Процес на одвикнување
Зависност постои тогаш кога ќе се создаде принуда, т.е. неодолива желба за земање одвреме-навреме или редовно земање на лекот, во намера да се доживее неговиот ефект на психичките процеси или да се избегнат непријатности поради неземање на тој лек.
Автор д-р Невена Пајовиќ
Според податоците на различни епидемиолошки студии, зависноста од лекови станува сè почест проблем во последните неколку години. Лицето може да биде зависно од еден или од повеќе лекови кои предизвикуваат зависност.
Карактеристики на зависноста
Три битни карактеристики на зависноста од лекови се: психичка зависност, физичка зависност и толеранција. Психичката зависност се создава затоа што лекот предизвикува пријатно расположение, еуфорија. Физичката зависност настанува кога лицето подолг временски период зема одреден лек за да си ја олесни болката или непријатноста, на пример, главоболка, па нагол прекин на земање на тој лек предизвикува уште поголеми тегоби и настанува т.н. апстиненцијален синдром. Стравот од тегоби кои се јавуваат во рамките на апстиненцијален синдром е најчесто тој кој го тера лицето постојано да го зема лекот. Толеранција, т.е. нечувствителност на лек е состојба кога лицето мора да зема сè поголеми дози од лекот, бидејќи претходните немаат повеќе ефект. Нечувствителност кон еден лек во исто време значи и нечувствителност кон останатите лекови од истата група.
Девет типа на зависност
Постојат девет типа на зависност: опиоиден тип, алкохолно-барбитуратен тип, амфетамински тип, cannabis тип, халуциноген тип, кхат тип, испарливи растворувачи и тутунски тип. Сите карактеристики на зависноста (психичка зависност, физичка зависност, толеранција) не мора подеднакво да бидат изразени кај сите типа зависност. Кога е во прашање зависноста, алкохолизмот и употребата на психоактивни супстанции (дрога) е прва асоцијација на овој мултифакторијален проблем. Зависноста од лекови или т.н. „тивка зависност“ не е така ретка како што се чини.
Сите лекови не го прават човекот зависен
Лековите кои најчесто се злоупотребуваат и некритички се користат се лекови за смирување и спиење, како и лекови против болки. Истражувањата покажале дека на двајца алкохоличари доаѓа еден зависник од лекови. Од 40-тата година на старост бројот на лица кои се зависни од лекови се зголемува и жените се посебно загрозени. Варијации, т.е. промени во дејството на лекот се разликуваат како помеѓу луѓето, така и интраиндивидуално. Лекарите мора да бидат свесни за тие варијации за да препишат безбедни и ефикасни лекови. Лековите за смирување (бромазепам, дијазепам, бенседин, лоразепам, ксалол) и лековите против болка (морфиум, нестероидни антиинфламаторни лекови – НСАИЛ) заедничко им е тоа што покрај основното дејство имаат влијание на психата, па доведуваат до опуштање и/или ублажување на болките.
Користењето на овие лекови најчесто почнува поради различни видови болка во организмот, несоница, вознемиреност, напнатост, проблеми во животот и многу други ситуации. Со нивна претерана и некритична примена може да се јави психичка зависност и цел спектар на типични симптоми на зависност: консумирање лек и покрај сознанието за конкретни штетни последици, неодолива желба за земање на лекот, зголемување на дозата за да се постигне почетното дејство, апстиненцијални симптоми ако лекот не се консумира, загуба на контролата и пореметувања во однесувањето. Покрај психичката зависност, лековите може да имаат и штетни дејства и несакани ефекти и на организмот на човекот. Познати се несаканите дејства на НСАИЛ на желудникот, црниот дроб и бубрезите, додека лековите за смирување ја оштетуваат и функцијата на мозокот.
Фактори за настанување зависност
За настанување зависност е важно содејството на повеќе фактори. Изборот на лекот, неговите фармаколошки дејства, употребените дози, начинот и зачестеноста на примената влијаат на брзината на настанување и на степенот на зависност. Покрај дејството на лекот, за настанување зависност е важна и структурата на личноста, индивидуалната настроеност за земање лек, семејната и социокултурната средина. Достапноста на лековите, исто така, е од големо значење. Епидемиолошките студии покажуваат висок процент на здруженост на зависноста од лекови и депресијата. Често се присутни и други психијатриски пореметувања (анксиозност, биполарно афективно пореметување, пореметување на личноста). Нејасна е границата помеѓу одмерена примена на некој лек, неговата злоупотреба и на крајот зависност.
Излекувањето е можно
Првиот неопходен и најважен чекор се состои од желбата на лицето за процесот на одвикнување. Процесот на одвикнување може да се изврши во амбулантни или болнички (стационарни) услови или со нивна комбинација. Втор чекор во терапијата на зависност се состои од одземање на лекот или лековите со постепено намалување на дневната доза, во тек на две до три недели, што зависи од почетните дневни дози. Не смее нагло да се прекинува со земањето лекови за да не дојде до развој на најтешки апстиненцијални појави и тешки апстиненцијални кризи кои ги сочинуваат: анксиозност, напнатост, панични напади, главоболка, мачнина, тресење, зголемена работа на срцето, препотување, потешкотии во спиењето, нервен слом, халуцинации.
Од степенот на зависност ќе зависи и степенот на тегоби кои се појавуваат во текот на одвикнувањето. Во тој период се даваат лекови кои овозможуваат лицето да го преброди периодот на најтешки апстиненцијални појави.
Амбулантната детоксикација е наменета за лица кои имаат полесна до умерено тешка апстиненцијална криза. Болничката детоксикација е наменета за лица на кои им е потребна целосна изолација од провокативното опкружување, за да ја пребродат апстиненцијалната криза и лицата кои се склони на рецидиви. Во двата случаја динамиката на давање и составот на детоксикациската терапија се приспособуваат на потребите на секој поединец.
Поддршката и разбирањето се неопходни
Со процесот на детоксикација лекувањето е и психотерапевтски ориентирано. Цел е лицето, со помош на тераписки методи, трајно да се ослободи од зависност од лекови. На луѓето кои сакаат да ја преземат контролата врз сопствениот живот е потребно, со соодветен тип терапија и рехабилитација, да им се пружи поддршка, трпение, разбирање и љубов.