м-р Весна Кнежевиќ
Психофизичкото заздравување на родилката трае околу осум недели и за тоа време органите на жената се враќаат во нормала, хормонот естроген опаѓа за 90%, а нивото на хормонот пролактин е високо. На родилката ѝ е потребна поддршка и помош од семејството и околината за да се чувствува сигурно и добро да се грижи за себе и за бебето
Заздравувањето на мајката после породување обично трае шест до осум недели, затоа што во текот на бременоста во телото на родилката се случувале големи, природни промени. На пример, пред породувањето, матката е зголемена дури 25 пати, па ѝ треба време да се врати во првобитната состојба, а тоа е процес кој трае околу четири недели. Слично е и со другите органи во телото на жената после доаѓањето на бебето на свет. Желудникот, мочниот меур, тенкото и дебелото црево, исто така, се враќаат на своето место, а ако дојде до некои тегоби, како несакани гасови и неконтролирано празнење на цревата, треба да се знае дека тоа е минливо, и дека е дел од заздравувањето. Паралелно со овие процеси настанува и лачењето млеко, дојките стануваат потврди затоа што млекото надоаѓа, што пак, бара посебно внимание и грижа.
Во периодот на заздравување потполно е природна и чувствителноста на родилката, како и нејзините емотивни осцилации и грижа за тоа дали сè прави како што треба. Нивото на хормонот естроген после породувањето опаѓа за 90% во однос на периодот на бременост, психички осцилации се очекувани, но би требало да се намалат и да исчезнат во период од неколку недели. Грижата од опкружувањето, таткото, роднините и пријателите, како и поддршка на родилката во тој период, се многу значајни. Ако мајката и после неколку недели има симптоми на психички осцилации, треба да се јави на лекар, затоа што може да дојде до состојба која се нарекува постпородилна депресија.
Први денови: После породувањето мајката е уморна и исцрпена, а чувствува и голема жед. Сето тоа е нормално, треба да ѝ се помогне да зема доволно течности (ако заборави, треба да се потсетува), да не се сили да јаде ако нема апетит, ама добро е да зема помали оброци. Исто така, првите денови после породувањето мајката може да чувствува страв да оди во тоалет, да чувствува печење при мокрење, па треба да се смири и да ѝ се објасни дека тоа е минлива состојба.
Исхрана: Неколку часа после породувањето, родилката смее да јаде, но најважно е да зема доволно течности. Треба да се избегнува јака и зачинета храна, храна која предизвикува подуеност и гасови (мешунки, зелка, грав, цитруси). Лесно сварлива и освежителна храна, како јогурт, супи од зеленчук, е најпрепорачлива.
Во наредниот период родилката треба да се придржува кон упатствата на својот лекар во врска со исхраната, да не јаде „за двајца“, да се храни здраво (немасно месо, интегрални житни растенија, млеко и млечни производи, зеленчук и овошје по препорака на лекар), да води грижа за бројот на оброци и земање доволно течности (вода, свежо цедени сокови, супи). Треба да избегнува продукти како што се маргарин, индустриски грицки и преработки од месо. Исхраната директно влијае на квалитетот и количината на мајчиното млеко, но и на телесната маса на родилката.
Доење: Лактацијата почнува брзо после породувањето, најдоцна два до три дена. Познато е дека мајчиното млеко е најздрава храна за бебето. Ако мајката од која било причина не дои, или бебето нема сила да ги испразни дојките, потребно е измолзување и масирање со кружни движења, да не дојде до маститис.
Стомачни мускули: За стомачните мускули да се зајакнат и да се вратат во нормала, родилката во прво време може да носи „појас за родилки“ околу стомакот. Веќе после неколку недели, ако е сè во ред, може да се консултира со својот лекар и фитнес тренер кои вежби треба да ги прави. Прошетка секогаш се препорачува, како и вежби за истегнување.
Прв преглед: Доколку здравјето на родилката е во ред, првиот преглед се врши после четири до шест недели. Се работи за гинеколошки преглед, како и систематски (мерење на тежина, крвен притисок, крвна слика и друго). Многу е важно родилката да се јави кај својот лекар и гинеколог ако не се чувствува добро, или се сомнева дека нешто не е во ред, затоа што ќе добие соодветни одговори околу сите недоумици.
Прва менструација: Додека мајката го дои бебето, хормонот пролактин е висок, па обично се спречуваат хормоните на менструалниот циклус (фоликулостимулирачки и лутеинизирачки хормон, FSH и LH). Кога приливот на млеко ќе стане помал, обично се воспоставува менструалниот циклус. Минимум шест недели после породување не се препорачува користење тампони, и генерално со нивната употреба треба да се причека неколку месеци. Во првите осум недели се препорачува туширање, а не бањање во када.
Нова бременост: Иако родилката нема менструација, или и е неуредна, може да остане бремена многу брзо после првото породување, па важно е да се консултира со својот лекар околу контрацепцијата, затоа што нејзиното тело бара заздравување после породувањето и енергија за доење на детето, и не е за толку кратко време подготвено и доволно силно за нова бременост.
Кегелови вежби: Овие вежби помагаат ѕидовите на вагината и мускулите на карличното дно после породувањето пак да ја добијат својата нормална големина, цврстина и еластичност. Се прават така што свесно се изведуваат контракции на мускулите на карличното дно во траење од пет секунди, со тоа што после 10 секунди ќе се повтори контракцијата. Оваа вежба е најслична на ситуацијата со прекинување на мокрењето. Кегеловите вежби се изведуваат неколку пати на ден.
Мајка и бебе
После породувањето, мајката има развиено грижа за своето бебе, го сака веднаш покрај себе. Поради тоа треба да се знаат следните податоци.
Вагинално породување: Ако породувањето минало без компликации, мајката многу брзо ќе биде сместена на породилното одделение, заедно со бебето.
Породување со вакуум екстракција: Ако бебето е родено со вакуум екстракција, може да биде згрижено на одделение за неонаталогија, или на одделение за интензивна нега. Таму бебето ќе има стручна нега и интензивен надзор.
Царски рез: Бебето родено со царски рез се згрижува на одделение за новороденчиња, затоа што родилката првите неколку денови после царскиот рез нема сила и подвижност да се грижи за своето дете.
Епизиотомија
Хируршката „одбрана“ на меѓицата (ткивото помеѓу вагината и аналниот отвор) од неконтролирано пукање се нарекува епизиотомија (рез од неколку сантиметри). Лекарот и бабицата ќе проценат дали е потребна оваа хируршка интервенција во текот на породувањето. После породувањето резот се шие, а конците се ресорбираат за десет дена. Доколку дојде до крвавење и оток, потребно е родилката да се јави кај својот лекар. После епизиотомија се препорачува лежење од неколку недели, избегнување седење и кревање тешки предмети.