Сè е полесно со танц, посебно губењето вишок килограми.
Автор Марко Симиќ
Во текот на изминатите две децении зумбата стекнала свои приврзаници во дури 186 земји во светот, а бројот на регистрирани активни вежбачи пред четири години бил поголем од 14 милиони и сè уште се зголемува. Својата планетарна популарност овој вид рекреација ја должи на забавната комбинација на танцови движења и латино ритми. Меѓутоа, ништо помалку значаен не е ни здравствениот ефект на зумбата, со посебен акцент на ефикасна регулација на вишокот телесна маса.
Како започнала зумба епидемијата?
Колумбискиот играч и кореограф Алберто Бето Перез, сега веќе во далечната 1998 година, заборавил да ја понесе касетата со музика предвидена за одржување час по аеробик. Часот морало да се одржи, а Перез кај себе имал само касета со снимени салса и меренге ритми. Кога ја пуштил музиката, сфатил дека мора со движење да го следи ритамот, па почнал да уфрла одредени танцови елементи. Сето ова наишло на добар прием кај присутните вежбачи и Перез набрзо открил дека е на добар пат. Првобитно името на новиот вид фитнес било румбасајз (комбинација од зборовите румба и џезерсајз), меѓутоа зумба звучело поефектно. На почетокот на новиот милениум се здружил со уште двајца партнери и наскоро почнале многу успешно да продаваат зумба курсеви снимени на Ди-ви-ди формат. Го заштитиле името и програмата, така што за држење зумба тренинзи мора да имате официјална лиценца.
Четири ритми, шеснаесет чекори, десет нивоа
Најчесто се присутни четири основни ритми: салса, меренге, регетон и кумбиа, иако се вежба и со останати латино ритми. Зумба кореографиите се составени од комбинација на некои од шеснаесетте основни танцови чекори. Секој од основните ритми има четири основни чекори. Тренинзите се одвиваат на десет различни нивоа приспособени на различни старосни групи и нивната физичка подготвеност.
Zumba Gold е програма наменета за почетниците и постари лица кои вежбаат. Комбинација на степ аеробик и зумба танц ја прави Zumba Step програмата за јакнење на долниот дел од телото. Zumba Toning претставува комбинација на кардиотренинг и тренинг на салса и придонесува за јакнење на сите мускулни групи. Aqua Zumba е збир од вежби кои се одвиваат во базен, а движењата се истоветни на Zumba Fitness програмата. Zumba in the Circuit тренинзите траат 30 минути во текот на кои се изведуваат вежби на снага во точно одредени интервали. За вежбачи со старост од 7 до 11 години се подготвени Zumba Kids и Zumba Kids Jr. програми. За повозрасната популација е посебно приспособен Zumba Gold Toning систем на вежби, кои придонесува за нивно подобро држење, мобилност и подобрување на координацијата. Пред три години е лансиран и Strong by Zumba програма на тренинг со висок интензитет. За оние најмладите на возраст од 0 до 3 години е креирана Zumbini програма на вежби. Plate by Zumba на сите заинтересирани им нуди совети за здрава исхрана.
Здравствени придобивки
По зумба тренинг едноставно не можете а да не бидете насмеани и покрај евентуалното воспаление на мускулите. Подобрување на општиот тонус на организмот, правилно држење, подобра координација на движењата, флексибилност и ангажирање на сите мускулни групи, со посебно добар ефект на кардиоваскуларниот систем, се евидентни предности на овој начин на вежбање. Кога на тоа го ќе додадеме согорувањето на масните наслаги, добиваме комплетна слика за оправданоста на одењето на час по зумба. Што чекате?
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци