот живот и е составен дел од растењето на младите и децата. Иако постојат многу предности и погодности кои ги носи, не треба да се занемари големиот број проблеми кои се појавуваат со овој глобален феномен.

 

Што е Интернет зависност?

Зависноста од Интернет се дефинира како збир на различни однесувања во кои прекумерно се употребува и злоупотребува Интернетот. Лицето со таквото однесување се загрозува себеси и другите, се изложува на неприлики и не може самостојно да се оттргне од содржините на Интернет. Појавните обици на ова пореметување се зависност од Интернет коцкање, зависност од социјални мрежи, зависност од игри, зависност од порнографска содржина и др. Кај децата и младите, најчесто се присутни зависност од социјални мрежи и од играње онлајн игри.

Причини за појава на зависност од Интернет?

Најчесто, децата се обидуваат потребите кои се нормални во развојот да ги задоволат на Интернет затоа што така им е најлесно, најдостапно и наизглед побезбедно. На Интернет нема одложување на задоволството, не е потребно многу да се вложи во развивање вештини на комуникација, а стравот од грешка или отфрлање е сведен на минимум. Социјалните мрежи и игри се бегство од реалниот свет, во кој има обврски, вистински пријатели, одложување на потребите, тестирање на социјалните вештини. Вака влегуваат во виртуелниот свет на задоволство и заштитеност од неуспех кој тие го управуваат на многу лесен начин.

Младите кои имаат проблеми во социјалните односи, потешкотии во воспоставување односи со врсници, проблем со самодовербата и самопочитувањето, често се насочени кон игри и социјални мрежи како начин за надминување на овие свои проблеми. Срамежливоста и социјалните фобии често се причина за зависност од Интернет. Многу млади не успеваат веднаш да се вклучат во група врсници поради присутниот страв од отфрлање или негативна процена. Овој страв е нормален, посебно во тинејџерскиот период, и со поддршка од родителите и околината природно се надминува. Меѓутоа, таму каде ќе изостане адекватна поддршка од опкружувањето, виртуелниот свет го олеснува надминувањето на овие непријатни чувства, но и можност младата личност да стане зависна од социјални мрежи и игри.

Чувството на осаменост и страв од блискост не се карактеристични само за тинејџерите, но дефинитивно се причини зошто лицата стануваат зависни од Интернет. Социјалните мрежи помагаат да се прошири кругот на луѓе кои личноста површно ги познава и со кои е во контакт. Стравот дека некој ќе ги издаде е минимален, односите се површни без многу емотивно вложување, а еден пријател може брзо да се замени со друг. Тако личноста има чувство дека постојано има некој кој ја поддржува и со кој е блиска. Не така ретко, родителите и сами даваат лош пример зошто детето може да стане зависно од Интернет. Интернетот нуди можност секојдневните животни проблеми да изгледаат многу полесни и поубави, па така личноста почнува да живее во виртуелен свет на социјални мрежи и игри.

Симптоми кои покажуваат зависност од Интернет

Родителите најчесто бараат стручна помош кога ќе забележат дека нивното дете континуирано изостанува од училиште поради непрекинато играње игри, кога детето го загрозило своето образование и успехот во училиште поради постојано користење социјални мрежи, кога ќе покаже агресивно однесување при забрана за употреба на компјутер и мобилен телефон, но и кога ќе престане да се интересира за животот надвор од светот на игрите и Интернетот.

Како родителите можат превентивно да реагираат?

За да го заштитите своето дете од ризиците кои демнат од Интернет (насилство, злоупотреба, манипулации и сл.), потребно е да развивате однос на доверба и отворена комуникација со своето дете. Разберете ги развојните потреби на детето и обидете се да го мотивирате да ги задоволува своите потреби надвор од Интернетот. Разговарајте со него ненаметливо за тоа како детето може само да се заштити, информирајте се кои сè можности постојат. Родителите некогаш од најдобра намера забораваат на ризиците кои неограниченото користење Интернет го носи. Направете договор со детето за тоа кога и колку може да користи Интернет, со обврски кои мора да следуваат. Исто така, ограничете ја употребата на Интернет во текот на ноќта.

Она што е најважно е дека вие сте родител и дека додека детето расте и созрева ваша основна задача е да му обезбедите непречен раст и развој, и физички и ментален. Мотивирајте го своето дете да се занимава со некои други активности (спорт, хоби), па ќе му остане помалку време за Интернет. Поддршката на стручњаците е секогаш добредојдена кога имате некоја воспитна дилема, но и кога постои проблем кој ги надминува вашите моментни можности.

 

Седум знаци кои укажуваат на зависност на детето од Интернет

  1. Детето постојано е преокупирано со содржините на Интернет.

  2. Детето поминува голем временски период пред компјутер, тешко се одвојува од уредите.

  3. Во состојба е да игра игри со часови, дури и ноќе, губи поим за времето кое го поминува во таа активност и заборава на обврските.

  4. Се повлекува или ги избегнува училишните обврски и дружењето со врсници за да биде на Интернет.

  5. Изразува вознемиренсот, раздразливот и депресија кога не е во светот на игрите.

  6. Имате впечаток дека тоа му е најважна активност во животот.

  7. Намалена концентрација при учење, поспаност и замор, сè почесто присутни агресивни испади, намалено интересирање за остварување емоционални врски.


ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>