Нега и во зимските деновиМилица Алексиќ
Ниските надворешни температури, влагата, снегот и ветерот, носењето капи и сушење на косата со фен, комбинирано со престој во загреани простории со сув воздух на работа и дома, лошо влијаат на косата, ја оштетуваат и ја сушат. За да имаме здрава коса и во текот на зимските денови, потребна е дополнителна нега. Таа, покрај редовното миење со хидрантни шампони и употреба на регенератор, подразбира и ставање маски на косата. За негата да биде успешна, во зимските денови треба да се избегнува користење гелови и спрејови на база на алкохол, бидејќи ја сушат косата, а ако косата ви е наелектризирана, не носете марами и капи од синтетички материјали.
Природните маски за коса лесно се прават од маслиново масло (ја хидрира), млеко (витаминот Б ја „храни“ косата), лимон (ја отстранува маснотијата), мед (одличен регенератор), кокосово масло (ѝ дава сјај и мекост), јаболков оцет и банана (го отстрануваат првутот), авокадо (богато со витамини А и Е), глицерин (одличен навлажнувач), јајца (ја хранат косата), па дури и мајонез, кој се покажа како одлично пакување бидејќи содржи масло, јајце и лимон.
Сува коса: Се препознава по краевите кои лесно се кршат, па важно е да се кратат секои два до три месеци. Влакното е суво, кршливо и безживотно, што е последица на намалено производство на лојни жлезди. Сувата и оштетена коса бара постојана нега. Природните маски кои содржат протеини и масла се најдобри. Сматете јајце, сок од половина лимон, и две лажици маслиново масло. Смесата нанесете ја на влажна коса, нежно масирајќи го скалпот. Оваа маска е богата со витамини А, Д и Ц и добро ќе ја нахрани косата и ќе ѝ даде влажност. Маската држете ја 30 минути, а косата измијте ја со нежен шампон.
Оштетена коса: Боењето, минивалот и фенирањето ја оштетуваат косата, па неопходна ѝ е дополнителна нега која ќе ѝ обезбеди влажност и сјај. Маската направена од две лажици мед и две лажици маслиново или кокосово масло е одлична. Смесата треба рамномерно да се нанесе и да се држи 50 минути, па косата да се измие со неутрален шампон. За оштетена коса благотворни се и овошните маски. Згмечете банана, или авокадо, измешајте ги со малку глицерин (дава влажност и го олеснува нанесувањето), па држете на косата 30 минути. Измијте ја косата со шампон за оштетена коса.
Мрсна коса: Мрсната коса е последица на зголемено лачење на лојните жлезди, па изгледа залепено и безживотно. Се препорачува секојдневно миење со едно шампонирање, како и користење на многу нежни шампони. На ваквата коса можете да ѝ го вратите сјајот ако во водата за измивање додадете сок од лимон, а можете и оцет. Направете маска од банана и мед, нанесете ја на влажна коса и држете половина час.
Комбинирана коса: На коренот мрсна, а на краевите сува – ова се карактеристики на комбинираната коса. Добра маска за овој тип коса се прави од жолчка, лажица мед и сок од половина лимон. Кога ќе добиете компактна маса, нанесете ја на сува коса и држете половина час, а потоа косата измијте ја со нежен шампон.