Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЗИМАТА ЈА СУШИ КОЖАТА

декември 1, 2018

Природни решенија за честиот проблем

 

Време е лесните креми и лосиони да ги замениме со помасни и похранливи препарати.

 

Автор: Весна Марковиќ

 

Доаѓањето на постудените денови пред нашата кожа поставува бројни предизвици.

Студот и ветерот ја сушат, слоевите од гардеробата ѝ оневозможуваат да биде во контакт со посвеж воздух, додека престојот во затворени простории со сув воздух само дополнително ја влошува ситуацијата. За среќа, постојат решенија од природата кои може да ни помогнат.

 

Нега на лицето

Користењето на едноставни маски подготвени од мед и јогурт може да му помогне на вашето лице во текот на зимските месеци. Една супена лажица помасен јогурт помешан со две лажици мед, претходно стопен во сад со млака вода, дава смеса која би требало да се нанесе на лицето со нежни движења и да се остави да дејствува 15 минути. Маската отстранете ја со мек, топол, влажен пешкир. Избегнувајте употреба на шминки и препарати кои ги затвораат порите (комедогено својство). Во деновите кога температурата ќе падне под нулата на лицето не треба да ставате креми што содржат вода, затоа што микрокристалите од мразот ќе придонесат за оштетување на кожата. За нега на усните користете балсами на база на природни масла.

 

Нега на телото

Доколку практикувате опуштање во када, додадете во водата малку од своето омилено природно масло (кокосово, бадемово, маслиново или кое сакате), или комбинација од неколку различни масла. Пилингот на кожата на телото можете да го направите со помош на влажна фротирска ракавица натопена во смеса направена од лимонов сок, пет лажици морска сол и една лажица маслиново девствено масло.

 

Чувствителните подрачја како што се петите, лактите, рацете и стапалата можете да ги негувате со домашен крем против испукана кожа. Едноставно е да се направи, а почнете така што ќе направите водено купатило за загревање на пчелин восок. Во тенџере со вода ставете друго помало тенџере и во него растопете две лажици восок на тивок оган (водениот слој помеѓу тенџерињата спречува загорување). Потоа додадете лажица дестилирана вода и пола шолја какао путер. Сè помешајте, тргнете од оган и потоа постепено додадете четири лажици кокосово масло и една лажица маслиново масло со лесно, но константно мешање. Кога сè ќе се соедини, прелејте во чиста тегличка и оставете да се стегне на собна температура. Со добиениот крем негувајте ги испуканите и оштетени места.

За оние кои немаат време и дарба за самостојно подготвување препарати за нега, во аптеките постои цела низа производи подготвени на природна база. Жолтото ноќниче зазема значајно место на листата на нивните состојки, а за изборот за млеко за тело и останати препарати за нега кои најмногу ќе одговараат на вашиот тип на кожа консултирајте се со својот фармацевт.

 

Што уште можеме да направиме?

Ве потсетуваме дека за сушењето на кожата придонесува и туширањето и лежењето во када со претопла вода, како и употреба на агресивни сапуни и шампони. Лошите животни навики, како пушење и консумирање алкохол, доведуваат до намалување на природните одбранбени способности на нашата кожа, а претерана консумација на кафе и чај, кои се диуретици, исто така, не е добра. Со правилна исхрана и редовна хидратација, потрудете се и во просториите каде престојувате да обезбедите оптимална влажност на воздухот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>