[vc_column width="1/1"]
Секогаш бара преглед од педијатар
д-р Радмила Косиќ
Некои видови жолтица се физиолошки и бенигни и поминуваат без лекување, некои се последица од инфективни болести, а најтешките се последица од вродени аномалии во градбата на црвените крвни зрнца или жолчните патишта
Жолтицата се препознава по жолтата обоеност на кожата и слузокожата, која е предизвикана од прекумерна концентрација на билирубин во крвта. Детето треба да се прегледа на природна светлина и да се утврди дали постои обоеност на белката на очите, дланките и табаните.
Причината се утврдува врз основа на возраста, начинот на исхрана и интензитетот на жолтата обоеност. Некои видови жолтица се физиолошки и бенигни и поминуваат без лекување, некои се последица од инфективни болести, а најтешките се последица од вродени аномалии во градбата на црвените крвни зрнца или жолчните патишта. Поради тоа секоја жолта обоеност на кожата кај детето бара преглед од педијатар и утврдување на причината за појава.
БИЛИРУБИНОТ е портокалов пигмент кој настанува со разложување на хемоглобинот од црвените крвни зрнца. Нашите црвени крвни зрнца имаат век на траење од околу 120 дена, потоа се распаѓаат, а распаднатите продукти се преработуваат до безопасни материи кои се исфрлаат од организмот преку мочта или изметот.
Најголема „лабораторија“ во нашето тело е црниот дроб, кој има пресудна улога да го преработи хемоглобинот во билирубин растворлив во вода. Овој процес се случува постојано. Жолтица се јавува само доколку дојде до таложење на билирубин. Билирубинот во голема концентрација е потенцијално токсична материја, бидејќи ги оштетува клеточните мембрани и ги пореметува нормалните процеси во клетките. До зголемување на концентрацијата на билирубин ќе дојде поради прекумерно распаѓање на еритроцити, недоволна преработка во црниот дроб или забавена елиминација од организмот.
ФИЗИОЛОШКА ЖОЛТИЦА КАЈ НОВОРОДЕНЧЕ е бенигна жолтица во првата недела кај здраво, навреме родено дете. Никогаш не се јавува во првиот ден од животот, клинички се губи во првата, а лабораториски во втората недела од животот. Зголемените вредности на билирубин во крвта не ја достигнуваат вредноста со која би го загрозиле здравјето на бебето.
На „силината“ на оваа жолтица влијае зрелоста на новороденчето, етничката припадност, надморската височина, болести на мајката, примената на лекови во текот на породувањето, задоцнето подврзување на папокот.
Детето не изгледа болно, нормално јаде и спие. Доколку вредноста на билирубинот брзо расте или бавно опаѓа, персоналот во родилиштето редовно ќе врши проверки на крвта. Ако е потребно, ќе се примени постапка на фототерапија. УВ-зрачењето го прави она што незрелиот црн дроб на новороденчето не може, па со оваа постапка се забрзува излачување вишок билирубин.
Детето се отпушта од родилиштето кога нивото на билирубин е нормално. Физиолошката жолтица не остава последици, не бара натамошни контроли, како ни лекување.
ЖОЛТИЦА КАЈ ДЕТЕ КОЕ Е НА ПРИРОДНА ИСХРАНА е предмет на многу клинички и теориски студии. Најчесто се јавува во втората или третата недела од животот кај деца кои исклучиво цицаат. Како причина се наведуваат материите од мајчиното млеко кои ја попречуваат преработката во црниот дроб и нормалната елиминација на билирубин.
Овие деца добро напредуваат, немаат никакви тегоби освен интензивна жолта обоеност на кожата, слузокожата и белката на очите. Најчесто не се презема ништо освен исклучување други можни причини на жолтица во оваа возраст и често земање крв за одредување ниво на билирубин. Евентуално може да се прекине со доење 48-72 часа, по што се очекува пад на билирубинот за дури 50%. Потоа се продолжува со доење, а жолтицата исчезнува. Интересно е дека млекото на таа мајка не би предизвикало жолтица кај друго новороденче.
ПРОДОЛЖЕНА И ИНТЕНЗИВНА ЖОЛТИЦА кај новороденче може да биде последица за несовпаѓање на крвните групи и Rh-факторот на мајката и детето; вродени недостатоци кај ензимите во црниот дроб за преработка на билирубин; вирусни, бактериски или паразитски инфекции на плодот во утробата на мајката; ретки болести на метаболизмот на јаглехидратите; вроден недостаток во градбата на жолчните патишта.
Причини има бројни, па секое новороденче со интензивна или продолжена жолтица интензивно се испитува уште во родилиштето. Единствено физиолошката жолтица не се лекува, а доколку причината е од друга природа, детето се упатува на понатамошна дијагностика и лекување. Причината мора да се утврди во краток рок, зашто би можела да дојде до израз токсичноста на оваа материја (најголеми оштетувања, за жал, трпат клетките на нервниот систем).
КАЈ ПОСТАРИ ДЕЦА неочекувана појава на жолта обоеност најчесто ќе укаже на инфективни заболувања на црниот дроб – заразна жолтица.
ХЕПАТИТИС А е заразна вирусна болест која спаѓа во „болести на валкани раце“. Се јавува во помали епидемии, често кај мали деца, во средини со лоши хигиенски навики. Почнува со зголемена температура, замор, мачнина и повраќање. Вирусот се размножува во црниот дроб – оттаму честата болка под десното ребро.
Се појавува жолтило на кожата и белката, мочта станува потемна („како пиво“), а изметот посветол. Се јавува чешање на кожата и нетипичен исип. По две недели малиот пациент се чувствува подобро. При преглед може да се напипа зголемување на црниот дроб, во крвта секогаш има зголемени вредности на билирубин, а тестовите укажуваат на инфективна природа на болеста.
Од болеста најчесто целосно се оздравува, хронично бацилоносителство нема, а имунитетот е доживотен. Со подобрување на условите за живот, регулација на водоводот и отпадните води, оваа болест сè поретко се јавува.
ХЕПАТИТИС Б е вирусно заболување на црниот дроб, се пренесува преку крвта – со заразени игли, нестерилни инструменти, сексуален контакт, од мајката на плодот во тек на бременост или породување. Почест е кај адолесценти и возрасни.
Клиничката слика не се разликува многу од хепатитис А, освен што има подолг и потежок тек, постои хронично бацилоносителство и можна хронична болест на црниот дроб по прележаната болест. Вакцинацијата е дел од задолжителниот календар во најголем број земји. Следење на појавата на хепатитис Б и контрола на хронично бацилоносителство се дел од секојдневната работа на инфектологот и епидемиолог.
Преглед од страна на педијатар или инфектолог е задолжителен за секое дете, од која било возраст, кај кого ќе се појави жолта обоеност на кожата и слузокожата. На засилување на жолтицата кај новороденче кое е отпуштено од родилиштето секогаш треба да им се обрне внимание на патронажната сестра или педијатарот, кој со контрола на нивото на билирубин во крвта и преглед ќе установи за каква жолтица се работи.
Каротинемија
Воведување големи количини жолто или портокалово овошје и зеленчук во исхраната на доенчето може да има за последица жолта обоеност на дланките, табаните и пределот околу носот. За разлика од жолтицата, белките никогаш не се обоени. Оваа појава се нарекува каротинемија и не е опасна по здравјето. Сепак, од естетски причини се советува измена во начинот на исхрана.