Милица Алексиќ
Кога тврдите слоеви на клетките од кожата на главата се лупат незабележливо, во облик на поголеми и помали лушпички и се видливи во коренот на косата, но и на облеката, тогаш тоа е козметички и естетски проблем, а во некои случаи и медицински, кој го нарекуваме првут. Со зголемено создавање првут на епидермот може да се јават и црвенило и чешање и тогаш треба да се консултира дерматолог, бидејќи тоа може да бидат и симптоми на себореичен дерматитис или псоријаза.
Секој месец епидермот се обновува, но во нормални ситуации отфрлањето клетки не е видливо. Во случај на видлив првут овој процес на обновување на кожата на главата е забрзан и естетски непријатен, личноста која страда од овој проблем изгледа неуредно, што создава несигурност и ја нарушува самодовербата и со самото тоа се намалува квалитетот на живот. Создавањето првут може да биде упорен проблем, во некои случаи и хроничен, па треба што побргу да се реши.
Хигиена: Секојдневното миење на косата со нежен шампон може да помогне и да ја редуцира количината на првут, но не може во целост да се излекува. Редовната хигиена го отстранува вишокот нечистотија и маснотија од косата и кожата на главата, како и самиот првут, но бидејќи обично е во прашање габично заболување на епидермисот, потребен е и третман на скалпот со шампони кои во себе содржат антимикотици.
Шампони и креми: На пазарот постои голем број различни препарати (шампони, гелови, креми, лосиони), кои даваат добри резултати во лекување првут, ако се применуваат на адекватен начин. Меѓутоа, што да се избере треба да се одлучи во консултација со дерматолог и фармацевт. Повеќето препарати содржат антигабични супстанции (кетоконазол, клотримазол, миконазол), а некои имаат еден или повеќе проценти хидрокортизол, кортикостероиди (флуоцинолон ацетонид), цинк пиритон, селениум сулфид, како и деривати на катран. Поради тоа многу е важно пред третман да се посети дерматолог, односно да се посоветувате со фармацевт.
Дополнителна инфекција: Еднаш излечениот првут не е гаранција дека нема повторно да се појави секундарна инфекција. Веројатно нема ни еден човек кој барем еднаш во животот не се соочил со овој проблем. Првутот може да се појави прв пат кај тинејџер, но и да се јавува во текот на животот. Развојот на габички кои предизвикуваат прекумерно и видливо создавање првут на епидермот на главата зависи и од себумот, кој може да биде генетски предодреден. Статистички гледано, мажите се поподложни од жените, поради машките хормони кои ја поттикнуваат продукцијата на себум. Исто така, во зимскиот период првутот е поизразен.
Она што, секако, треба да се избегнува е чешање на коренот од косата, бидејќи тоа дополнително го иритира епидермот и доведува до зголемено производство на првут. Шампоните против првут треба да се користат според упатството, бидејќи само така може воспалението на кожата да се смири, да се отстрани себумот, а габичката malessezia, која се смета за главен „виновник“ за првутот да се држи под контрола.