[vc_column width="1/1"]
Важни се помошта, поддршката и разбирањето
д-р Валентин Николов, акушер-гинеколог
Балансираната исхрана и редовната физичка активност, мирната средина, љубовта, вниманието и поддршката од семејството, се важни како за физичко заздравување на мајката по раѓањето на детето, така и за нејзината адаптација на нови промени во животот и енергија за грижа за новороденчето
Најсериозен испит, најважен настан и најголема промена во животот на една жена е раѓање дете. Што се случува со нејзиното здравје, со нејзиното тело и психата по девет месеци бременост и раѓањето дете?
Какви физички промени се случуваат во телото на жената по породувањето?
По породувањето женското тело станува поженствено, хормоните се раздвижени, постојат промени на гениталиите и во физиологијата на млечните жлезди. Всушност, организмот на жената не е ист како и пред бременоста и породувањето. Природата, секако, настојува жената во целост да заздрави како физички, така и психички. Меѓутоа, кај еден дел жени тежината не се враќа на онаа од пред бременоста и породувањето. Наспроти тоа, многумина мислат дека жената го достигнува својот најдобар физички и естетски изглед по раѓање дете.
Дали начинот на заздравување зависи од тоа какво било породувањето – природно, со царски рез или со анестезија?
Без разлика дали жената се породила природно или со царски рез, ендокриниот систем заздравува на ист начин. Меѓутоа, заздравувањето на жената во првите денови по породувањето е нешто побавно кога е применета тотална анестезија. При епидурална и спинална анестезија, кога не доаѓа до губење на свеста, туку само блокада на болката, доаѓа до побрзо заздравување и родилката веќе по неколку часа може да стане од кревет.
Кога постои ризик од добивање маститис по породување?
Во првите денови од доењето, градите набабруваат од прилив на млеко. Ако со доењето на бебето или со измолзувањето не се испразнат во целост, може да дојде до застој во доењето. Лактацискиот маститис најчесто се појавува кога млечниот канал во дојката ќе се затне, при што во него ќе се задржи млеко, што е идеална средина за развивање и размножување бактерии. Бактериите влегуваат во дојката низ пукнатините на брадавицата и најчесто тоа се стрептококи, кои се наоѓаат на површината на кожата или устата на доенчето. Поради тоа многу е важна претходна подготовка на брадавиците за доење и строго одржување хигиена на доенчето.
Во текот на бременоста идната мајка треба да биде информирана каква облека и долна облека треба да носи, како да ги негува брадавиците со масло и крем да не пукаат, како да ги масира градите, како да ги мие пред и по доење, како да се измолзува, при доење да ги користи двете дојки. Големиот дел од инфекциите настануваат во текот на првиот и вториот месец по породувањето и во моментот на престанување со доење. Обично ја зафаќаат едната дојка. Кај чувствителност, оток, црвенило и топлина на градите неопходна е консултација со лекар.
Дали е вистина дека доењето помага за побрзо заздравување?
Доењето доведува до рефлексно побрзо „враќање“ на гениталиите на жената во нормална состојба. Освен тоа, од мајчиното млеко бебето зема многу вредни имуни тела. Затоа е пожелно да се дои минимум еден месец, а ако не постојат здравствени препреки се препорачува со доење на детето околу шест месеци.
Дали годините на жената влијаат на времето на враќање во форма?
Да, влијаат. Младите жени многу побрзо влегуваат во ритам, во форма. Естетски, тоа е индивидуално прашање. Има жени кои и на 25 тешко заздравуваат. Други, кои имаат 42, заздравуваат многу побрзо. Ова зависи и од психата на жената.
Кои се емотивните промени во постпородилниот период?
На почетокот на постпородилниот период емоционалните промени се многу драматични. Поврзани се со извесна хормонска криза на родилката, зашто нивото на сите хормони вртоглаво паѓа по породувањето. Плацентата е основен извор на огромни количини хормони и тој пад на хормони доведува до психички промени кај жената. Најчести се: психози, лошо расположение, депресија, па дури и нагон и обид за самоубиство. Според истражувањата, секоја осма жена страда од постпородилна депресија.
Што е неопходно за физичко и психичко заздравување на мајката?
Балансирана храна и редовна физичка активност, мирна средина, љубов, внимание и поддршка од семејството. Цел тој склоп е неопходен мајката не само физички да заздрави, туку и да се адаптира на промените во животот, да има енергија да се грижи за новороденчето. Треба да избегнува „да јаде за двајца“, да зема протеини, витамини, олигоелементи и да избегнува масти и јаглехидрати. Важно е да консумира доволно калциум, кој е важен за коските, косата, забите и ноктите. Важно е да се следи нивото на хемоглобин, бидејќи бебињата земаат многу железо преку мајчиното млеко.
Ако родилката има тегоби, важно е да се консултира со лекари специјалисти. Со гинеколог, доколку има потешкотии во сексуалниот живот, или, на пример, зголемено бело прање и промени во менструалниот циклус. Со ендокринолог, ако во бременоста се здебелила повеќе од 17 килограми, а и покрај трудот по породувањето останала прекумерната тежина. Со психолог, ако постпородилната депресија трае подолго од 10 дена и се продлабочува. Во секој случај, корисно е одржување контакт со личен лекар и придржување до неговите совети за режимот на исхрана, дополнително земање витамини и додатоци во исхраната, како и сè друго поврзано со здравјето на мајката.
Нормални промени
- Поради високо ниво на естроген, трудницата обично има сјајна и густа коса, но кога нивото на хормони по породувањето ќе се намали, косата често почнува да опаѓа повеќе од порано. Меѓутоа, по 6 месеци сè се враќа во нормала.
- Нормално е жената и до осум недели по породувањето да има крвавење кое е карактеристично за последните денови од менструалниот циклус, но не би требало да чувствува болки. Исто така, крвавењето не би смеело да биде преобилно и со непријатен мирис.
- Тежината може да предизвика отечени стапала. Повеќето жени набрзо се враќаат на претходниот број чевли.
- Лекарите препорачуваат воздржување од секс во првите шест недели по породувањето. Ова се однесува како на жени кои родиле вагинално, така и на оние кои родиле со царски рез.
Една година заздравување
Иако заздравувањето по породувањето е индивидуално, денес се смета дека за целосно заздравување е потребна околу една година, кога „сè доаѓа на свое место“, односно барем онолку време колку што телото се менувало и приспособувало на бременоста. Доаѓањето на детето е навистина преубав настан, но и стресен, па на секоја жена по породување £ е потребна помош и разбирање. Дури и кога физички брзо ќе заздрави, треба да се земе предвид и нејзиното психолошко заздравување кое многу зависи од поддршката на околината.